Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Испитани — но верни на Јехова!

Испитани — но верни на Јехова!

Трето поглавје

Испитани — но верни на Јехова!

1, 2. Кои значајни настани послужиле како увод во извештајот на Даниел?

 ЗАВЕСАТА во пророчката книга Даниел се крева во времето на една значајна промена на меѓународната сцена. Асирија штотуку го изгубила својот главен град Ниневија. Египет бил ограничен на положба од помала важност јужно од земјата Јуда. А Вавилон брзо се издигал како главна сила во борбата за светска доминација.

2 Во 625 пр.н.е. египетскиот фараон Нехо вложил последни сили да го запре ширењето на Вавилон кон југ. За таа цел ја одвел својата војска во Каркемиш кој бил сместен на бреговите на горниот тек на реката Еуфрат. Битката кај Каркемиш, како што подоцна била наречена, била одлучувачки историски настан. Вавилонската војска, водена од престолонаследникот Навуходоносор, им задала разорен удар на војските на фараонот Нехо (Јеремија 46:2). Понесен од својот победоносен замав, Навуходоносор ги опустошил Сирија и Палестина, и со тоа всушност ја окончал египетската доминација во овој регион. Единствено смртта на неговиот татко, Набополасар, привремено го прекинала неговиот поход.

3. Каков бил исходот од првиот поход на Навуходоносор против Ерусалим?

3 Следната година, Навуходоносор — сега востоличен цар на Вавилон — пак го свртел вниманието кон своите воени походи во Сирија и Палестина. Во текот на тој период за првпат дошол во Ерусалим. Библијата известува: „Во неговите дни се крена вавилонскиот цар Навуходоносор; и Јоаким му стана потчинет за три години, но подоцна се одметна од него“ (4. Царства 24:1).

НАВУХОДОНОСОР ВО ЕРУСАЛИМ

4. Како треба да се разбере изразот „во третата година од царувањето на јудејскиот цар Јоаким“ во Даниел 1:1?

4 Изразот „за три години“ е од посебен интерес за нас, бидејќи уводните зборови на Даниел гласат: „Во третата година од царувањето на јудејскиот цар Јоаким се крена вавилонскиот цар Навуходоносор против Ерусалим и го опседна“ (Даниел 1:1). Во третата година од целокупното царување на Јоаким, кој владеел од 628 до 618 пр.н.е., Навуходоносор сѐ уште не бил ‚вавилонски цар‘, туку бил престолонаследник. Во 620 пр.н.е. Навуходоносор го принудил Јоаким да му плаќа данок. Но, по околу три години, Јоаким се побунил. Затоа, во 618 пр.н.е., или во текот на третата година од царувањето на Јоаким како вазал на Вавилон, цар Навуходоносор дошол во Ерусалим по вторпат за да го казни бунтовниот Јоаким.

5. Каков бил исходот од вториот поход на Навуходоносор против Ерусалим?

5 Исходот од оваа опсада било тоа што ‚го предал Господ во раката негова јудејскиот цар Јоаким и дел од садовите на домот Божји‘ (Даниел 1:2). Јоаким веројатно умрел во раните етапи на опсадата така што му бил извршен атентат или, пак, во некоја буна (Јеремија 22:18, 19). Во 618 пр.н.е. како цар го наследил неговиот 18-годишен син Јехонија. Но, владеењето на Јехонија траело само три месеци и десет дена, бидејќи во 617 пр.н.е. се предал. (Спореди 4. Царства 24:10—15.)

6. Што сторил Навуходоносор со светите садови од храмот во Ерусалим?

6 Навуходоносор ги зел како плен светите садови од ерусалимскиот храм и ‚ги испратил во земјата Сенар, во домот на својот бог‘ Мардук, или на хебрејски Меродах (Даниел 1:2; Јеремија 50:2). Пронајден е еден вавилонски натпис на кој Навуходоносор е претставен како за храмот на Мардук вели: „Собрав во него сребро и злато и скапоцени камења . . . и ја ставив во него ризницата на моето царство“. За овие свети садови повторно ќе читаме во извештајот од деновите на цар Валтазар (Даниел 5:1—4).

