Дела на апостолите 27:1-44

27  Штом беше решено да отпловиме за Италија,+ му ги предадоа Павле и некои други затвореници на стотникот по име Јулиј, од четата на Август.  Се качивме на еден брод од Адрамитија, кој требаше да плови во места по должината на азискиот брег, и испловивме. Со нас беше Аристарх,+ Македонец од Солун.  Утредента пристигнавме во Сидон. Јулиј постапуваше човечки со Павле+ и му дозволи да ги посети своите пријатели и тие да се погрижат за него.+  Откако испловивме оттаму, пловевме покрај Кипар, кој ни држеше завет, бидејќи дуваше спротивен ветар,  и пловевме по отворено море по должината на Киликија и Памфилија, и стигнавме во Мира, во Ликија.  Таму стотникот најде еден александриски брод,+ кој пловеше за Италија, и нѐ качи на него.  Со денови пловевме бавно и едвај стигнавме до Книд. Бидејќи ветрот не ни даваше да одиме напред, допловивме до Салмона, додека Крит ни држеше завет.  Со мака пловејќи покрај брегот, стигнавме до едно место, кое се вика Добри Пристаништа, во чија близина беше градот Ласеја.  Поради тоа што помина многу време, па пловидбата стана опасна, бидејќи веќе помина и есенскиот пост за Денот на очистувањето,+ Павле ги предупреди: 10  „Луѓе, гледам дека пловидбата ќе заврши несреќно, со голема загуба не само за товарот и бродот туку и за нашите души“.+ 11  Но стотникот повеќе им веруваше на кормиларот и на сопственикот на бродот отколку на зборовите на Павле. 12  А бидејќи пристаништето не беше погодно за зимување, повеќето предлагаа да испловат оттаму за да стигнат некако до Феникс, пристаниште на Крит, кое гледа кон североисток и кон југоисток, па таму да презимат. 13  Кога дувна благиот јужен ветар, помислија дека можат да ја остварат својата намера, па ја дигнаа котвата и запловија покрај брегот на Крит. 14  Но набргу потоа на островот налета бурен ветар,+ наречен североисточник. 15  Ветрот толку силно го зафати бродот што не можеше да му се спротивстави, па му се препуштивме да нѐ носи. 16  Додека пловевме покрај еден мал остров наречен Клавда, кој ни држеше завет, одвај успеавме да го дофатиме чамецот+ што го влечевме по себе. 17  Кога го подигнаа чамецот на палубата, употребија јажиња за да го потпашат бродот. Плашејќи се да не заринка на Сирт,* ги спуштија едрата со опремата, и така ги носеше. 18  Поради тоа што бурата жестоко нѐ фрлаше ваму-таму, утредента почнаа да го растовараат бродот,+ 19  а на третиот ден со свои раце ја исфрлија бродската опрема. 20  Поради тоа што со денови не се појавија ниту сонцето ниту ѕвездите, а беснееше силна бура,+ веќе почна да се губи секаква надеж дека ќе се спасиме. 21  Веќе долго немавме јадено, па Павле застана среде нив+ и рече: „Луѓе, требаше да ме послушате и да не испловувате од Крит, па ќе го избегневте ова страдање и оваа штета.+ 22  Но сега ви советувам да се разведрите, бидејќи ниту една душа меѓу вас нема да пострада, туку само бродот. 23  Зашто, ноќеска ми пристапи ангел+ на Богот кому му припаѓам и кому му служам*+ 24  и рече: ‚Не плаши се, Павле! Ти треба да застанеш пред цезарот,+ и еве, Бог ти ги подари сите што пловат со тебе‘. 25  Затоа, разведрете се, луѓе! Му верувам на Бог+ дека ќе биде токму онака како што ми е речено. 26  Но мора да заринкаме на некој остров“.+ 27  Беше веќе четиринаесетта ноќ откако ветрот почна да нѐ фрла ваму-таму по Адрија,* кога на полноќ морнарите насетија дека се приближуваат до некакво копно. 28  Тогаш ја мереа длабочината и измерија дваесет фати.* Малку подоцна пак го фрлија и измерија петнаесет фати. 29  Бидејќи се плашеа да не удриме некаде на гребените, од крмата фрлија четири котви и чекаа да се раздени. 30  А кога морнарите се обидоа да побегнат од бродот и почнаа да го спуштаат чамецот во морето под изговор дека имаат намера да ги спуштат котвите откај клунот, 31  Павле им рече на стотникот и на војниците: „Ако овие луѓе не останат на бродот, вие не можете да се спасите!“+ 32  Тогаш војниците ги пресекоа јажињата на чамецот+ и го пуштија да падне. 33  А пред разденување, Павле почна да ги наговара сите да јадат нешто, велејќи: „До денес веќе четиринаесет дена чекате без јадење и во неизвесност, ништо не ставивте в уста. 34  Затоа ве молам да каснете нешто, бидејќи тоа е за ваше добро! Зашто, никому од вас нема да му падне ниту едно влакно од главата“.+ 35  Откако го рече тоа, зеде леб, му се заблагодари на Бог+ пред сите нив, го раскрши и почна да јаде. 36  И така сите се разведрија и почнаа да јадат и самите. 37  А на бродот бевме вкупно двесте седумдесет и шест души. 38  Кога се наситија, почнаа да го растовараат бродот,+ фрлајќи го житото в море. 39  Кога се раздени, не можеа да го препознаат брегот, но здогледаа некој залив со песочен брег, па решија, ако е можно, таму да го заринкаат+ бродот. 40  Затоа ги отсекоа котвите и ги пуштија да паднат во морето. Во исто време ги одврзаа јажињата на веслата за кормиларење, го подигнаа предното едро спроти ветрот и тргнаа кон брегот. 41  Кога налетаа на гребен, го заринкаа бродот. Клунот се заглави и остана неподвижен, а крмата почна да се крши од силата на брановите.+ 42  Тогаш војниците решија да ги убијат сите затвореници за да не може ниту еден да отплива и да побегне. 43  Но стотникот сакаше да го спаси Павле, па ги спречи во нивната намера. И на оние што знаеја да пливаат им заповеда да скокнат во морето и први да допливаат до копното, 44  а останатите да допливаат на штици и на други предмети од бродот. И така сите стигнаа живи на копното.+

Фусноти

Два големи плитки заливи со песочни наноси што се поместуваат. Се наоѓаат покрај брегот на Либија, северно од Африка.
Или: „му вршам света служба“.
Во старо време, името Адрија го носеле не само денешното Јадранско Море туку и денешното Јонско Море и дел од Средоземното Море меѓу Сицилија и Крит.
Обично се смета дека еден фат е четири лакти (околу 1,8 метри). Види го додатокот 13.