5. Мојсеева 11:1-32
11 Сакај го Јехова, својот Бог,+ и секогаш извршувај ги сите свои должности кон него, неговите одредби, закони+ и заповеди.
2 И денес знајте го ова: не им се обраќам на вашите синови, кои не ја запознаа и не ја видоа поуката од Јехова,+ вашиот Бог, неговата величина,+ неговата силна рака,+ ниту неговата подигната мишка,+
3 ниту неговите знаци, ниту неговите чуда што среде Египет+ ги направи врз фараонот, египетскиот цар, и врз целата негова земја,
4 ниту она што ѝ го направи на египетската војска, на неговите коњи и бојни коли, кои ги преплави со водите на Црвеното Море кога ве прогонуваа,+ па Јехова ги сотре сите+ — што се гледа до ден-денес —
5 ниту она што го правеше за вас во пустината додека не дојдовте до ова место,
6 ниту она што им го направи на Датан и на Авирон,+ синовите на Елијав, синот на Рувим, кога земјата ја отвори устата и среде целиот Израел+ ги голтна нив, нивните семејства, нивните шатори и сѐ што тргна по нив.
7 Зашто, вашите очи ги видоа сите дела што ги направи Јехова.+
8 Држете ги сите заповеди+ што ви ги давам денес за да станете силни и да влезете во земјата во која одите за да ја заземете,+
9 и за да ви се продолжат деновите+ во земјата за која Јехова им се заколна на вашите прататковци дека ќе им ја даде ним и на нивното потомство,+ земја во која тече мед и млеко.+
10 Зашто, земјата во која одиш за да ја заземеш не е како египетската земја од која излеговте, каде што посеаното семе мораше да го наводнуваш со своја нога* како да е бавча.
11 Земјата во која одите за да ја заземете е земја на планини и долини,+ земја натопувана од небесниот дожд.
12 Тоа е земја за која се грижи Јехова, твојот Бог. Очите+ на Јехова, твојот Бог, се насочени кон неа постојано, од почетокот до крајот на годината.
13 Ако ги слушате моите заповеди+ што ви ги давам денес и ако го сакате Јехова, својот Бог, па му служите со сето свое срце и со сета своја душа,+
14 ќе ѝ давам на вашата земја дожд во право време,+ дожд есенски и пролетен,+ за да можеш да го собираш своето жито, своето вино* и своето масло.
15 И ќе ти давам трева во полето за твојата стока,+ и ќе јадеш до ситост.+
16 Чувајте се да не ве измами вашето срце,+ да не застраните и да почнете да обожавате други богови и да им се клањате,+
17 за да не се разгневи Јехова против вас и да го затвори небото за да нема дожд,+ па земјата да не го дава својот род и вие брзо да исчезнете од добрата земја што ви ја дава Јехова.+
18 Овие мои зборови всадете си ги во срцето+ и во душата, врзете си ги како знак на раката и нека ви бидат како лента на челото.*+
19 Поучете ги за нив синовите. Зборувај им за нив кога седиш во својата куќа и кога одиш по пат, кога легнуваш и кога стануваш.+
20 Напиши ги на довратниците од својата куќа и на своите порти,+
21 за да бидат вашите денови и деновите на вашите синови на земјата, за која им се заколна Јехова на вашите прататковци дека ќе им ја даде,+ исто толку бројни+ колку деновите на небото над земјата.+
22 Зашто, ако ги држите верно сите овие заповеди+ што ви ги давам и ако ги извршувате, ако го сакате Јехова, својот Бог,+ ако одите по сите негови патишта+ и ако се држите за него,+
23 Јехова ќе ги истера заради вас сите тие народи,+ а вие ќе ги земете имотите на народи кои се поголеми и побројни од вас.+
24 Секое место на коешто ќе стапне вашата нога ќе биде ваше.+ Од пустината до Ливан, од Реката, реката Еуфрат, до западното море ќе се протега вашата граница.+
25 Никој не ќе може да се одржи пред вас.+ Јехова, вашиот Бог, ќе шири пред вас страв и трепет по целата земја+ во која ќе стапнете, како што ви вети.
26 Еве, денес ставам пред вас благослов и проклетство:+
27 благослов, ако ги послушате заповедите на Јехова, својот Бог,+ кои ви ги давам денес,
28 а проклетство,+ ако не ги послушате заповедите на Јехова, својот Бог,+ туку скршнете од патот што ви го одредувам денес, па тргнете по други богови, кои не сте ги познавале.
29 Кога Јехова, твојот Бог, ќе те доведе во земјата во која одиш за да ја заземеш,+ тогаш искажи благослов на планината Гаризим,+ а проклетство на планината Евал.+
30 Зар тие не се западно од Јордан, во земјата на Ханаанците што живеат во Араба,+ спроти Гилгал,+ покрај големите стебла на Море?+
31 Еве, ќе преминете преку Јордан за да влезете во земјата, која ви ја дава Јехова, и да ја заземете. Заземете ја и живејте во неа!+
32 Совесно постапувајте според сите уредби и закони+ што ги изнесувам пред вас денес.+
Фусноти
^ Изразот се однесува на наводнување со направа на ножен погон, на пример, некој вид на водено тркало, или на правење бразди за вода со помош на нозете.
^ Или: „слатко вино“.
^ Буквално: „меѓу очите“.