Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Два цара во конфликт

Два цара во конфликт

Тринаесетто поглавје

Два цара во конфликт

1, 2. Зошто треба да нѐ интересира пророштвото запишано во Даниел, поглавје 11?

 ДВА сопернички цара со сета сила се фатени во костец за превласт. Како што минуваат годините, прво превладува едниот, потоа другиот. Понекогаш едниот цар владее како врховен додека другиот станува неактивен, а има и периоди без никаков конфликт. Но тогаш, ненадејно избувнува уште една битка, и конфликтот продолжува. Помеѓу учесниците во оваа драма биле сирискиот цар Селеук I Никатор, египетскиот цар Птолемеј Лаг, сириската принцеза и египетска царица Клеопатра I, римските императори Август и Тибериј и палмирската царица Зенобија. Како што конфликтот се ближи кон својот крај, се вклучуваат и нацистичка Германија, комунистичкиот блок од нации, англо-американската светска сила, Лигата на народите и Обединетите нации. Финалето е епизода што не ја предвидел ниту еден од овие политички ентитети. Јеховиниот ангел му го објавил ова возбудливо пророштво на пророкот Даниел пред околу 2.500 години (Даниел, поглавје 11).

2 Колку само возбуден мора да бил Даниел кога го слушал ангелот како во детали му го открива соперништвото помеѓу двата идни цара! Драмата е од интерес и за нас, бидејќи борбата за власт меѓу двата цара се протега сѐ до наше време. Кога ќе видиме како историјата покажала дека е вистинит првиот дел од пророштвото, ќе ни се зајакне верата и довербата дека сигурно ќе се исполни и последниот дел од пророчкиот извештај. Ако обрнеме внимание на ова пророштво ќе добиеме јасна слика за тоа каде стоиме во струјата на времето. Исто така, ќе ни се зајакне решеноста да останеме неутрални во конфликтот додека стрпливо чекаме Бог да дејствува во наша корист (Псалм 145:3, 5). Тогаш, со напрегнато внимание да слушаме додека Јеховиниот ангел му зборува на Даниел.

ПРОТИВ ЦАРСТВОТО НА ГРЦИЈА

3. Кому му помагал ангелот „во првата година на Дариј Мидјанинот“?

3 „И така,“ рекол ангелот „од првата година на Мидјанинот Дариј [539/538 пр.н.е.] јас му станав помошник и поткрепа“ (Даниел 11:1). Дариј повеќе не бил жив, но ангелот се осврнал на неговото владеење како на појдовна точка за пророчката порака. Тоа бил оној цар што заповедал Даниел да биде извлечен од лавовската јама. Дариј, исто така, наредил сите негови поданици да се плашат од Богот на Даниел (Даниел 6:21—27). Меѓутоа, ангелот не го поддржувал Дариј Медиецот, туку својот придружник, Михаел — кнезот на Даниеловиот народ. (Спореди Даниел 10:12—14.) Божјиот ангел му станал помошник на Михаел во неговата борба против демонскиот кнез на Медо-Персија.

4, 5. Кои биле претскажаните четири цара на Персија?

4 Божјиот ангел продолжува: „Еве, уште тројца цареви ќе се издигнат во Персија; потоа четвртиот ќе ги надмине сите со големо богатство, и кога ќе го намножи богатството свое, ќе ги крене сите против грчкото царство“ (Даниел 11:2). Кои се точно овие персиски владетели?

5 Првите три цара биле Кир Велики, Камбис II и Дариј I. Со оглед на тоа што Бардија (или можеби еден претендент кој се викал Гаумата) владеел само седум месеци, пророштвото не го зема предвид неговото кратко владеење. Во 490 пр.н.е., третиот цар, Дариј I, се обидел да ја нападне Грција по втор пат. Меѓутоа, Персијците биле потполно поразени кај Маратон, па се повлекле во Мала Азија. Иако Дариј внимателно подготвил друга воена операција против Грција, не успеал да ја спроведе пред својата смрт која настапила четири години подоцна. Таа задача му била препуштена на неговиот син и наследник, „четвртиот“ цар, Ксеркс I. Тој бил царот Артаксеркс кој се оженил со Естира (Естира 1:1; 2:15—17).

6, 7. а) Како четвртиот цар ‚ги кренал сите против грчкото царство‘? б) Кој бил резултатот од воената операција на Ксеркс против Грција?