ЕЛИТАТА НА ЕРУСАЛИМСКАТА МЛАДИНА

7, 8. Што можеме да заклучиме од Даниел 1:3, 4 и 6 за потеклото на Даниел и на тројцата негови другари?

7 Во Вавилон било донесено повеќе отколку само богатството од Јеховиниот храм. Извештајот вели: „Тогаш царот му рече на Аспеназ, својот главен дворски службеник, да доведе некои од Израеловите синови и од царското потомство и од благородниците, деца кои се без никаков недостаток, туку се со добар изглед и такви кои имаат увид во целокупната мудрост и се запознати со спознанието, и имаат проникливост за она што е познато, а кои се способни да стојат во царската палата“ (Даниел 1:3, 4NW).

8 Кој бил избран? Се вели: „Меѓу нив беа од Јудините синови Даниил, Ананиј, Мисаил и Азариј“ (Даниел 1:6). Ова фрла мала светлина врз инаку нејасното потекло на Даниел и на неговите другари. На пример, забележуваме дека тие биле ‚синови на Јуда‘, царското племе. Сеедно дали биле од царската лоза или не, разумно е да претпоставиме дека во најмала рака биле од прилично важни и влијателни семејства. Освен тоа што биле со здрав ум и тело, тие имале увид, мудрост, знаење и проникливост — и тоа на толку млада возраст што можеле да бидат наречени „деца“, можеби во своите рани тинејџерски години. Даниел и неговите другари сигурно биле извонредни — елитата — меѓу младите во Ерусалим.

9. Зошто изгледа дека најверојатно Даниел и тројцата негови другари имале богобојазливи родители?

9 Извештајот не ни кажува кои им биле родители на овие младичи. Сепак, изгледа дека најверојатно биле побожни луѓе кои сериозно ја сфатиле својата родителска одговорност. Земајќи го предвид моралниот и духовниот распад кој преовладувал во Ерусалим во тоа време, особено меѓу ‚царскиот и благородничкиот род‘, јасно е дека одличните особини кои ги имале Даниел и тројцата негови другари не дошле случајно. Излишно е да се каже дека сигурно на родителите им се кинело срцето кога гледале како ги водат нивните синови во далечна земја. Да можеле да го знаат исходот, колку ќе биле горди на нив! Колку само е важно родителите да ги воспитуваат своите деца во „дисциплина и во Јеховино насочување на мислењето“! (Ефесјаните 6:4NW).

БИТКА ЗА УМОТ

10. На што биле поучувани младите Евреи, и со каква цел?

10 Веднаш започнала битката за младиот ум на овие изгнаници. За да биде сигурен дека еврејските тинејџери ќе бидат обликувани на таков начин што ќе се вклопат во вавилонскиот систем, Навуходоносор им наредил на своите службеници да ‚ги научат на халдејските книги и јазик‘ (Даниел 1:4). Ова не било вообичаено образование. The International Standard Bible Encyclopedia објаснува дека тоа „вклучувало изучување на сумерски, акадски, арамејски . . . и други јазици, како и опсежна литература напишана на тие јазици“. ‚Опсежната литература‘ се состоела од историја, математика, астрономија итн. Меѓутоа, „голема улога играле . . . придружните религиозни текстови, како толкувањето на предзнаците така и астрологијата“.

11. Кои чекори биле преземени за да се осигура еврејските младичи да бидат асимилирани во животот на вавилонскиот двор?

11 За да можат овие млади Евреи потполно да ги усвојат обичаите и културата на животот на вавилонскиот двор, ‚царот определил секојдневна храна од царската трпеза [деликатеси, NW] и вино што сам го пиел, па заповедал да ги воспитуваат три години, а потоа тие требало да се појават пред царот‘ (Даниел 1:5). Освен тоа, ‚началникот на дворјаните им ги сменил имињата: Даниила го нарекол Валтазар, Ананија — Седрах, Мисаила — Мисах и Азарија — Авденаго‘ (Даниел 1:7). Во библиски времиња било вообичаена практика на некого да му се даде ново име за да се одбележи некој значаен настан во неговиот живот. На пример, Јехова им ги сменил имињата на Аврам и Сараја во Авраам и Сара (1. Мојсеева 17:5, 15, 16NW). Кога некој човек менува нечие име, тоа е јасен доказ за авторитет или превласт. Кога Јосиф станал управител на храната во Египет, фараонот му дал име Пеонтомфаних (1. Мојсеева 41:44, 45; спореди 4. Царства 23:34; 24:17).

