Дали твоето име е во книгата на животот?
Поглавје 11
Дали твоето име е во книгата на животот?
САРД
1. Во каква духовна состојба се наоѓало собранието во Сард, и како Исус ја започнал својата порака?
НА 50-тина километри јужно од денешен Акхисар (Тијатира), се наоѓал Сард, градот каде што било сместено собранието на кое прославениот Исус му ја упатил својата следна порака. Во шестиот век пред нашата ера, овој град бил горда престолнина на древното царство Лидија, а таму се наоѓал и дворецот на многу богатиот цар Крез. Но, до времето на Јован, градот паднал толку ниско што сјајот кој го имал под владеењето на Крез потполно избледел. На сличен начин, тамошното христијанско собрание западнало во духовна сиромаштија. За првпат, Исус не ја започнува својата порака со пофалба. Наместо тоа, тој вели: „На ангелот на собранието во Сард напиши му: Ова го вели оној што има седум Божји духови и седум ѕвезди: ‚Ги знам твоите дела — носиш име дека си жив, а мртов си‘“ (Откровение 3:1).
2. а) Што значело за христијаните во Сард тоа што Исус има „седум духови“? б) На каков глас било собранието во Сард, но каква била неговата вистинска состојба?
2 Зошто Исус вели за себеси дека е „оној што има седум Божји духови“? Затоа што овие духови се симбол на светиот дух, кој Јехова му го дава во полна мера. Подоцна Јован ги опишува овие духови и како „седум очи“, со што укажува на продорниот вид кој Исус го има благодарение на Божјиот свет дух (Откровение 5:6). Затоа тој може да ја открие секоја можна ситуација и да се справи со неа (Матеј 10:26; 1. Коринќаните 4:5). Собранието во Сард е на добар глас — изгледа живо и активно. Но, Исус може да види дека во духовен поглед тоа е мртво. По сѐ изгледа, повеќето негови членови западнале во истата рамнодушност во која биле и пред да станат христијани. (Спореди Ефешаните 2:1-3; Евреите 5:11-14.)
3. а) Зошто за „ангелот на собранието во Сард“ било од особена важност тоа што Исус ги има ‚седумте ѕвезди‘? б) Каков строг совет му дал Исус на собранието во Сард?
3 Исус, исто така, го потсетува „ангелот на собранието во Сард“ дека ги има ‚седумте ѕвезди‘. Исус ги држи овие собраниски старешини во својата десна рака, што значи дека е овластен да ги води додека тие се грижат за овците. Старешините треба да бидат решени добро да го запознаат стадото (Изреки 27:23). Затоа е важно да обрнат посебно внимание на следните зборови на Исус: „Биди буден и зајакни го остатокот, кој само што не умрел, зашто не најдов дека твоите дела се извршени пред мојот Бог. Затоа имај го на ум она што си го примил и она што си го чул. Држи се за тоа, и покај се. Зашто, ако не се разбудиш, ќе дојдам како крадец, и нема да знаеш во кој час ќе дојдам врз тебе“ (Откровение 3:2, 3).
4. Како можеле зборовите на Петар да му помогнат на собранието во Сард ‚да го зајакне остатокот‘?
4 Старешините во Сард треба да се потсетат на радоста што ја чувствувале кога првпат ја дознале вистината и на благословите што ги добиле. Но сега, во поглед на духовните активности, тие се мртви. Светилката на нивното собрание трепери затоа што нивната вера не е поткрепена со дела. Со години пред тоа, апостол Петар им пишал на собранијата во Азија (најверојатно и на Сард) со цел да го продлабочи нивното ценење за славната добра вест, која христијаните ја прифатиле и ја објавувале „со светиот дух испратен од небото“ — претставен со седумте духови од видението на Јован. Освен тоа, Петар ги потсетил овие христијани во Азија дека тие се ‚избран род, царско свештенство, свет народ, народ кој е Божја сопственост, за да ги објавуваат доблестите на оној што ги повикал од темнината во својата прекрасна светлина‘ (1. Петрово 1:12, 25; 2:9). Доколку размислуваат длабоко за овие духовни вистини, членовите на собранието во Сард ќе можат да се покаат и ‚да го зајакнат остатокот‘. (Спореди 2. Петрово 3:9.)
5. а) Што се случило со ценењето што го имале христијаните во Сард? б) Што ќе се случело ако христијаните во Сард не го послушале советот на Исус?
5 Во овој момент, нивното ценење и љубов за вистината се како оган кој само што не изгаснал. Само неколку жарчиња тлеат. Исус ги поттикнува да ја запалат искрата, да го разгорат огнот, да се покаат за гревовите во кои западнале поради својата немарност и повторно духовно да оживеат како собрание. (Спореди 2. Тимотеј 1:6, 7.) Во спротивно, кога Исус ќе дојде неочекувано — „како крадец“ — за да ја изврши пресудата, собранието во Сард нема да биде подготвено да го дочека (Матеј 24:43, 44).