6 Ксеркс I навистина ‚ги кренал сите против грчкото царство‘, односно против групата независни грчки држави. „Поттикнат од некои амбициозни дворјани“, вели книгата The Medes and Persians—Conquerors and Diplomats (Медијците и Персијците — освојувачи и дипломати), „Ксеркс тргнал во напад по копно и по море.“ Грчкиот историчар Херодот, од петти век пр.н.е., пишува дека „во споредба со оваа, сите други експедиции биле безначајни“. Неговиот извештај вели дека поморските сили „броеле вкупно 517.610 мажи. Бројот на пешадијата изнесувал 1.700.000; на коњаницата 80.000; на што мора да се додадат и Арапите кои јавале на камили, и Либијците кои се бореле со бојни коли, а јас проценувам дека биле 20.000. Според тоа, вкупниот број на копнените и поморските сили сѐ на сѐ изнесувал 2.317.610 луѓе“.

7 Со цел да постигне потполна победа, Ксеркс I тргнал со својата огромна војска против Грција во 480 пр.н.е. Надминувајќи ја тактика со која Грците сакале да ги задржат кај Термопили, Персијците ја разориле Атина. Меѓутоа, кај Саламис доживеале страшен пораз. Грците победиле уште еднаш кај Платеја, во 479 пр.н.е. Ниту еден од седумте цареви кои после Ксеркс стапиле на тронот на Персиската Империја, не повел војна против Грција во следните 143 години. Но, тогаш во Грција се појавил еден моќен цар.

ГОЛЕМО ЦАРСТВО ПОДЕЛЕНО НА ЧЕТИРИ ДЕЛА

8. Кој „силен цар“ се појавил, и како дошло до тоа тој да ‚владее со широко подрачје‘?

8 „Ќе се појави силен цар, кој ќе владее со голема власт [со широко подрачје, NW] и ќе дејствува според својата волја“, вели ангелот (Даниел 11:3). Дваесетгодишниот Александар ‚се појавил‘ како цар на Македонија во 336 пр.н.е. Тој станал „силен цар“ — Александар Велики. Поттикнат од планот на татко си Филип II, тој ги поробил персиските провинции на Средниот Исток. Преминувајќи ги реките Еуфрат и Тигар, неговите 47.000 луѓе ги разбиле кај Гаугамела трупите на Дариј III кои броеле 250.000 војници. Поради тоа Дариј побегнал и бил убиен, со што завршила персиската династија. Сега Грција станала светска сила, а Александар ‚владеел со широко подрачје и дејствувал според својата волја‘.

9, 10. Како се покажало вистинито пророштвото дека царството на Александар нема да помине на неговите потомци?

9 Александровото владеење над светот требало да биде кратко, бидејќи Божјиот ангел додал: „Кога ќе се издигне тој, царството негово ќе се сруши и ќе се раздели на четирите ветра небесни и нема да помине на неговите потомци, и не со таква власт, со која тој господареше; затоа што царството негово ќе се растури и ќе падне на други, а не на нив“ (Даниел 11:4). Александар немал ни 33 години кога ненадејна болест му го одзела животот во Вавилон во 323 пр.н.е.

10 Огромната империја на Александар не поминала на „неговите потомци“. Брат му Филип III Архидеј владеел помалку од седум години и бил убиен во 317 пр.н.е. по налог на Олимпија, мајка му на Александар. Александровиот син Александар IV владеел до 311 пр.н.е. кога умрел од рацете на Касандар, еден од генералите на татко си. Вонбрачниот син на Александар, Херакле, се обидел да владее во име на татко си, но бил убиен во 309 пр.н.е. Со тоа завршила лозата на Александар, а ‚власта‘ не останала во рацете на неговото семејство.

11. Како било ‚разделено‘ царството на Александар „на четирите ветра небесни“?

11 После смртта на Александар, неговото царство било ‚разделено на четирите ветра небесни‘. Неговите бројни генерали се карале меѓусебно додека се грабале за територија. Едноокиот генерал Антигон I се обидел да ја стави под своја контрола целата империја на Александар. Но бил убиен во битката кај Ипс, во Фригија. До 301 година пр.н.е., четири генерали на Александар владееле над пространата територија што ја освоил нивниот заповедник. Касандар владеел со Македонија и Грција. Лисимах презел контрола над Мала Азија и Тракија. Селеук I Никатор си ја обезбедил Месопотамија и Сирија. А Птолемеј Лаг ги зазел Египет и Палестина. Верно на пророчката реч, големата империја на Александар била разделена на четири хеленистички царства.