12, 13. Зошто може да се рече дека промената на имињата на младите Евреи била со цел да се поткопа нивната вера?

12 Во случајот со Даниел и тројцата негови пријатели Евреи, промената на имињата била нешто значајно. Имињата што им ги дале родителите биле во склад со обожавањето на Јехова. „Даниел“ значи „Бог е мој судија“. Значењето на „Ананиј“ е „Јехова покажа наклоност“. Можно е „Мисаил“ да значи „Кој е како Бог?“ „Азариј“ значи „Јехова помогна“. Несомнено, нивните родители имале горлива желба синовите да им пораснат под водство на Јехова Бог за да станат негови верни и лојални слуги.

13 Меѓутоа, новите имиња кои им биле дадени на четворицата Евреи биле тесно поврзани со имињата на лажни богови, со што се сугерирало дека вистинскиот Бог е потчинет на тие божества. Каков подмолен обид да се поткопа верата на овие млади луѓе!

14. Што значат новите имиња кои им биле дадени на Даниел и на тројцата негови другари?

14 Името на Даниел било сменето во Валтазар, што значи „заштити го животот на царот“. Изгледа дека тоа бил скратен облик на привикување на Бел, т. е. Мардук, главниот вавилонски бог. Без разлика дали имал удел при избирањето на ова име за Даниел или не, Навуходоносор гордо признал дека тоа било ‚според името на [неговиот] бог‘ (Даниел 4:5). Името на Ананиј било сменето во Седрах, за кое некои авторитети веруваат дека е сложено име кое значи „заповед на Аку“. Интересно е тоа што Аку било име на еден сумерски бог. Името на Мисаил било сменето во Мисах (можеби Мисаку), изгледа едно вешто искривување на „Кој е како Бог?“ во „Кој е како Аку?“ Вавилонското име на Азариј било Авденаго и веројатно значи „слуга на Него“. А „Него“ било варијанта на „Небо“, името на едно божество според кое биле именувани и голем број вавилонски владетели.

ОДЛУЧНИ ДА МУ ОСТАНАТ ВЕРНИ НА ЈЕХОВА

15, 16. Со кои опасности сега се соочиле Даниел и неговите другари, и како реагирале?

15 Вавилонските имиња, програмата на прешколување и специјалната исхрана — сето тоа претставувало обид не само да се асимилираат Даниел и тројцата млади Евреи во вавилонскиот начин на живот, туку и да се отуѓат од нивниот Бог Јехова и од нивната религиозна обука и потекло. Соочени со целиот овој притисок и искушенија, што ќе сторат овие младичи?

16 Инспирираниот запис вели: „Даниил науми [одлучи во срцето, NW] да не се осквернува со јадењето од царската трпеза [деликатесите, NW] и од виното, што го пиеше царот“ (Даниел 1:8а). Иако Даниел е единствениот кој е спомнат по име, од она што следи е очигледно дека тројцата другари ја поддржале неговата одлука. Зборовите „одлучи во срцето“ покажуваат дека поуката што ја добил Даниел од родителите и од другите дома, допрела до неговото срце. Слично воспитание несомнено ги водело и тројцата други Евреи при нивното донесување одлуки. Ова во голема мера илустрира од колкава вредност е да ги поучуваме своите деца, дури и кога можеби изгледаат премногу мали за да разберат (Изреки 22:6; 2. Тимотеј 3:14, 15).

17. Зошто Даниел и неговите другари приговориле само на царската подготовка за секојдневната храна, а не и на другите подготовки?

