Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

До каде со школските другари?

До каде со школските другари?

ПОГЛАВЈЕ 17

До каде со школските другари?

„Понекогаш кога ќе видам група млади, си мислам: ‚Баш се добри другари. И јас би сакал да сум во нивно друштво‘“ (Џо).

„Немав проблем да си најдам пријатели на училиште. Напротив, проблемот беше што многу лесно се спријателував“ (Марија).

НА СЕКОГО му требаат пријатели — луѓе со кои може да се опушти во добри времиња и на кои може да се потпре во тешки времиња. Исус имал пријатели, и сакал да се дружи со нив (Јован 15:15). Кога се соочил со смрт на маченички столб, покрај него бил неговиот близок пријател Јован, ‚ученикот кого посебно го сакал‘ (Јован 19:25-27; 21:20). И тебе ти требаат такви пријатели — луѓе што ќе останат со тебе и во добро и во лошо!

Можеби мислиш дека си нашол такви другари на училиште — еден или двајца соученици со кои добро ти оди. Ве интересираат слични работи и секогаш имате што да си кажете. Според тебе, тие не спаѓаат во категоријата ‚лошо друштво‘ (1. Коринќаните 15:33). „Се гледаш со тие деца речиси секој ден“, вели Ана. „Затоа ти е пријатно со нив. Со нив е многу поинаку отколку кога си со духовните браќа и сестри, во чие друштво понекогаш се чувствуваш како да газиш на јајца. На училиште можеш да се опуштиш.“ Освен тоа, можеби и ти гледаш на работите како што гледала Луиза, која вели: „Сакав децата на училиште да видат дека Јеховините сведоци не се поинакви, како што мислат другите. Сакав да им покажам дека сме нормални луѓе“. Дали ова се разумни причини да станеш близок пријател со школските другари?

Зошто да се биде претпазлив?

Види што ѝ се случило на Марија, која беше цитирана во почетокот. Таа по природа е многу отворена и многу лесно си наоѓала пријатели, но потешко ѝ било да одреди каде да постави граница. „Ми годеше што и машките и женските сакаа да бидат во мое друштво“, признава таа. „Но, поради тоа сѐ повеќе и повеќе тонев во живиот песок на овој свет.“ И Луиза доживеала нешто слично. „Почнав да размислувам како другите деца“, вели таа. „Почнав да постапувам како нив.“

Ваквиот резултат не е за изненадување. Впрочем, за да останеш близок пријател со некого, треба да имаш исти интереси и вредности како него. Ако си близок пријател со луѓе што не се држат за библиските верувања и мерила, тоа неизбежно ќе влијае и врз твоето однесување (Изреки 13:20). Апостол Павле имал право кога напишал: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници“ (2. Коринќаните 6:14).

Што да правиш

Дали советот на Павле значи дека треба да ги избегнуваш школските другари и да се држиш понастрана од нив? Не! За да го исполнат својот налог ‚да прават ученици од луѓето од сите народи‘, христијаните треба да знаат да комуницираат со мажи и жени од сите раси, религии и култури (Матеј 28:19).

Апостол Павле оставил одличен пример во овој поглед. Тој знаел како да разговара со „најразлични луѓе“, иако не ги делел нивните верувања (1. Коринќаните 9:22, 23, фуснота). Можеш да го следиш неговиот пример. Биди љубезен со врсниците. Научи добро да комуницираш со нив. Но, не подлегнувај на желбата да зборуваш и да се однесуваш како нив. Наместо тоа, што е можно поскоро, љубезно објасни им зошто си решил да живееш според библиските мерила (2. Тимотеј 2:25).

Точно е дека ќе стрчиш од другите, и тоа не е баш лесно (Јован 15:19). Но, зошто не размислуваш за тоа вака: Ако си на чамец за спасување, а околу тебе во водата сѐ уште има луѓе, како ќе им помогнеш? Ќе го напуштиш чамецот и ќе се фрлиш во водата со нив? Нормално дека не!

Слично на тоа, на училиште си опкружен со луѓе кои ја немаат заштитата што ја имаат оние што му се пријатели на Јехова (Псалм 121:2-8). Ако ги оставиш Јеховините мерила за да бидеш со своите школски другари, само ќе си ги загрозиш духовното здравје и среќата (Ефешаните 4:14, 15; Јаков 4:4). Зарем не би било многу подобро да пробаш да им помогнеш на своите школски другари да се качат во спасувачкиот чамец, така да се каже, со тоа што ќе им покажеш како да му служат на Јехова? Нема подобар начин да им покажеш дека си вистински пријател.

КЛУЧЕН СТИХ

„Сѐ правам поради добрата вест, за да им ја проповедам на другите“ (1. Коринќаните 9:23)

ПРЕДЛОГ

Ако некои твои соученици сакаат да дознаат нешто повеќе за твоите верувања, дозволи им и тие да си ги кажат своите гледишта. Кога зборува другиот, слушај го внимателно. Кога зборуваш ти, зборувај „благо и со длабока почит“ (1. Петрово 3:15).

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

Мнозина денес му служат на Бог затоа што некој соученик бил доволно смел да зборува за своите верувања.

ПЛАН!

Ако почувствувам дека сум станал премногу близок со некој школски другар, ќе ․․․․․

Ако некој школски другар ги исмева моите верувања, ќе ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто понекогаш изгледа дека е полесно да си најдеш пријател на училиште отколку во христијанското собрание?

● Зошто е опасно да го поминуваш слободното време со другар што не ги дели твоите верувања?

● Како ќе ти користи тоа што ќе им кажеш на соучениците дека си Јеховин сведок?

[Истакната мисла на страница 143]

››Бев ист како и другите деца на училиште, па затоа ми беше лесно да си најдам другари. Но, извлеков поука од моите грешки. Сега имам пријатели од собранието — пријатели на кои можам да им верувам‹‹ (Даниел)

[Слика на страница 146]

Кој е најдобриот начин да му помогнеш на давеник — да скокнеш во водата или да му фрлиш појас за спасување?