СЕ ПОЈАВУВААТ ДВА СОПЕРНИЧКИ ЦАРА

12, 13. а) На кој начин четирите хеленистички царства биле сведени на две? б) Која династија ја воспоставил Селеук во Сирија?

12 Неколку години по доаѓањето на власт, Касандар умрел и, во 285 пр.н.е., Лисимах го освоил европскиот дел од Грчката Империја. Во 281 пр.н.е., Лисимах паднал во битката со Селеук I Никатор, што му овозможило на Селеук да се здобие со контрола над главниот дел од азиските територии. Антигон II Гонат, внук на еден од генералите на Александар, се искачил на престолот на Македонија во 276 пр.н.е. Со текот на времето, Македонија станала зависна од Рим и во 146 пр.н.е. завршила како римска провинција.

13 Само две од четирите хеленистички царства сега останале значајни — едното под Селеук I Никатор, а другото под Птолемеј Лаг. Селеук ја основал селеукидската династија во Сирија. Меѓу градовите кои ги основал биле Антиохија — новиот главен град на Сирија — и приморското пристаниште Селеукија. Апостол Павле подоцна поучувал во Антиохија, каде што следбениците на Исус за првпат биле наречени христијани (Дела 11:25, 26; 13:1—4). Врз Селеук бил извршен атентат во 281 пр.н.е., но неговата династија владеела сѐ до 64 пр.н.е. кога римскиот генерал Гнеј Помпеј ја направил Сирија римска провинција.

14. Кога била основана птолемејската династија во Египет?

14 Хеленистичкото царство кое постоело најдолго од четирите било она на Птолемеј Лаг, или Птолемеј I, кој си ја присвоил титулата цар во 305 пр.н.е. Птолемејската династија што ја основал тој, владеела со Египет сѐ додека Египет не потпаднал под Рим во 30 пр.н.е.

15. Кои два силни цара произлегле од четирите хеленистички царства, и каква борба започнале тие?

15 На тој начин, од четирите хеленистички царства, произлегле два силни цара — Селеук I Никатор над Сирија и Птолемеј I над Египет. Со овие два цара започнала долгата борба помеѓу „северниот цар“ и „јужниот цар“, опишана во Даниел, поглавје 11. Јеховиниот ангел не ги спомнал имињата на царевите, бидејќи идентитетот и националноста на овие два цара ќе се менуваат низ вековите. Изоставајќи ги непотребните детали, ангелот ги спомнал само владетелите и настаните кои имаат врска со тој конфликт.

КОНФЛИКТОТ ЗАПОЧНУВА

16. а) Од кого биле северно и јужно двата цара? б) Кои цареви отпрво ги презеле улогите на „северниот цар“ и на „јужниот цар“?

16 Слушај! Опишувајќи го почетокот на овој драматичен конфликт, Јеховиниот ангел вели: „И јужниот цар ќе стане силен, дури и [еден] од неговите [на Александар] кнезови; и тој [северниот цар] ќе преовлада против него и сигурно ќе владее со опсежен доминиум [поголем] од неговата владејачка моќ“ (Даниел 11:5NW). Ознаките „северниот цар“ и „јужниот цар“ се однесуваат на царевите северно и јужно од Даниеловиот народ, кој дотогаш бил ослободен од вавилонското ропство и повторно вратен во Јуда. Првобитниот ‚јужен цар‘ бил Птолемеј I од Египет. Еден од генералите на Александар кој го надвладеал Птолемеј I и владеел ‚со опсежен доминиум‘ бил сирискиот цар Селеук I Никатор. Тој ја презел улогата на „северниот цар“.

17. Под чија власт била Јуда на почетокот на конфликтот меѓу северниот и јужниот цар?

17 На почетокот на конфликтот, Јуда била под власт на јужниот цар. Од околу 320 пр.н.е., под влијание на Птолемеј I, некои Евреи дошле во Египет како колонисти. Една еврејска колонија цветала во Александрија, каде што Птолемеј I ја основал прочуената библиотека. Евреите во Јуда останале под контрола на птолемејскиот Египет, јужниот цар, сѐ до 198 пр.н.е.

18, 19. Со текот на времето, како двата сопернички цара направиле „праведен договор“?

18 Во врска со двата цара, ангелот прорекол: „Но по неколку години тие ќе се спријателат и ќерката на јужниот цар ќе дојде при северниот цар за да ги среди правилно односите помеѓу нив [за да направи праведен договор, NW]; но таа нема да ја задржи силата во рацете свои, и нема да го одржи нејзиниот род [и тој нема да остане, ниту раката негова, NW], туку тие ќе бидат предадени, како таа, така и оние, што ќе ја придружуваат; и родениот од неа [оној кој го предизвикал нејзиното раѓање, NW], како и оние што ѝ помагале [оној што ја направил силна, NW] во тоа време“ (Даниел 11:6). Како дошло до тоа?