17 Зошто младите Евреи приговориле само на деликатесите и на виното, а не и на другите подготовки? Расудувањето на Даниел јасно покажува зошто: „Да не се осквернува“. Колку и да изгледало за приговор, не морало да значи дека учењето на „халдејските книги и јазик“ и добивањето вавилонско име ќе осквернат еден човек. Размисли за примерот на Мојсеј, речиси 1.000 години пред тоа. Иако бил ‚поучен во целата мудрост египетска‘, тој му останал лојален на Јехова. Воспитанието од родителите му дало цврст темел. Затоа ‚со вера Мојсеј, кога пораснал, се откажал да се нарече син на фараоновата ќерка и повеќе сакал да страда заедно со народот Божји, отколку да има преодна гревовна наслада‘ (Дела 7:22; Евреите 11:24, 25).

18. На кои начини храната на царот ќе ги осквернела младите Евреи?

18 На кој начин храната на вавилонскиот цар ќе ги осквернела младичите? Прво, деликатесите можеби вклучувале храна која била забранета со Мојсеевиот закон. На пример, Вавилонците јаделе нечисти животни кои им биле забранети на Израелците под Законот (3. Мојсеева 11:1—31; 20:24—26; 5. Мојсеева 14:3—20). Второ, Вавилонците немале навика да ја исцедат крвта од закланите животни пред да го јадат месото. Јадењето неискрвавено месо би било директно кршење на Јеховиниот закон за крвта (1. Мојсеева 9:1, 3, 4; 3. Мојсеева 17:10—12; 5. Мојсеева 12:23—25). Трето, обожавателите на лажните богови вообичаено ја принесувале својата храна на идоли пред да ја јадат на заеднички оброк. Јеховините слуги никогаш не би правеле вакво нешто! (Спореди 1. Коринтјаните 10:20—22.) На крај, препуштањето на тешки јадења и жестоки пијалаци од ден во ден не би било баш здраво за луѓе на која и да било возраст, а камоли за млади.

19. Каков изговор можеле да најдат младите Евреи, но што им помогнало да донесат исправен заклучок?

19 Едно е да знаеш што да правиш, но сосема друго е да имаш храброст да го направиш тоа кога си под притисок или искушение. Даниел и тројцата негови пријатели можеле да си расудуваат дека нивните родители и пријатели нема да знаат што прават тие бидејќи се далеку од нив. Исто така, можеле да си најдат изговор дека тоа било царска наредба и дека очигледно немало друг излез. Освен тоа, други млади луѓе несомнено спремно ги прифатиле подготовките и сметале дека учеството во нив е предност, а не тешкотија. Но, таквото погрешно размислување лесно можело да води до таен грев, што е замка за многу млади луѓе. Младите Евреи знаеле дека „очите Господови се на секое место“ и дека ‚Бог ќе ја изведе на суд секоја работа и што е тајно, било да е добро или лошо‘ (Изреки 15:3; Проповедник 12:14). Нека сите ние извлечеме поука од постапките на овие млади луѓе.

ХРАБРОСТА И УПОРНОСТА БИЛЕ НАГРАДЕНИ

20, 21. Каква акција презел Даниел, и со каков исход?

20 Откако во срцето решил да се спротивстави на расипувачките влијанија, Даниел продолжил да постапува во склад со својата одлука. „[Постојано го молеше, NW] началникот на дворјаните да не го принудува да се осквернува“ (Даниел 1:8б). „Постојано го молеше“ — тоа е израз вреден за внимание. Мошне често е потребен постојан напор ако сакаме да бидеме успешни во одбивањето на искушенијата или во совладувањето на некои слабости (Галатјаните 6:9NW).

21 Во случајот со Даниел, упорноста се исплатила. „Бог му даде на Даниила милост и благонаклоност кај началникот на дворјаните“ (Даниел 1:9). Тоа што работите за Даниел и за неговите другари на крај испаднале добри не било поради тоа што тие биле привлечни и интелигентни личности. Напротив, тоа било поради Јеховиниот благослов. Несомнено, Даниел се сеќавал на еврејската изрека: „Надевај се на [Имај доверба во, NW] Господа од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки“ (Изреки 3:5, 6). Следењето на овој совет навистина било наградено.

22. Каков оправдан приговор изнел началникот на дворјаните?

