Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 55: Едно мало дете му служи на Бог

Приказна 55: Едно мало дете му служи на Бог

ЗАРЕМ не е убаво ова детенце? Се вика Самоил. А човекот што ја држи раката врз главата на Самоил е израелскиот првосвештеник Илиј. Татко му на Самоил, Елкана, и мајка му, Ана, го довеле Самоил кај Илиј.

Самоил се сретнува со првосвештеникот Илиј

Самоил имал само четири-пет години, но требало да живее во Јеховиниот свет шатор заедно со Илиј и со другите свештеници. Зошто Елкана и Ана воопшто го довеле Самоил толку мал да служи во Јеховиниот свет шатор? Ајде да видиме.

Неколку години пред тоа, Ана била многу тажна затоа што не можела да роди бебе, кое толку многу го посакувала. Затоа, кога еднаш го посетила Јеховиниот свет шатор, Ана се молела: 'О Јехова, немој да ме заборавиш! Ако ми дадеш син, ти ветувам дека ќе ти го дадам тебе за да ти служи цел живот‘.

Јехова одговорил на молитвата на Ана, и по неколку месеци таа го родила Самоил. Ана го сакала своето синче и почнала да го учи за Јехова уште додека било многу мало. Таа му рекла на својот сопруг: 'Штом Самоил доволно ќе порасне за да не морам да го дојам, ќе го одведам во светиот шатор за таму да му служи на Јехова‘.

И токму тоа го направиле Ана и Елкана, како што гледаме на сликата. И поради тоа што бил толку добро поучен од своите родители, Самоил се радувал што можел да му служи на Јехова во Неговиот свет шатор. Секоја година, Ана и Елкана доаѓале за да му укажат почит на Јехова во овој посебен шатор и да го посетат своето синче. И секоја година Ана му носела на Самоил по една нова туника, односно облека без ракави што ја направила за него.

Годините минувале, а Самоил сѐ уште служел во Јеховиниот свет шатор. И Јехова и народот го сакале Самоил. Но синовите на првосвештеникот Илиј, Офни и Финес, не биле добри луѓе. Тие правеле многу лоши работи, а ги терале и другите да му бидат непослушни на Јехова. Илиј требало да им ја одземе задачата да служат како свештеници, но не го сторил тоа.

Младиот Самоил не дозволил ниту една од лошите работи што се правеле во светиот шатор да го натера да престане да му служи на Јехова. Но поради тоа што само мал број луѓе навистина го сакале Јехова, Тој долго време не зборувал со некој човек. Еве што се случило кога Самоил потпораснал.

Самоил спиел во светиот шатор кога некој глас го викнал. Тогаш се разбудил и рекол: 'Еве ме!‘ Потоа станал и отрчал кај Илиј, па му рекол: 'Ти ме викаше, па затоа дојдов‘.

Но Илиј му одговорил: 'Јас не те викнав. Врати се во кревет‘. И Самоил се вратил во кревет.

Тогаш некој го повикал по втор пат: 'Самоил!‘ Затоа Самоил станал, отрчал кај Илиј и му рекол: 'Ти ме викна, па затоа дојдов‘. Но Илиј му одговорил: 'Јас не те викнав, сине. Оди, легни си‘. И Самоил се вратил во кревет.

'Самоил!‘ — го викнал гласот по трет пат. Затоа Самоил отрчал кај Илиј и му рекол: 'Еве дојдов. Ти сигурно ме викна овој пат!‘ Илиј сфатил дека мора Јехова да е тој што го викал. Затоа му рекол на Самоил: 'Оди и пак легни си, и ако те вика уште еднаш, одговори му: "Зборувај, Јехова, зашто твојот слуга те слуша“‘.

Токму тоа го рекол Самоил кога Јехова повторно го викнал. Тогаш Јехова му кажал на Самоил дека ќе ги казни Илиј и неговите синови. Подоцна Офни и Финес умреле во битка со Филистејците, а Илиј, кога слушнал што се случило, паднал наназад, си го скршил вратот, па умрел и тој. Така се исполнило она што го рекол Јехова.

Самоил пораснал и станал последниот судија во Израел. Кога остарел, народот го замолил: 'Избери ни еден цар за да владее над нас‘. Самоил не сакал да го стори тоа бидејќи Јехова бил нивниот цар. Но Јехова му рекол да го послуша народот.

1. Самоилова 1:1-28; 2:11-36; 4:16-18; 8:4-9.



Прашања

  • Како се вика малото дете на сликата, и кои се другите?
  • За што се молела Ана кога еднаш го посетила Јеховиниот свет шатор, и како Јехова ѝ одговорил?
  • Колку години имал Самоил кога бил одведен да служи во Јеховиниот шатор, и што правела мајка му за него секоја година?
  • Како се викале синовите на Илиј, и какви луѓе биле тие?
  • Како Јехова го повикал Самоил, и каква порака му дал?
  • Што станал Самоил кога пораснал, и што се случило кога остарел?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Самоилова 1:1-28.

    Кој одличен пример за семејните поглавари го дал Елкана со тоа што го предводел своето семејство во службата за вистинскиот Бог? (1. Сам. 1:3, 21; Мат. 6:33; Фил. 1:10).

    Која поука можеме да ја извлечеме од начинот на кој Ана решила еден сложен проблем? (1. Сам. 1:10, 11; Пс. 55:22; Рим. 12:12).

  • Прочитај 1. Самоилова 2:11-36.

    На кој начин Илиј им укажувал поголема чест на своите синови отколку на Јехова, и како ова ни служи како предупредување? (1. Сам. 2:22-24, 27, 29; 5. Мој. 21:18-21; Мат. 10:36, 37).

  • Прочитај 1. Самоилова 4:16-18.

    Која четирикратна лоша вест дошла од бојното поле, и како влијаело тоа врз Илиј?

  • Прочитај 1. Самоилова 8:4-9.

    Како Израелците многу го навредиле Јехова, и на кој начин можеме ние лојално да го поддржуваме неговото Царство денес? (1. Сам. 8:5, 7; Јован 17:16; Јак. 4:4).