19 Пророштвото не обрнува внимание на синот и наследник на Селеук I Никатор, Антиох I, бидејќи тој не водел некоја одлучувачка војна против јужниот цар. Но неговиот наследник, Антиох II, водел долга војна против Птолемеј II, син му на Птолемеј I. Антиох II го претставувал северниот, а Птолемеј II јужниот цар. Антиох II бил оженет со Лаодика и со неа имал син кој се викал Селеук II, додека Птолемеј II имал ќерка која се викала Береника. Во 250 пр.н.е. овие два цара склопиле еден „праведен договор“. Цената на оваа алијанса била таа што Антиох II се развел од својата жена Лаодика и се оженил со Береника, „ќерката на јужниот цар“. Со Береника имал син кој станал наследник на сирискиот престол наместо синовите на Лаодика.

20. а) На кој начин не останале „рацете“ на Береника? б) На кој начин биле предадени Береника, „оние што ја придружувале“ и „оној што ја направил силна“? в) Кој станал цар на Сирија откако Антиох II ја изгубил својата „рака“, односно моќ?

20 „Рацете“ на Береника, односно силата што ја поддржувала, бил татко и, Птолемеј II. Кога умрел тој во 246 пр.н.е., таа ‚не ја задржала силата во рацете свои‘ кај својот сопруг. Антиох II ја отфрлил, повторно се оженил со Лаодика и го наименувал нивниот син за свој наследник. Како што планирала Лаодика, Береника и син ѝ биле убиени. Изгледа дека слугите кои ја однеле Береника од Египет во Сирија — ‚оние, што ја придружувале‘ — го доживеале истиот крај. Лаодика дури и го отрула Антиох II и така „неговата рака“, односно моќ, исто така ‚не останала‘. Според тоа, и татко ѝ на Береника — „оној кој го предизвикал нејзиното раѓање“ — и нејзиниот сириски сопруг — кој привремено ја направил „силна“ — умреле. Со тоа Селеук II, син ѝ на Лаодика, останал како цар на Сирија. Како ќе реагира на сето ова следниот птолемејски цар?

ЕДЕН ЦАР СЕ ОДМАЗДУВА ЗА УБИСТВОТО НА СЕСТРА СИ

21. а) Кој бил ‚една од фиданките‘ од „коренот“ на Береника, и како ‚се издигнал‘ тој? б) На кој начин Птолемеј III влегол „во тврдините на северниот цар“ и преовладал против него?

21 „Но ќе се издигне фиданка [една од фиданките, NW] од коренот нејзин,“ рекол ангелот, „ќе дојде при војската, ќе влезе во тврдините на северниот цар, ќе дејствува во нив и ќе се засили [преовлада, NW]“ (Даниел 11:7). ‚Една од фиданките‘ од родителите на Береника, односно „коренот“, бил брат ѝ. Кога умрел татко му, тој ‚се издигнал‘ како јужен цар, како египетски фараон Птолемеј III. Веднаш тргнал да се одмазди за убиството на сестра си. Марширајќи против сирискиот цар Селеук II, кого што Лаодика го искористила за да ја убие Береника и син ѝ, влегол „во тврдините на северниот цар“. Птолемеј III го зазел утврдениот дел од Антиохија и ѝ задал смртоносен удар на Лаодика. Движејќи се источно низ подрачјето на северниот цар, тој ја опљачкал Вавилонија и одмарширал кон Индија.

22. Што однел Птолемеј III назад во Египет, и зошто ‚се држел настрана од северниот цар неколку години‘?

22 Што се случило потоа? Божјиот ангел ни кажува: „Дури и боговите нивни, идолите нивни заедно со скапите садови, сребрени и златни, ќе ги однесе како плен во Египет и неколку години ќе владее посилно [ќе се држи настрана, NW] од северниот цар“ (Даниел 11:8). Повеќе од 200 години пред тоа, персискиот цар Камбис II го освоил Египет и си ги понел дома египетските богови, „идолите нивни“. Кога го пљачкал поранешниот царски главен град Суза, Птолемеј III повторно ги зел тие богови и ги однел „како плен“ во Египет. Исто така, тој однел како воен плен голем број ‚скапи садови, сребрени и златни‘. Бидејќи морал да ја задуши побуната во својата земја, Птолемеј III ‚се држел настрана од северниот цар‘, и повеќе не му нанесувал штета.