22 Во почетокот, началникот на дворјаните приговорил: „Се плашам од својот господар, царот, кој лично ја определи храната и пиењето; ако ги види вашите лица послаби, отколку што се кај момчињата, вашите врсници, вие ќе ја доведете во опасност славата [главата, NW] моја пред царот“ (Даниел 1:10). Тоа биле оправдани приговори и стравови. Цар Навуходоносор не бил човек кој би прифатил негативен одговор, а службеникот увидел дека ако постапува против упатствата на царот, неговата ‚глава‘ ќе биде во опасност. Што ќе стори Даниел?

23. На кој начин Даниел покажал увид и мудрост со правецот кој го зазел?

23 Тука влегле во игра увидот и мудроста. Младиот Даниел веројатно се сетил на изреката: „Кроткиот одговор гневот го ублажува, а навредлив збор јарост предизвикува“ (Изреки 15:1). Наместо тврдоглаво да инсистира на тоа да биде прифатено неговото барање и можеби да ги провоцира другите од него да направат маченик, Даниел ја оставил работата. Во право време му пристапил на „чуварот“ (NW) кој можеби бил поспремен да дозволи мали отстапки бидејќи не бил директно одговорен пред царот (Даниел 1:11).

ПРЕДЛОЖЕН Е ДЕСЕТДНЕВЕН ИСПИТ

24. Каков испит предложил Даниел?

24 Даниел му предложил на чуварот еден испит со зборовите: „Обиди се со слугите свои — десет дни нека ни даваат овошје [зеленчук, NW] како храна и вода за пиење; а потоа нека се јават пред тебе нашите лица и лицата на оние момчиња што се хранат од царската трпеза, па потоа постапувај со слугите свои, како ќе мислиш да е добро“ (Даниел 1:12, 13).

25. Што веројатно било вклучено во „зеленчукот“ кој им бил послужуван на Даниел и на тројцата негови пријатели?

25 Десет дена на ‚зеленчук и вода‘ — дали ‚лицата ќе им станат послаби‘ во споредба со другите? „Зеленчук“ е превод од еден хебрејски збор кој во основа значи „семиња“. Некои библиски преведувачи го преведуваат со „мешунки“, што се дефинира како „семиња за јадење од различни мешункасти култури (како што е грашок, грав или леќа)“. Некои изучувачи сметаат дека контекстот укажува на исхрана која вклучувала повеќе отколку само семиња за јадење. Еден прирачник вели: „Она што го барале Даниел и неговите другари било едноставна храна од зеленчук каква што јадел обичниот народ, за разлика од потешката, месна храна која се јадела на царската трпеза“. Значи, зеленчукот можеби вклучувал хранливи оброци подготвени од грав, краставици, лук, праз, леќа, бостан и кромид, како и леб направен од различни житарици. Сигурно дека никој не би сметал дека тоа е диета на гладување. Изгледа дека чуварот ја сфатил поентата. „Тој ги послуша во тоа и направи обид таков со нив десет дена“ (Даниел 1:14). Каков бил резултатот?

26. Каков бил исходот од десетдневниот испит, и зошто работите испаднале така?

26 „По десетте дена лицата нивни изгледаа поубави, а и телесно беа пополни од сите оние момчиња, што се хранеа со царските јадења [деликатеси, NW]“ (Даниел 1:15). Ова не треба да се сфати како доказ дека вегетаријанската исхрана е подобра од потешката, месна исхрана. Десет дена е кратко време за каква и да е диета да даде видливи резултати, но не прекратко за Јехова да ја исполни својата намера. „Благословот Господов — збогатува, и не донесува со себеси тага во срцето“, вели неговата Реч (Изреки 10:22). Четворицата млади Евреи ја положиле својата вера и доверба во Јехова, и тој не ги напуштил. Со векови подоцна, Исус Христос преживеал без храна 40 дена. Во врска со тоа ги цитирал зборовите кои се наоѓаат во 5. Мојсеева 8:3 каде што читаме: „Човекот не живее само од леб, но човекот живее и од секој збор што излегува од устата на Господа“. Класичен пример за тоа е искуството на Даниел и на неговите пријатели.

УВИД И МУДРОСТ НАМЕСТО ДЕЛИКАТЕСИ И ВИНО

27, 28. На кој начин режимот на кој се подложиле Даниел и тројцата негови пријатели бил подготовка за поголемите работи кои лежеле пред нив?

