1. Мојсеева 6:1-22
6 Кога луѓето почнаа да се множат на земјата и им се родија ќерки,+
2 синовите* на вистинскиот Бог+ забележаа+ дека човечките ќерки се убави, па си ги земаа за жени, сите што ќе ги избереа.
3 Тогаш Јехова рече: „Мојот дух+ нема да го трпи човекот во недоглед,+ зашто човекот е само тело.+ Затоа неговите денови нека бидат уште сто и дваесет години!“+
4 Во тие денови, а и потоа, синовите на вистинскиот Бог имаа полови односи со човечките ќерки, па тие им раѓаа синови на земјата, кои се викаа нефили.* Тоа беа силници, прочуени луѓе, кои живееја во старо време.
5 И Јехова виде дека лошотијата на човекот на земјата е голема и дека сите мисли на неговото срце се секогаш насочени само кон зло.+
6 Тогаш Јехова зажали+ што го беше направил човекот на земјата, и го доболи во срцето.+
7 Затоа Јехова рече: „Ќе ги избришам од лицето на земјата луѓето што ги создадов,+ и луѓето и стоката и сите животни што се движат и сите суштества што летаат по небото,+ зашто ми е жал што ги направив“.+
8 Но Ное најде милост во очите на Јехова.
9 А ова се настани од животот* на Ное.
Ное беше праведен човек.+ Беше непорочен* меѓу своите современици. Ное одеше со вистинскиот Бог.+
10 Со текот на времето, на Ное му се родија три сина: Сем, Хам и Јафет.+
11 А земјата се расипа пред вистинскиот Бог+ и се наполни со насилство.+
12 И Бог погледна на земјата, и гледај, беше расипана,+ зашто целиот човечки род го расипа својот пат на земјата.+
13 Тогаш Бог му рече на Ное: „Гледам дека дојде време да им ставам крај на сите суштества,+ зашто ја наполнија земјата со насилство; и еве, ќе ги уништам заедно со земјата.+
14 Направи си арка од смолесто дрво.+ Направи прегради во арката и премачкај ја со смола однатре и однадвор.+
15 А ќе ја направиш вака: арката нека биде долга триста лакти,*+ широка педесет лакти и висока триесет лакти.
16 На арката направи прозорец,* а нејзиниот ѕид нека завршува на еден лакот под покривот. Вратата на арката направи ја отстрана.+ Во неа направи долен, среден и горен кат.
17 Еве, јас ќе ги пуштам на земјата водите на потопот+ за да го уништат секое суштество под небото во кое има здив на животот.+ Ќе изгине сѐ на земјата.+
18 А со тебе склучувам сојуз. Влези во арката ти, и со тебе твоите синови и твојата жена и жените на твоите синови.+
19 И во арката внеси по две од секој вид суштества, од секое животно,+ за да ги зачуваш живи со себе.+ Нека бидат машко и женско.
20 Од суштествата што летаат, според нивните видови, и од домашните животни, според нивните видови,+ од сите други животни што се движат по земјата, според нивните видови, нека влезат кај тебе по две за да им биде зачуван животот.+
21 А ти земи со себе најразновидна храна за јадење+ и прибери ја кај себе, па нека ти служи за храна и тебе и ним“.+
22 И Ное направи сѐ така како што му беше заповедал Бог. Токму така направи.+
Фусноти
^ Или: „ангелите“, според некои ракописи на Септуагинтата.
^ Или: „соборувачи; оние што ги соборуваат другите“.
^ Или: „Ова е историјата“.
^ Изворниот збор е богат со значење и, во разни контексти, може да се преведе со поими како што се: „потполн, беспрекорен, непорочен, без маана, совршен, примерен, искрен, чист, справедлив, чесен, верен (на Бог), незлоблив“.
^ Еден лакот е 44,5 сантиметри. Види го додатокот 13.
^ Хебрејски: цохар, што може да значи и „покрив“.