1. Мојсеева 42:1-38
42 А Јаков дозна дека во Египет има жито,+ па им рече на своите синови: „Зошто гледате еден во друг?“
2 И додаде: „Слушнав дека имало жито во Египет.+ Појдете, па оттаму купете го за да останеме живи и да не изумреме“.
3 Така, десетте браќа+ на Јосиф отидоа во Египет да купат жито.
4 Но Јаков не го испрати Јосифовиот брат Венијамин+ со останатите браќа, зашто рече: „Да не го снајде несреќа, па да загине“.+
5 Така синовите на Израел дојдоа заедно со другите што доаѓаа да купуваат, бидејќи во ханаанската земја владееше глад.+
6 А Јосиф беше управител во земјата.+ Тој им продаваше жито на луѓето од сите земји.+ Така дојдоа и браќата на Јосиф и му се поклонија со лицето доземи.+
7 Кога Јосиф ги здогледа своите браќа, веднаш ги препозна, но не дозволи тие да го препознаат него.+ Затоа им се обрати со остри зборови: „Од каде доаѓате?“ Тие одговорија: „Од ханаанската земја, за да купиме храна“.+
8 Иако Јосиф ги препозна своите браќа, тие не го препознаа него.
9 И Јосиф веднаш се сети на соништата што ги беше сонил во врска со нив,+ па им рече: „Вие сте извидувачи! Сте дошле за да видите каде е земјата незаштитена!“+
10 А тие му одговорија: „Не, господару!+ Твоите слуги+ дојдоа да купат храна.
11 Сите ние сме синови на еден човек. Чесни луѓе сме. Твоите слуги не се извидувачи“.+
12 Но тој им рече: „Не е вистина! Дојдени сте за да видите каде е земјата незаштитена!“+
13 А тие одговорија: „Твоите слуги беа дванаесет браќа,+ синови на еден човек+ во ханаанската земја. Најмладиот е сега со нашиот татко,+ а едниот повеќе го нема“.+
14 Но Јосиф им рече: „Токму како што реков: ‚Вие сте извидувачи!‘
15 Вака ќе ве испитам: се колнам во животот на фараонот, нема да излезете одовде ако не дојде ваму вашиот најмал брат.+
16 Испратете еден од вас да го доведе вашиот брат, а вие ќе останете во затвор за да се види дали се вистинити вашите зборови!+ Ако не се, како што е жив фараонот, тогаш сте извидувачи“.
17 Потоа сите заедно ги фрли в затвор за три дена.
18 А на третиот ден Јосиф им рече: „Направете вака и ќе останете живи, зашто јас се бојам+ од вистинскиот Бог!
19 Ако сте чесни, еден од вас нека остане врзан во затворот,+ а вие останатите одете и земете жито за своите домашни кои гладуваат!+
20 Потоа доведете ми го вашиот најмал брат за да се види дека вашите зборови се вистинити, и нема да умрете!“+ И тие се согласија да направат така.
21 Па почнаа да си велат еден на друг: „Сигурно нѐ стигнува вината поради нашиот брат,+ зашто видовме колку му беше мачно на душата кога нѐ молеше за милост, а ние не го послушавме. Затоа нѐ снајде оваа неволја“.+
22 Рувим им одговори: „Зарем не ви велев: ‚Не грешете против детето‘? Но вие не слушавте.+ Сега се бара сметка за неговата крв“.+
23 А тие не знаеја дека Јосиф ги разбира, зашто со него разговараа преку толкувач.
24 И тој се оддалечи од нив и заплака.+ Откако се врати и разговараше со нив, го издвои Симеон+ и го врза пред нивни очи.+
25 Потоа Јосиф заповеда да им ги наполнат вреќите со жито и секому да му ги вратат парите во неговата вреќа+ и да им дадат храна за по пат.+ И така им направија.
26 Тогаш го натоварија житото на своите магариња и тргнаа оттаму.
27 Во преноќевалиштето, кога еден од нив ја отвори својата вреќа да го нахрани магарето,+ ги здогледа своите пари одозгора во вреќата.+
28 Тогаш им рече на своите браќа: „Ми ги вратиле парите и еве ги во мојава вреќа!“ Тогаш срцето им замре од страв, па треперејќи се свртија еден кон друг,+ велејќи: „Што е ова што ни го направи Бог?“+
29 Кога дојдоа кај својот татко Јаков во ханаанската земја, му раскажаа за сѐ што им се случи:
30 „Човекот што е господар на земјата зборуваше остро со нас,+ зашто мислеше дека ја извидуваме земјата.+
31 Но ние му рековме: ‚Чесни луѓе сме.+ Не сме извидувачи.
32 Ние сме дванаесет браќа,+ синови на ист татко.+ Едниот брат повеќе го нема,+ а најмалиот е сега со нашиот татко во ханаанската земја‘.+
33 Но човекот што е господар на онаа земја ни рече:+ ‚Вака ќе знам дали сте чесни:+ еден од вас нека остане кај мене,+ а вие земете што ви треба за своите домашни кои гладуваат, па одете!+
34 И доведете ми го вашиот најмал брат за да знам дека не сте извидувачи, туку чесни луѓе! Тогаш ќе ви го вратам братот, а вие ќе можете да тргувате во земјата‘ “.+
35 А кога ги испразнија вреќите, секој си го најде ќесето со пари во својата вреќа. И кога ги видоа ќесињата со пари, се исплашија и тие и татко им.
36 Тогаш нивниот татко Јаков им рече: „Поради вас останувам без деца!+ Јосиф го нема, го нема ни Симеон,+ а и Венијамин сакате да ми го земете! Сето тоа се струпа на мене!“
37 А Рувим му рече на татка си: „Убиј ги моите два сина ако не ти го доведам назад.+ Довери ми го мене, и јас ќе ти го вратам“.+
38 Но тој му одврати: „Мојот син нема да оди со вас, зашто брат му е мртов и тој остана сам.+ Ако го снајде несреќа, па загине на патот на кој ќе појдете, ќе ја испратите мојава седа глава со тага во гробот“.*+
Фусноти
^ Буквално: „шеолот“.