27 Десетте дена биле само еден испит, но резултатите биле убедливи. „Затоа чуварот и понатаму ги тргаше од пред нив деликатесите и виното за пиење и им даваше зеленчук“ (Даниел 1:16NW). Не е тешко да се претпостави што мислеле за Даниел и за неговите другари другите млади кои биле вклучени во програмата за обука. Одбивањето на раскошните јадења на царот, во замена за зеленчук секој ден, сигурно им се чинело многу глупаво. Но, на хоризонтот се наѕирале големи испити и искушенија, а тоа ја барало целокупната будност и трезвеност што младите Евреи можеле да ја стекнат. Пред сѐ, нивната вера и доверба во Јехова би им помогнале низ тие испити на верата. (Спореди Исус Навин 1:7.)

28 Доказот дека Јехова бил со овие млади луѓе може да се види во следниве зборови: „И им дарува Бог на четворицата момчиња знаење и разбирање на секаква книга и мудрост, а на Даниила му подари уште да толкува и секакви виденија и соништа“ (Даниел 1:17). За да се справат со тешките времиња кои доаѓале, ним им било потребно повеќе отколку само физичка сила и добро здравје. „Кога мудроста ќе влезе во срцето твое, и знаењето ќе ѝ биде пријатно на душата твоја, тогаш расудувањето ќе те брани, разумот [проникливоста, NW] ќе те чува, за да те спаси од лош пат“ (Изреки 2:10—12). Токму со тоа Јехова ги надарил четворицата верни млади за да ги подготви за она што ги очекувало.

29. Зошто Даниел можел да ‚разбере секакви виденија и соништа‘?

29 Се вели дека Даниел ‚имал разбирање за секакви виденија и соништа‘. Ова не значи дека тој станал спиритист. Интересно е тоа што иако се смета дека Даниел бил еден од најголемите еврејски пророци, тој никогаш не бил инспириран да објави изјави од типот: „Затоа вака вели Господ Бог“ или „вака вели Господ Саваот“ (Исаија 28:16; Јеремија 6:9). Сепак, само под водство на Божјиот свет дух Даниел можел да ги разбере и протолкува визиите и соништата кои ја откривале Јеховината намера.

КОНЕЧНО, ПРЕСУДНИОТ ИСПИТ

30, 31. Како начинот на постапување кој го избрале Даниел и неговите другари се покажал корисен за нив?

30 Трите години на прешколување и подготовка завршиле. Потоа дошол пресудниот испит — интервју со царот лично. „Откако завршија деновите, кога царот беше заповедал да ги претстават, началникот на дворјаните ги претстави пред Навуходоносора“ (Даниел 1:18). Дошло време четворицата младичи да положат сметка за себе. Дали придржувањето за Јеховините закони наместо попуштањето на вавилонските патишта ќе се покаже корисно за нив?

31 „Царот зборуваше со нив и од сите момчиња не се најде ниту едно како што беа Даниил, Ананиј, Мисаил и Азариј, и потоа тие почнаа да служат [стојат, NW] пред царот“ (Даниел 1:19). Какво само потполно оправдување било тоа за нивниот начин на постапување во текот на претходните три години! Не било лудост што се држеле за еден режим диктиран од нивната вера и совест. Со тоа што биле верни во навидум ситни работи, Даниел и неговите пријатели биле благословени со поголеми работи. Предноста „да стојат пред царот“ била цел која ја посакувале сите млади луѓе кои биле вклучени во програмата за обука. Библијата не кажува дали четворицата млади Евреи биле единствените кои биле избрани. Во секој случај, нивното верно постапување навистина им донело „голема награда“ (Псалм 18:11).

32. Зошто може да се рече дека Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј уживале уште поголема предност од онаа што биле на царскиот двор?

32 „Си видел ли вешт и искусен човек во својата работа? Тој ќе стои пред цареви“, вели Писмото (Изреки 22:29). На тој начин Навуходоносор ги избрал Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј да стојат пред царот т. е. да бидат дел од царскиот двор. Во сево ова можеме да видиме дека Јеховината рака управувала со работите за да може преку овие млади мажи — а особено преку Даниел — да бидат објавени важни аспекти од божествената намера. Иако изборот да се биде дел од царскиот двор на Навуходоносор претставувал чест, сепак, многу поголема чест било што Универзалниот Цар Јехова ги користел на еден таков извонреден начин.