СИРИСКИОТ ЦАР МУ ВОЗВРАЌА СО ИСТА МЕРА

23. Зошто ‚се вратил‘ северниот цар „во земјата своја“ откако влегол во царството на јужниот цар?

23 Како реагирал северниот цар? На Даниел му било речено: „Тој, ако и влезе во царството на јужниот цар, пак ќе се врати во земјата своја“ (Даниел 11:9). Северниот цар — сирискиот цар Селеук II — го возвратил ударот. Тој влегол „во царството“, односно во подрачјето на египетскиот јужен цар, но претрпел пораз. Со само мал остаток од својата војска, Селеук II ‚пак се вратил во земјата своја‘, повлекувајќи се во сирискиот главен град Антиохија околу 242 пр.н.е. Кога умрел, го наследил син му Селеук III.

24. а) Што се случило со Селеук III? б) Како сирискиот цар Антиох III ‚дошол, поплавил и заминал‘ од подрачјето на јужниот цар?

24 Што било проречено во врска со потомството на сирискиот цар Селеук II? Ангелот му рекол на Даниел: „Потоа, ќе се вооружат синовите негови и ќе соберат многубројна војска; а еден од нив брзо ќе замине [дојде, NW], ќе поплави и ќе замине, и потоа враќајќи се, ќе се бори со него до тврдината негова [своја, NW]“ (Даниел 11:10). Владеењето на Селеук III завршило со атентат за помалку од три години. Брат му, Антиох III, го наследил на сирискиот престол. Овој син на Селеук II собрал голема војска за да го нападне јужниот цар, кој тогаш бил Птолемеј IV. Новиот сириски северен цар успешно се борел против Египет и одново го освоил приморското пристаниште Селеукија, провинцијата Целесирија, градовите Тир и Птолемеида, и околните градови. Разбил една армија на царот Птолемеј IV и зазел многу градови во Јуда. Пролетта 217 пр.н.е., Антиох III ја напуштил Птолемеида и заминал на север, ‚до тврдината своја‘ во Сирија. Но, на повидок била една промена.

ПРЕСВРТ НА СИТУАЦИЈАТА

25. Каде се бореле Птолемеј IV и Антиох III, и што ‚му било предадено во рацете‘ на египетскиот јужен цар?

25 Како и Даниел, со исчекување слушаме додека Јеховиниот ангел понатаму претскажува: „И јужниот цар ќе се налути, па ќе излезе да се удри со него, со северниот цар, и ќе изведе голема војска и војската ќе биде предадена во рацете негови“ (Даниел 11:11). Со трупи од 75.000 војници, јужниот цар, Птолемеј IV, тргнал кон север против непријателот. Сирискиот северен цар, Антиох III, извел ‚голема војска‘ од 68.000 луѓе против него. Но, „војската“ била „предадена во рацете“ на јужниот цар во битката кај крајбрежниот град Рафија, недалеку од египетската граница.

26. а) Која „војска“ ја однел јужниот цар во битката кај Рафија, и кои биле условите на мировниот договор што бил склучен таму? б) На кој начин Птолемеј IV ‚не ја искористил својата силна положба‘? в) Кој станал следниот јужен цар?

26 Пророштвото продолжува: „Тогаш војската ќе се охрабри [ќе биде однесена, NW], и срцето на царот ќе се зарадува [возвиши, NW]; тој ќе собори многу илјади, но со тоа нема да стане посилен [но нема да ја искористи својата силна положба, NW]“ (Даниел 11:12). Птолемеј IV, јужниот цар, ‚однел‘ во смрт 10.000 луѓе од сириската пешадија и 300 коњаници, а повел и 4.000 како затвореници. Царевите тогаш склучиле договор со кој Антиох III го задржал своето сириско приморско пристаниште Селеукија, а ги изгубил Феникија и Целесирија. Поради оваа победа, срцето на египетскиот јужен цар ‚се возвишило‘, особено против Јехова. Јуда останала под контрола на Птолемеј IV. Меѓутоа, тој ‚не ја искористил својата силна положба‘ за да продолжи да се бори до конечна победа против сирискиот северен цар. Наместо тоа, Птолемеј IV се оддал на развратен живот, а неговиот петгодишен син, Птолемеј V, станал следниот јужен цар неколку години пред да умре Антиох III.

