Еремија 52:1-34
52 Седекија+ имаше дваесет и една година кога почна да владее,+ и владееше единаесет години во Ерусалим.+ Мајка му се викаше Амутала+ и беше ќерка на Еремија од Ливна.+
2 Тој го правеше она што е зло во очите на Јехова,+ сѐ како што правеше и Јоаким.+
3 Тоа што се случи во Ерусалим и во Јуда предизвика гнев кај Јехова, па тој ги отфрли од пред своето лице.+ А Седекија се побуни против вавилонскиот цар.+
4 И така, во деветтата година од неговото царување,+ во десеттиот месец, на десеттиот ден од тој месец, Навуходоносор, вавилонскиот цар, дојде против Ерусалим со сета своја војска.+ И се улогорија пред градот и изградија опсаден ѕид околу него.+
5 Градот беше под опсада сѐ до единаесеттата година од царувањето на Седекија.+
6 Во четвртиот месец, на деветтиот ден од тој месец,+ настана толкав глад во градот што немаше леб за народот.*+
7 На крајот непријателот се проби во градот,+ а сите воини се впуштија во бегство+ и излегоа ноќе од градот низ портата меѓу двојниот ѕид, кој беше покрај царската градина,+ а Халдејците беа насекаде околу градот. И тргнаа кон Араба.+
8 Но халдејската војска тргна во потера по царот+ и го стигна Седекија+ во пустинската рамница кај Ерихон, а сета негова војска се разбега откај него.+
9 И го фатија царот и го одведоа кај вавилонскиот цар+ во Ривла,+ во ематската земја,+ за да му суди.+
10 Вавилонскиот цар ги погуби синовите на Седекија пред негови очи,+ а во Ривла ги погуби и сите кнезови на Јуда.+
11 Царот на Вавилон го ослепи Седекија+ и потоа го окова во бакарни окови, па го одведе во Вавилон+ и го стави в затвор, каде што остана сѐ до својата смрт.
12 Во петтиот месец, на десеттиот ден од тој месец, односно во деветнаесеттата година од царувањето на Навуходоносор,+ вавилонскиот цар, во Ерусалим дојде Невузардан,+ заповедникот на телесната стража, кој му служеше на вавилонскиот цар.
13 Тој ги запали Јеховиниот дом,+ царскиот дворец и сите куќи во Ерусалим.+ Сите големи куќи ги изгоре во оган.+
14 А целата халдејска војска што дојде со заповедникот на телесната стража ги урна сите ѕидишта околу Ерусалим.+
15 Некои сиромаси од народот, остатокот од народот што уште преостана во градот,+ оние што пребегаа кај вавилонскиот цар и вештите работници што беа преостанале, Невузардан, заповедникот на телесната стража, ги одведе во изгнанство.+
16 А некои сиромаси од земјата, Невузардан, заповедникот на телесната стража, ги остави и одреди да работат како лозари и земјоделци.+
17 Халдејците ги искршија бакарните столбови+ во Јеховиниот дом, количките+ и бакарното море,+ кое беше во Јеховиниот дом, и целиот бакар го однесоа во Вавилон.+
18 Ги зедоа и лонците, лопатите,+ поткаструвачите на фитили,+ чиниите,+ чашите и целиот бакарен прибор што се користеше за служба.+
19 Заповедникот на телесната стража+ ги зеде и големите садови за вода,+ пепелниците, прскалките,+ лонците, светилниците,+ чашите и чиниите од чисто злато+ и оние од чисто сребро.+
20 Не можеше да се измери целиот бакар+ од двата столба,+ од едното море+ и од дванаесетте бакарни бикови+ што беа под морето, од количките, од сите тие предмети што ги имаше направено цар Соломон за Јеховиниот дом.+
21 Секој столб беше висок осумнаесет лакти,*+ а за да се опфати, беше потребно јаже од дванаесет лакти.+ Беше дебел четири прсти,* а однатре шуплив.
22 Главата* на него беше од бакар,+ а висината на главата беше пет лакти.+ Околу главата имаше филигранска мрежичка и калинки,+ а сѐ беше од бакар. Сѐ беше исто и на другиот столб, и калинките.+
23 А наоколу имаше* деведесет и шест калинки. Над филигранската мрежичка наоколу имаше вкупно сто калинки.+
24 Заповедникот на телесната стража ги зеде Сераја,+ свештеничкиот поглавар, Софонија,+ вториот свештеник, и тројцата вратари,+
25 а од градот одведе еден дворјанин, кој ги надгледуваше војниците, седум мажи, кои имаа пристап до царот+ и се најдоа во градот, потоа писарот на воениот заповедник, кој го повикуваше народот* во војска, и шеесет луѓе од народот, кои се најдоа во градот.+
26 Нив ги зеде Невузардан,+ заповедникот на телесната стража, и ги одведе кај вавилонскиот цар во Ривла.+
27 И вавилонскиот цар ги уби,+ ги погуби во Ривла,+ во ематската земја.+ Така Јуда отиде во изгнанство од својата земја.+
28 Ова е народот што Навуходоносор го одведе во изгнанство: во седмата година, три илјади дваесет и тројца Јудејци.*+
29 Во осумнаесеттата година од царувањето на Навуходоносор,+ од Ерусалим беа одведени осумстотини триесет и две души.
30 Во дваесет и третата година од царувањето на Навуходоносор, Невузардан, заповедникот на телесната стража, ги одведе Јудејците во изгнанство, седумстотини четириесет и пет души.+
Вкупно одведе четири илјади и шестотини души.
31 Во триесет и седмата година од изгнанството на Јоахин,+ царот на Јуда, во дванаесеттиот месец, на дваесет и петтиот ден од тој месец, Евил-Меродах, вавилонскиот цар, во првата година од своето царување го помилува+ Јоахин, царот на Јуда, и го пушти од затвор.
32 Разговараше љубезно со него и го постави неговиот престол, така што беше повисок од престолите на другите цареви што беа со него во Вавилон.+
33 И тој ја соблече својата затворска облека+ и јадеше на неговата трпеза+ во сите денови од својот живот.+
34 И секој ден редовно добиваше храна од вавилонскиот цар, колку што му требаше, сѐ до денот кога умре,+ во сите денови од својот живот.
Фусноти
^ Буквално: „народот од земјата“ (хебрејски: ам хаарец).
^ Еден лакот е 44,5 сантиметри. Види го додатокот 13.
^ Еден прст е 1,85 сантиметри. Види го додатокот 13.
^ Или: „Капителот“.
^ Или: „А можеа да се видат“.
^ Буквално: „народот од земјата“ (хебрејски: ам хаарец).
^ Или: „Евреи“.