Доаѓа „како крадец“
6. На кој начин Исус дошол „како крадец“ во 1918 година, и во каква состојба ги нашол оние што тврделе дека го следат?
6 Исус предупредил дека доаѓа „како крадец“, и ова предупредување сѐ уште важи. Тоа беше од особена важност за христијаните што беа живи кога почна денот на Господарот. Кратко по 1914 година, се исполни следново пророштво од Малахија: „,Одненадеж во својот храм ќе дојде Господарот, кого вие го барате, и гласникот на сојузот, кому му се радувате. Еве, сигурно ќе дојде‘, вели Јехова над војските“ (Малахија 3:1; Откровение 1:10). Како ‚гласник на сојузот‘, Исус дојде да ги прегледа и да им суди на оние што тврдеа дека се негови следбеници (1. Петрово 4:17). Во тоа време, во 1918 година, христијанскиот свет беше длабоко вмешан во крвопролевањата до кои дојде во Првата светска војна и, во духовна смисла, беше потполно мртов. Дури и вистинските христијани, кои пред војната ревносно проповедаа, поминаа низ еден период на духовна дремливост. Некои од нивните угледни старешини беа ставени в затвор, и проповедањето речиси замре. Кога следната година Јеховиниот дух ги разбуди овие христијани, сите не беа подготвени. Некои од нив, слично на глупавите девици од споредбата на Исус, не беа духовно подготвени да ја прифатат честа да му служат на Јехова. Но, за среќа, имаше многу што, како разборитите девици, го послушаа предупредувањето на Исус: „Затоа, бдејте, зашто не го знаете ниту денот ниту часот“ (Матеј 25:1-13).
7. Зошто христијаните треба да бидат будни сега?
7 Христијаните што живееја во почетокот на денот на Господарот требаше да бдеат, но ова не важеше само за тогаш. Во своето значајно пророштво за „знакот дека дошло времето сето тоа да заврши“, Исус строго предупредил: „За тој ден или час никој не знае... Внимавајте, бидете будни, бидејќи не знаете кога е времето да се случи тоа. А ова што ви го велам вам, им го велам на сите: Бдејте!“ (Марко 13:4, 32, 33, 37). Да, до ден-денес, секој од нас, сеедно дали е од помазаниците или од големото мноштво, мора да биде буден и да се бори за да не го фати духовна дремка. Кога Јеховиниот ден ќе дојде „како крадец во ноќта“, да бидеме потполно будни за да ни биде изречена поволна пресуда (1. Солуњаните 5:2, 3; Лука 21:34-36; Откровение 7:9).
8. Како класата на Јован денес го поттикнува Божјиот народ да остане духовно жив?
8 Денес, самата класа на Јован е свесна дека има потреба да го поттикнува Божјиот народ да остане духовно жив. За таа цел, секоја година се организираат по неколку пати посебни собири низ целиот свет. Во една од последниве години, се одржаа 2.981 обласен конгрес. На нив присуствуваа вкупно 10.953.744 лица, а бројот на новите верници што се крстија беше 122.701. Повеќе од сто години, класата на Јован го користи списанието Стражарска кула за да го објавува Јеховиното име и неговата намера. Во текот на тешкото прогонство во двете светски војни, Стражарска кула ги поттикна Јеховините сведоци на уште поголема ревност објавувајќи статии како што беа: „Благословени се бестрашните“ (1919 година), „Повик на акција“ (1925 година) и „Пораз на прогонството“ (1942 година).
9. а) Што треба да се прашаат сите христијани? б) Како нѐ поттикнува Стражарска кула да го сториме тоа?
9 Како што било случај во Сард, така и во денешните собранија е неопходно сите христијани постојано да се преиспитуваат. Секој од нас треба да се праша: Дали ‚ги извршувам делата‘ пред мојот Бог? Без да им судиме на другите, дали ние лично сме самопожртвувани и дали се трудиме да му служиме на Бог со сета душа? Списанието Стражарска кула нѐ поттикнува да го правиме ова така што разработува теми како што беа „Проверувајте се самите себе“ и „Не живееме повеќе за себе“. * Да ја искористиме оваа помош од Светото писмо и да си ги преиспитаме нашите најдлабоки мотиви додека служиме верно и понизно, молејќи му се постојано на Јехова (Псалм 26:1-3; 139:23, 24).
„Неколкумина“
10. Какви охрабрувачки зборови имал Исус за собранието во Сард, и како треба ова да влијае врз нас?