СЕ ВРАЌА ЧОВЕКОТ ОД ПОДВИЗИ

27. На кој начин се вратил северниот цар „по неколку години“ за да си ја поврати територијата од Египет?

27 Поради сите свои подвизи, Антиох III бил наречен Антиох Велики. Ангелот за него рекол: „Северниот цар ќе се врати и ќе изведе повеќе војска од поранешната и по неколку години ќе дојде со голема војска и со големо богатство“ (Даниел 11:13). Тоа било после 16 или повеќе „години“ откако Египќаните ги поразиле Сиријците кај Рафија. Кога младиот Птолемеј V станал јужниот цар, Антиох III ‚извел повеќе војска од поранешната‘ за да си ги врати териториите што египетскиот јужен цар му ги одзел. За таа цел, ги здружил силите со македонскиот цар Филип V.

28. Какви неволји имал младиот јужен цар?

28 Јужниот цар исто така имал неволји во своето царство. „Во тоа време мнозина ќе станат против јужниот цар“, рекол ангелот (Даниел 11:14а). Многумина ‚станале против јужниот цар‘. Освен што се соочил со силите на Антиох III и на неговиот македонски сојузник, младиот јужен цар се соочил со проблеми и дома во Египет. Поради тоа што неговиот старател Агатокле, кој владеел во негово име, постапувал дрско со Египќаните, многумина се побуниле. Ангелот додал: „И бунтовниците меѓу синовите на твојот народ ќе се кренат, за да се исполни видението, и ќе паднат“ (Даниел 11:14б). Дури и некои од народот на Даниел станале ‚бунтовници‘, или револуционери. Но кое и да е ‚видение‘ што го имале таквите Евреи за окончување на паганската доминација над нивната татковина било лажно, и тие немало да успеат, односно ‚паднале‘.

29, 30. а) На кој начин „мишките на југ“ подлегнале на нападот од север? б) Како се случило северниот цар ‚да стои во славната земја‘?

29 Јеховиниот ангел понатаму прорекол: „И ќе дојде северниот цар, ќе направи опкоп и ќе го завладее укрепениот град, и нема да се додржат мишките на југ, ниту неговата избрана војска: ќе нема сила да се спротивстави. И кој ќе излезе во пресрет, ќе дејствува според неговата волја и никој не ќе може да устои пред него; и живеалиштето свое ќе го постави [ќе стои, NW] во славната земја, и таа ќе настрада од раката негова“ (Даниел 11:15, 16).

30 Воените сили под водство на Птолемеј V, односно „мишките на југ“, подлегнале на нападот од север. Кај Банија (Ќесарија Филипова), Антиох III го втерал египетскиот генерал Скопас и 10.000 одбрани мажи, односно „избрана војска“, во Сидон, „укрепениот град“. Таму Антиох III ‚направил опкоп‘ и така го освоил тоа феникиско приморско пристаниште во 198 пр.н.е. Тој постапувал „според неговата волја“ бидејќи силите на египетскиот јужен цар не можеле да одолеат пред него. Потоа Антиох III тргнал против Ерусалим, главниот град на „славната земја“, Јуда. Во 198 пр.н.е. Ерусалим и Јуда поминале од египетскиот јужен цар во рацете на сирискиот северен цар. А Антиох III, северниот цар, застанал да ‚стои во славната земја‘. Во неа ‚настрадале од раката негова‘ сите Евреи и Египќани кои се противеле. Колку долго овој цар бил во состојба да дејствува според својата волја?

РИМ ГО ЗАПИРА ЧОВЕКОТ ОД ПОДВИЗИ

31, 32. Зошто северниот цар на крајот му поставил ‚праведни услови‘ за мир на јужниот цар?

31 Јеховиниот ангел ни го дава следниов одговор: „И ќе науми [северниот цар] да навлезе во царството свое со сите сили, а и праведните [услови, NW] со него, и ќе го направи тоа; и ќе му даде ќерка од жените свои за жена, за да го [ја, NW] погуби, но таа намера нема да се исполни, и тој не ќе има никаква корист од тоа [таа нема да остане негова, NW]“ (Даниел 11:17).

32 Северниот цар, Антиох III, ‚наумил‘ да завладее со Египет „со сите сили“. Но, на крајот му поставил ‚праведни услови‘ за мир на Птолемеј V, јужниот цар. Поради барањата на Рим, Антиох III морал да го промени својот план. Кога тој и царот на Македонија, Филип V, се здружиле против египетскиот млад цар за да му ги заземат териториите, старателите на Птолемеј V се обратиле до Рим за заштита. Искористувајќи ја приликата да ја прошири својата сфера на влијание, Рим си ги покажал мускулите.

