Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 28: Како бил спасен Мојсеј кога бил бебе

Приказна 28: Како бил спасен Мојсеј кога бил бебе

ВИДИ ГО бебенцево што плаче и се држи за прстот на жената. Тоа е Мојсеј. Знаеш ли која е оваа убава жена? Таа е една египетска принцеза, ќерка на фараонот.

Ќерката на фараонот го наоѓа Мојсеј

Мајка му на Мојсеј го криела сѐ додека не наполнил три месеци, затоа што не сакала Египќаните да го убијат. Но знаела дека тие би можеле да го најдат Мојсеј, па еве што сторила за да го спаси.

Зела една кошница и ја направила за да не пропушта вода. Потоа го ставила Мојсеј во неа и ја оставила кошницата во високата трева во реката Нил. Тогаш ѝ рекле на сестра му на Мојсеј, Маријам, да стои во близина за да види што ќе се случи.

Наскоро, ќерката на фараонот слегла на реката Нил за да се капе. Одеднаш ја здогледала кошницата во високата трева. Тогаш ѝ рекла на една од своите слугинки: 'Оди, земи ја кошницана и донеси ми ја‘. Кога ја отворила кошницата, принцезата видела едно многу убаво бебе! Малиот Мојсеј плачел, а на принцезата ѝ паднало жал за него. Таа не сакала тој да биде убиен.

Тогаш излегла Маријам. Можеш да ја видиш на сликата. Маријам ја прашала ќерката на фараонот: 'Сакаш ли да отидам и да викнам некоја Израелка за да ти го дои детето?‘

'Те молам, стори го тоа‘, рекла принцезата.

Затоа Маријам брзо отрчала за да ѝ каже на мајка си. Кога мајка му на Мојсеј дошла кај принцезата, принцезата ѝ рекла: 'Земи го ова бебе и дој ми го, а јас ќе ти платам‘.

Така мајка му на Мојсеј се грижела за своето сопствено дете. Подоцна, кога Мојсеј потпораснал, го одвела кај фараоновата ќерка, која го посвоила како свој син. Така Мојсеј пораснал во куќата на фараонот.

2. Мојсеева 2:1-10.



Прашања

  • Кое е бебето на сликата, и за чиј прст се држи?
  • Што направила мајка му на Мојсеј за да не биде убиен?
  • Кое е малото девојче на сликата, и што направило тоа?
  • Што ѝ предложила Маријам на фараоновата ќерка, откако таа го нашла бебето?
  • Што ѝ рекла принцезата на Мојсеевата мајка?

Дополнително прашање

  • Прочитај 2. Мојсеева 2:1-10.

    Каква можност имала мајка му на Мојсеј за да го воспитува и да го учи Мојсеј додека бил мал, и каков пример е тоа за родителите денес? (2. Мој. 2:9, 10; 5. Мој. 6:6-9; Изр. 22:6; Еф. 6:4; 2. Тим. 3:15).