Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 19: Јаков има големо семејство

Приказна 19: Јаков има големо семејство
Јаков и неговите синови

ПОГЛЕДНИ ГО ова големо семејство. Тоа се 12-те синови на Јаков. Тој имал, исто така, и ќерки. Дали знаеш како се викале овие деца? Ајде да дознаеме некои имиња.

Лија ги родила Рувим, Симеон, Леви и Јуда. А Рахела, кога видела дека не може да има деца, била многу тажна. Затоа му ја дала на Јаков својата слугинка Вилха, па Вилха имала два сина, кои се викале Дан и Нефталим. Тогаш и Лија му ја дала на Јаков својата слугинка Зелфа, и Зелфа ги родила Гад и Асер. По некое време Лија добила уште два сина, Исахар и Завулон.

На крајот и Рахела можела да роди дете. Му го дала името Јосиф. Подоцна ќе дознаеме многу повеќе работи за Јосиф, бидејќи тој станал мошне важен човек. Ова се 11-те синови што му се родиле на Јаков додека живеел кај Лаван, таткото на Рахела.

Јаков имал и ќерки, но Библијата спомнува само една од нив. Таа се викала Дина.

Дошло време кога Јаков одлучил да го напушти Лаван и да се врати во Ханаан. Затоа го собрал своето големо семејство, како и своите големи стада овци и говеда, и тргнал на долг пат.

По некое време откако Јаков и неговото семејство биле повторно во Ханаан, Рахела родила уште еден син. Тоа се случило додека биле на пат. На Рахела ѝ било многу тешко, и на крајот умрела при породувањето. Но со детето било сѐ во ред. Јаков му го дал името Венијамин.

Сакаме да ги запомниме имињата на 12-те синови на Јаков затоа што целиот израелски народ потекнал од нив. Всушност, 12-те племиња на Израел добиле имиња според 10-те синови на Јаков и двата сина на Јосиф. Исак живеел уште многу години откако се родиле сите овие деца, и сигурно бил многу среќен што имал толку многу внучиња. Но, да видиме што се случило со неговата внука Дина.

1. Мојсеева 29:32-35; 30:1-26; 35:16-19; 37:35.



Прашања

  • Како се викале шесте сина на Јаков, кои ги добил од својата прва жена Лија?
  • Кои два сина му ги родила на Јаков Зелфа, слугинката на Лија?
  • Како се викале двата сина кои му ги родила на Јаков Вилха, слугинката на Рахела?
  • Кои два сина ги родила Рахела, но што се случило кога го родила вториот син?
  • Според сликата, колку сина имал Јаков, и кој потекнал од нив?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Мојсеева 29:32-35; 30:1-26 и 35:16-19.

    Како ги добивале имињата еврејските машки деца во старо време, гледано од примерот на 12-те синови на Јаков?

  • Прочитај 1. Мојсеева 37:35.

    Иако само Дина е спомната по име во Библијата, од каде знаеме дека Јаков имал повеќе ќерки? (1. Мој. 37:34, 35).