33. а) Какви биле условите за мир помеѓу Антиох III и Птолемеј V? б) Која била целта на бракот помеѓу Клеопатра I и Птолемеј V, и зошто пропаднала таа сплетка?

33 Под притисок на Рим, Антиох III му поставил услови за мир на јужниот цар. Наместо да ги поврати назад освоените територии, како што барал Рим, Антиох III планирал да ги врати само формално со тоа што ја омажил ќерка си Клеопатра I — „ќерка од жените свои“ — за Птолемеј V. Провинциите кои ја вклучувале Јуда, „славната земја“, требало да бидат дадени за мираз. Меѓутоа, на свадбата во 193 пр.н.е., сирскиот цар не му ги предал овие провинции на Птолемеј V. Ова бил политички брак, склопен со цел да ѝ се потчини Египет на Сирија. Но планот пропаднал бидејќи Клеопатра I ‚не останала негова‘ затоа што подоцна застанала на страната на својот сопруг. Кога избувнала војна помеѓу Антиох III и Римјаните, Египет застанал на страната на Рим.

34, 35. а) Кон кои „приморски земји“ го свртел северниот цар своето лице? б) На кој начин Рим ставил крај на „срамот“ нанесен од северниот цар? в) Како умрел Антиох III, и кој станал следниот северен цар?

34 Осврнувајќи се на промените поради поразите што ги доживеал северниот цар, ангелот додал: „Потоа [Антиох III] ќе го сврти лицето свое кон островите [приморските земји, NW] и ќе завладее многу од нив; но еден водач [Рим] ќе го прекрати [за себе] нанесениот срам од него и дури својот срам [што му го нанел Антиох III] ќе го префрли врз него. Потоа [Антиох III] ќе го сврти лицето свое кон тврдината на својата земја, но ќе се сопне, ќе падне и нема да ги освои“ (Даниел 11:18, 19).

35 „Приморските земји“ биле Македонија, Грција и Мала Азија. Во 192 пр.н.е. избувнала војна во Грција, па Антиох III бил наведен да отиде во Грција. Незадоволен поради тоа што сирискиот цар вложувал напори да освои додатни територии таму, Рим формално му објавил војна. Кај Термопили претрпел пораз од рацете на Рим. По околу една година откако ја изгубил битката кај Магнезија во 190 пр.н.е., морал да предаде сѐ што имал во Грција, Мала Азија и во пределите западно од планинскиот венец Тавор. Рим наметнал висока казна и ја утврдил својата доминација над сирискиот северен цар. Истеран од Грција и од Мала Азија и со изгубена скоро цела флота, Антиох III ‚го свртел лицето свое кон тврдината на својата земја‘, Сирија. Римјаните ‚го префрлиле својот срам врз него‘. Антиох III умрел додека се обидувал да ограби еден храм во Елимаида, Персија, во 187 пр.н.е. Така ‚паднал‘ во смрт, а го наследил син му Селеук IV, следниот северен цар.

КОНФЛИКТОТ ПРОДОЛЖУВА

36. а) На кој начин се обидел јужниот цар да ја продолжи борбата, но што му се случило? б) Како паднал Селеук IV, и кој го наследил?

36 Како јужен цар, Птолемеј V се обидел да ги добие провинциите кои требало да му припаднат како мираз за Клеопатра, но еден отров им ставил крај на неговите напори. Него го наследил Птолемеј VI. А што се случило со Селеук IV? Поради тоа што му биле потребни пари за да ја плати високата казна што му ја должел на Рим, го испратил својот ризничар Хелиодор да ги заплени богатствата за кои се велело дека се складирани во ерусалимскиот храм. Со желба да дојде на престолот, Хелиодор го убил Селеук IV. Меѓутоа, Еумен, царот на Пергам, и брат му Атал го востоличиле Антиох IV, братот на убиениот цар.

37. а) Како се обидел Антиох IV да се покаже помоќен од Јехова Бог? б) До што довело сквернавењето на ерусалимскиот храм од страна на Антиох IV?

