1. Царевите 15:1-34

15  Во осумнаесеттата година од царувањето на Јеровоам,+ синот на Нават,+ Авијам стана цар на Јуда.+  Три години владееше во Ерусалим. Мајка му се викаше Мааха+ и беше внука на Авесалом.+  Тој ги правеше сите гревови* што ги правеше и неговиот татко пред него, и неговото срце не му беше потполно оддадено+ на Јехова, неговиот Бог, како што беше срцето на Давид, неговиот прататко.+  Но заради Давид,+ Јехова, неговиот Бог, му даде светилка+ во Ерусалим, така што го подигна неговиот син по него и го зачува Ерусалим,+  зашто Давид го правеше она што е исправно во Јеховини очи и цел живот не отстапи од ништо што му заповеда тој,+ освен она што се случи со Урија Хетеецот.+  А меѓу Ровоам и Јеровоам се водеше војна сѐ додека беше жив Ровоам.+  Останатата историја на Авијам и сѐ што направи, зар не е сето тоа запишано во летописите+ на царевите на Јуда? А се водеше војна и меѓу Авијам и Јеровоам.+  На крајот, Авијам почина кај своите прататковци, и го погребаа во Давидовиот град,+ а наместо него почна да владее неговиот син Аса.+  Во дваесеттата година од царувањето на Јеровоам над Израел, Аса стана цар на Јуда. 10  И владееше во Ерусалим четириесет и една година. Неговата баба се викаше Мааха+ и му беше внука на Авесалом.+ 11  Аса го правеше она што е исправно во Јеховини очи, како Давид, својот прататко.+ 12  Тој ги протера од земјата машките храмски блудници+ и ги отстрани сите одвратни идоли*+ што ги беа направиле неговите прататковци.+ 13  И својата баба Мааха+ ја тргна од положбата на царица-мајка,+ зашто беше направила одвратен идол за да се обожава обредниот дирек.* Аса го исече нејзиниот одвратен идол+ и го запали+ во долината на Кедрон.+ 14  Но не ги отстрани+ обредните височинки.+ Сепак, срцето на Аса му беше потполно оддадено на Јехова сѐ додека беше жив.+ 15  Тој ги внесе во Јеховиниот дом работите што ги беше посветил татко му и работите што самиот ги посвети: сребро, злато и садови.+ 16  Меѓу Аса и Васа,+ израелскиот цар, се водеше војна додека беа живи. 17  Васа, царот на Израел, дојде против Јуда и почна да ја утврдува Рама+ за да не може никој да излегува откај Аса, царот на Јуда, ниту да доаѓа кај него.+ 18  Тогаш цар Аса го зеде сето сребро и злато што остана во ризницата на Јеховиниот дом и во ризницата на царскиот дворец и им го даде на своите слуги, па ги испрати кај сирискиот цар+ Вен-Адад,+ синот на Таверем, син на Хезион, кој живееше во Дамаск,+ и му порача: 19  „Постои сојуз меѓу мене и тебе, меѓу мојот татко и твојот татко. Еве, ти праќам дар+ од сребро и злато. Ајде раскини го својот сојуз со Васа, израелскиот цар, за да си отиде откај мене!“+ 20  И Вен-Адад го послуша цар Аса и ги испрати заповедниците на своите војски против израелските градови, па ги нападна Ијон,+ Дан,+ Авел-Вет-Маха+ и целиот Кинерет и целата земја на Нефталим.+ 21  Кога го дозна тоа, Васа веднаш престана да ја утврдува Рама+ и се врати во Терса.+ 22  А цар Аса го собра сиот народ на Јуда,+ сите без исклучок. И ги однесоа камењата и дрвената граѓа, со кои Васа ја утврдуваше Рама. Со нив цар Аса почна да ги утврдува Гева+ Венијаминова и Миспа.+ 23  Останатата историја на Аса, сите негови потфати, сѐ што направи и градовите што ги изгради, зар не е сето тоа запишано во летописите+ на царевите на Јуда? А на стари години+ боледуваше од нозете.+ 24  На крајот, Аса почина кај своите прататковци+ и беше погребан кај своите прататковци во градот на Давид, својот прататко,+ а наместо него почна да владее Јосафат,+ неговиот син. 25  Надав,+ синот на Јеровоам, стана цар на Израел во втората година од царувањето на Аса над Јуда и владееше над Израел две години. 26  Го правеше она што е зло+ во Јеховини очи и одеше по патот на својот татко,+ правејќи ги неговите гревови со кои го наведе на грев Израел.+ 27  А Васа,+ синот на Ахија од домот на Исахар, почна да кове заговор против него, и Васа го уби кај Гиветон,+ кој им припаѓаше на Филистејците, додека Надав и целиот Израел го опсадуваа Гиветон. 28  Васа го уби во третата година од царувањето на Аса над Јуда, па почна да владее наместо него.+ 29  И штом стана цар, ги уби сите од домот на Јеровоам. Не остави ништо што дишеше од домот на Јеровоам додека не ги истреби сите, според речта што Јехова ја кажа преку својот слуга Ахија од Сило,+ 30  поради гревовите што ги направи Јеровоам,+ а со кои го наведе на грев Израел, и поради неговите навреди со кои го предизвикуваше Јехова, Богот на Израел.+ 31  Останатата историја на Надав и сѐ што правеше тој, зар не е сето тоа запишано во летописите+ на израелските цареви? 32  Аса и Васа, царот на Израел, водеа војна додека беа живи.+ 33  Во третата година од царувањето на Аса над Јуда, Васа, синот на Ахија, стана цар на целиот Израел во Терса, и владееше дваесет и четири години.+ 34  Го правеше она што е зло во Јеховини очи+ и одеше по патот на Јеровоам+ и ги правеше неговите гревови со кои го наведе Израел на грев.+

Фусноти

Буквално: „одеше во сите гревови“.
Или: „лепешкави идоли“.
Или: „ашерот“.