10 Исус ја продолжува пораката до собранието во Сард со многу охрабрувачки зборови. Тој вели: „Но имаш во Сард неколкумина кои не ги извалкале своите облеки. Тие ќе одат со мене во бели облеки, бидејќи се достојни. Така оној што ќе победи, ќе биде облечен во бели облеки, и нема да го избришам неговото име од книгата на животот, туку ќе го признаам неговото име пред мојот Татко и пред неговите ангели“ (Откровение 3:4, 5). Зарем овие зборови не ни даваат поттик и сила да бидеме цврсто решени да останеме верни? Поради немарноста на старешинството, може да се случи едно собрание, како целина, да потоне во длабок духовен сон. Сепак, во него можеби и понатаму има поединци кои храбро настојуваат да останат чисти и неизвалкани како христијани, и на тој начин го задржуваат своето добро име пред Јехова (Изреки 22:1).
11, 12. а) Дури и за време на големото отпадништво, на кој начин некои сигурно биле како тие „неколкумина“ верни во Сард? б) Какво олеснување доживеале во денот на Господарот христијаните што биле слични на пченица?
11 Да, тие „облеки“ се знак дека некој е праведен како христијанин. (Спореди Откровение 16:15; 19:8.) Исус сигурно се радува што гледа дека, и покрај тоа што повеќето се рамнодушни, „неколкумина“ од помазаните христијани во Сард сѐ уште се препознатливи како вистински христијани. Подоцна, низ долгите векови во кои преовладувало големо отпадништво, оние што тврделе дека се христијани постепено се претопувале во Големиот Вавилон — светското царство на лажната религија. Сепак, нема сомнение дека секогаш имало поединци, слични на оние во Сард, кои се труделе, и покрај сите тешкотии, да ја вршат Јеховината волја. Тие биле праведни како пченица скриена во купишта секташки какол (Откровение 17:3-6; Матеј 13:24-29).
12 Исус ветил дека ќе биде со овие христијани што се слични на пченица „во сите денови до свршетокот на овој поредок“. Тој знае кои се тие и какво добро име си стекнале (Матеј 28:20; Проповедник 7:1). Замисли си ја радоста на тие „неколкумина“ верни поединци кои беа живи кога започна денот на Господарот! Конечно беа одвоени од духовно мртвиот христијански свет и беа собрани во едно праведно собрание што многу повеќе личеше на собранието во Смирна (Матеј 13:40-43).
13. Кои благослови ги очекуваат помазаните христијани „кои не ги извалкале своите облеки“?
13 На оние во Сард кои останале верни до крај и не ја извалкале својата христијанска личност им се остварува една прекрасна надеж. Откако во 1914 година било воспоставено месијанското Царство на Исус, тие воскреснуваат како духовни суштества и, бидејќи се победници, добиваат бели облеки, кои се симбол на нивната беспрекорна, неизвалкана праведност. Бидејќи оделе по тесниот пат што води во живот, тие добиваат вечна награда (Матеј 7:14; види и Откровение 6:9-11).
Засекогаш во книгата на животот!
14. Што е „книгата на животот“, и чии имиња се запишани во неа?
14 Што е „книгата на животот“, и чии имиња ќе останат запишани во неа? Книгата, или свитокот, на животот се однесува на списокот на Јеховините слуги кои ќе бидат наградени со вечен живот (Малахија 3:16). Овде Откровението посебно се осврнува на имињата на помазаните христијани. Но, во книгата се запишани и имињата на оние што ќе добијат вечен живот на Земјата. Меѓутоа, имињата можат да бидат ‚избришани‘ од неа (2. Мојсеева 32:32, 33). Сепак, оние од класата на Јован, чии имиња остануваат во книгата на животот до нивната смрт на Земјата, добиваат бесмртен живот на небото (Откровение 2:10). Овие имиња Исус особено ги признава пред својот Татко и пред Неговите ангели. Каква величествена награда!
15. Како ќе бидат имињата на членовите на големото мноштво неизбришливо запишани во книгата на животот?
15 Припадниците на големото мноштво, чии имиња се исто така запишани во книгата на животот, ќе ја преживеат големата неволја. Ако покажат вера во текот на целото илјадагодишно владеење на Исус, како и во решавачкиот испит што ќе следи потоа, тие ќе бидат наградени со вечен живот во Рајот на Земјата (Даниел 12:1; Откровение 7:9, 14; 20:15; 21:4). Нивните имиња ќе останат неизбришливо запишани во книгата на животот. Сега, кога знаеш што ни е дадено овде со помош на светиот дух, зарем нема да реагираш со воодушевување на поттикот кој Исус повторно го дава: „Кој има уво, нека чуе што им вели духот на собранијата“? (Откровение 3:6).
[Фуснота]
^ Види Стражарска кула од 15 јули 2005 година и од 15 март 2005 година.
[Прашања]
[Слика на страница 57]
И твоето име нека остане во книгата на животот