37 Новиот северен цар, Антиох IV, сакал да се покаже посилен од Бог така што се обидел да го искорени Јеховиното уредување за обожавање. Пркосејќи му на Јехова, му го посветил ерусалимскиот храм на Зевс, односно Јупитер. Во декември 167 пр.н.е., врз големиот олтар во храмскиот двор, каде што секојдневно му биле принесувани палени приноси на Јехова, бил подигнат пагански олтар. Десет дена подоцна, на тој пагански олтар му била принесена жртва на Зевс. Ова сквернавење го предизвикало еврејското востание под водство на Макавејците. Антиох IV се борел со нив три години. Во 164 пр.н.е., на годишнината од сквернавењето, Јуда Макавеецот повторно му го посветил храмот на Јехова и бил воспоставен Празникот на посветување — Ханука (Јован 10:22).

38. Како завршило макавејското владеење?

38 Во 161 пр.н.е., Макавејците веројатно направиле спогодба со Рим и во 104 пр.н.е. основале царство. Но несогласувањата меѓу нив и сирискиот северен цар продолжиле. На крајот, Рим бил повикан да интервенира. Римскиот генерал Гнеј Помпеј го зазел Ерусалим во 63 пр.н.е. после тримесечна опсада. Во 39 пр.н.е., Римскиот сенат го наименувал Ирод — еден Едомец — да биде цар на Јудеја. Тој го зазел Ерусалим во 37 пр.н.е. и со тоа му ставил крај на макавејското владеење.

39. На кој начин извлече корист од разгледувањето на Даниел 11:1—19?

39 Колку само е возбудливо да се види дека првиот дел од пророштвото за двата цара во конфликт се исполнил во детали! Навистина, колку само е возбудливо да се ѕирне во историјата по околу 500 години откако му била пренесена пораката на Даниел и да се идентификуваат владетелите кои ги заземале положбите на северниот и на јужниот цар! Меѓутоа, политичките идентитети на овие два цара се менувале во текот на нивната меѓусебна битка која траела во времето кога Исус Христос бил на Земјата, а трае и во наше време. Споредувајќи го историскиот развој на настаните со интересните детали откриени во ова пророштво, ќе можеме да ги идентификуваме овие два противнички цара.

ШТО ЗАБЕЛЕЖА?

• Кои две семејства на силни цареви се појавиле од хеленистичките царства и каква борба започнале тие цареви?

• Како што е проречено во Даниел 11:6, на кој начин двата цара направиле „праведен договор“?

• На кој начин продолжил конфликтот меѓу

Селеук II и Птолемеј III (Даниел 11:7—9)?

Антиох III и Птолемеј IV (Даниел 11:10—12)?

Антиох III и Птолемеј V (Даниел 11:13—16)?

• Која била целта на бракот помеѓу Клеопатра I и Птолемеј V, и зошто пропаднала таа сплетка (Даниел 11:17—19)?

• Како ти користеше тоа што обрна внимание на Даниел 11:1—19?

[Прашања]

[Табела/слики на страница 228]

ЦАРЕВИТЕ ОД ДАНИЕЛ 11:5—19

Северниот цар Јужниот цар

Дан. 11:5 Селеук I Никатор Птолемеј I

Дан. 11:6 Антиох II Птолемеј II

(сопруга Лаодика) (ќерка Береника)

Дан. 11:7—9 Селеук II Птолемеј III

Дан. 11:10—12 Антиох III Птолемеј IV

Дан. 11:13—19 Антиох III Птолемеј V

(ќерка Клеопатра I) Наследник:

Наследници: Птолемеј VI

Селеук IV и

Антиох IV

[Слика]

Кована монета со ликот на Птолемеј II и жена му

[Слика]

Селеук I Никатор

[Слика]

Антиох III

[Слика]

Птолемеј VI

[Слика]

Птолемеј III и неговите наследници го изградиле овој храм на Хор во Идфу, горен Египет

[Карта/слики на страници 216 и 217]

(Види во публикацијата)

Ознаките „северниот цар“ и „јужниот цар“ се однесуваат на царевите северно и јужно од земјата на Даниеловиот народ

МАКЕДОНИЈА

ГРЦИЈА

МАЛА АЗИЈА

ИЗРАЕЛ

ЛИБИЈА

ЕГИПЕТ

ЕТИОПИЈА

СИРИЈА

Вавилон

АРАБИЈА

[Слика]

Птолемеј II

[Слика]

Антиох Велики

[Слика]

Камена плоча со официјалните декрети што ги издал Антиох Велики

[Слика]

Кована монета со ликот на Птолемеј V

[Слика]

Портата на Птолемеј III, во Карнак, Египет

[Слика на целата страница 210]

[Слика на страница 215]

Селеук I Никатор

[Слика на страница 218]

Птолемеј I