2. Мојсеева 22:1-31
22 Ако некој украде јунец или овца, па ги заколе или ги продаде, нека врати пет јунци за еден јунец, а четири овци за една овца.+
2 Ако некој затече крадец+ како провалува,+ па му зададе удар и тој умре, оној што го удрил нема да биде виновен за крв.+
3 Но ако сонцето веќе излегло над него, тогаш ќе биде виновен за крв.
Крадецот мора да ја надомести штетата. Ако нема ништо, тогаш тој треба да биде продаден за она што го украл.+
4 Ако се најде во неговата рака живо она што е украдено, сеедно дали е јунец, магаре или овца, мора да врати двојно.
5 Ако некој опустоши нива или лозје пуштајќи ја својата стока да испасе туѓа нива, мора да ја надомести штетата+ со најдоброто од својата нива или од своето лозје.
6 Ако се прошири оган и ако зафати трње, па изгорат снопови жито, или неожнеано жито, или нива,+ оној што го запалил огнот мора да го надомести тоа што изгорело.
7 Кога некој ќе му даде на својот ближен пари или предмети на чување,+ па ако биде тоа украдено од неговата куќа, крадецот, ако го најдат, мора да врати двојно.+
8 Ако не го најдат крадецот, сопственикот на куќата нека биде одведен пред вистинскиот Бог+ за да се утврди дали тој посегнал по работите на својот ближен.
9 Кога некој ќе направи престап,+ така што за јунец, магаре, овца, облека или некоја друга изгубена работа ќе рече: ‚Тоа е мое!‘ — нивниот спор нека се изнесе пред вистинскиот Бог.+ Оној кого Бог ќе го прогласи за виновен треба двојно да му ја надомести штетата на својот ближен.+
10 Кога некој ќе му даде на својот ближен на чување магаре, јунец, овца или какво и да е друго домашно животно, ако тоа пцовиса, или биде осакатено, или некој го одведе без да види никој,
11 оној што го чувал животното нека се заколне+ пред Јехова дека не посегнал со своја рака по сопственоста на својот ближен.+ Сопственикот нека го прифати тоа, а оној другиот не треба да ја надоместува штетата.
12 Но, ако му било украдено, мора да му ја надомести штетата на сопственикот.+
13 Ако ѕверка го растргнала животното,+ нека го донесе како доказ.+ За она што го растргнала ѕверка, не треба да се надоместува штетата.
14 Но, ако некој земе од својот ближен+ животно на заем, па тоа биде осакатено или пцовиса додека сопственикот не е со него, мора да ја надомести штетата.+
15 Ако сопственикот бил со него, не мора да се надоместува штетата. Ако е земено под наем, штетата ќе се покрие со наемот.
16 Ако некој заведе девица која не е свршена и ако легне со неа,+ мора да ја земе за жена по цената што е одредена.+
17 Ако нејзиниот татко никако не сака да му ја даде, мора да даде онолку пари колку што е цената за девица.+
18 Гатачка не оставај да живее.+
19 Секој што ќе легне со животно, да биде погубен.+
20 Кој ќе принесува жртви на кој и да е друг бог освен на Јехова, да биде погубен.*+
21 Со дојденец немој да постапуваш лошо, ниту да го угнетуваш,+ зашто и вие бевте дојденци во египетската земја.+
22 Не правете зло на вдовица, ниту на дете* без татко.+
23 Ако им направиш некакво зло, па тие почнат да викаат кон мене, сигурно ќе го чујам нивниот викот.+
24 Мојот гнев ќе се распали,+ и ќе ве погубам со меч, па вашите жени ќе станат вдовици и вашите синови сираци.+
25 Ако му дадеш на заем пари некому од мојот народ, на страдалникот што е со тебе,+ немој да му бидеш како лихвар. Не наметнувај му камати.+
26 Ако ја земеш во залог облеката на својот ближен,+ врати му ја до зајдисонце.
27 Зашто, тоа му е единствената покривка,+ наметка со која го покрива своето тело. Во што ќе си легне? И ќе повика за помош кон мене, а јас ќе го чујам, бидејќи сум милостив.+
28 Не проколнувај го Бог,+ ниту поглаварот на својот народ.+
29 Не колебај се да даваш од изобилството на својот род и од изобилството на своето гмечало.+ Првородениот од твоите синови ќе ми го дадеш мене.+
30 Вака направи и со својот јунец и со својата овца:+ седум дена нека останат со својата мајка,+ а на осмиот ден ќе ми ги дадеш мене.
31 Бидете мој свет народ.+ Не јадете месо од животно што го растргнала ѕверка во полето,+ туку фрлете им го на кучињата.+
Фусноти
^ Или: „да стане херем“. Ако нешто станало херем, тоа значело дека неповратно му припаднало на Јехова. Ако биле луѓе, морало да бидат погубени. А ако биле животни, предмети или недвижен имот (на пример, ниви, па дури и цели градови), морало да бидат уништени или да бидат одземени и посветени за да служат исклучително за света цел, за потребите на свештенството или на светилиштето, во зависност од тоа што одредил Јехова во конкретниот случај.
^ Буквално: „машко дете“.