33, 34. а) Зошто царот бил импресиониран од младите Евреи? б) Каква поука можеме да извлечеме од искуството на четворицата Евреи?

33 Набрзо Навуходоносор открил дека мудроста и увидот што им ги дал Јехова на овие четворица млади Евреи биле далеку супериорни во однос на она што го поседувале сите советници и мудреци на неговиот двор. „И во сѐ, за што се бараше мудрост и разбирање, и за што и да ги прашаше царот, ги најде за десетпати подобри од сите гатачи и гледачи, колку што ги имаше во целото негово царство“ (Даниел 1:20). Зарем би можело да биде поинаку? ‚Гатачите‘ и ‚гледачите‘ се ослонувале на световното и суеверното учење на Вавилон, додека Даниел и неговите пријатели ја полагале својата доверба во мудроста одозгора. Овде едноставно не може да стане збор за споредување — ниту за натпревар!

34 Всушност, низ вековите, работите многу не се измениле. Во првиот век н.е., кога во мода биле грчката филозофија и римскиот закон, апостол Павле бил инспириран да напише: „Мудроста од овој свет е безумство пред Бога, како што е напишано: ‚Он ги фаќа мудрите во нивното лукавство‘. И пак: ‚Господ знае дека помислите на мудрите се суетни‘. И така, никој нека не се фали со луѓе“ (1. Коринтјаните 3:19—21). Денес треба цврсто да се држиме за она што нѐ научил Јехова и да не дозволиме на лесен начин да бидеме одвратени од раскошот и сјајот на светот (1. Јованово 2:15—17).

ВЕРНИ ДО КРАЈ

35. Колку знаеме за тројцата другари на Даниел?

35 Силната вера на Ананиј, Мисаил и Азариј е драматично илустрирана во Даниел, поглавје 3, во врска со златниот лик на Навуходоносор во низината Деир и испитот со вжарената печка. Овие богобојазливи Евреи несомнено му останале верни на Јехова сѐ до својата смрт. Ова го знаеме бидејќи апостол Павле без сомнение алудирал на нив кога напишал за оние „кои преку вера . . . угаснаа огнена сила“ (Евреите 11:33, 34). Тоа се извонредни примери за Јеховините слуги, како за старите така и за младите.

36. Каква извонредна кариера имал Даниел?

36 А што се однесува до Даниел, последниот стих на поглавје 1 вели: „И остана таму Даниил до првата година на царот Кир“. Историјата открива дека Кир го освоил Вавилон за една ноќ, во 539 пр.н.е. Изгледа дека благодарение на својата репутација и статус, Даниел продолжил да служи на дворот на Кир. Всушност, Даниел 10:1 ни кажува дека „во третата година на персискиот цар Кир“ Јехова му открил на Даниел нешто што е вредно за внимание. Ако кога бил доведен во Вавилон во 617 пр.н.е. бил тинејџер, тогаш во времето кога ја добил таа последна визија имал скоро 100 години. Колку само долга и благословена кариера на верна служба на Јехова!

37. Кои поуки можеме да ги извлечеме од разгледувањето на Даниел, поглавје 1?

37 Уводното поглавје на книгата Даниел претставува повеќе отколку само една приказна за четворица верни млади луѓе кои успешно ги совладале испитите на верата. Тоа ни покажува дека Јехова може да употреби кого сака за да ја исполни својата намера. Извештајот докажува дека ако Јехова допуштил нешто, она што можеби изгледа како несреќа може да послужи за корисна цел. Ни кажува и дека верноста во мали работи донесува голема награда.

ШТО ЗАБЕЛЕЖА?

Што може да се каже за потеклото на Даниел и на тројцата негови млади пријатели?

Како во Вавилон било ставено на испит доброто воспитание на четворицата млади Евреи?

Како Јехова ги наградил четворицата Евреи за нивниот храбар став?

Кои поуки можат да ги извлечат денешните Јеховини слуги од Даниел и од тројцата негови другари?

[Прашања]

[Слика на целата страница 30]