Префрли се на текстот

Извештајот за Ное и Потопот — дали е само мит?

Извештајот за Ное и Потопот — дали е само мит?

Што вели Библијата

 Потопот бил вистински настан. Бог го предизвикал за да ги уништи злобните луѓе, но на Ное му рекол да изгради арка за да можат добрите луѓе и животните да бидат спасени (1. Мојсеева 6:11-20). Можеме да веруваме дека Потопот навистина се случил затоа што е запишан во Светото писмо, кое е „вдахновено од Бог“ (2. Тимотеј 3:16).

 Вистински настан или измислена приказна?

 Библијата покажува дека Ное бил вистинска личност и дека Потопот бил вистински настан, а не приказна или мит.

  •   Библиски писатели верувале дека Ное бил вистинска личност. На пример, библиските писатели Езра и Лука, чии извештаи се темелат на детално истражување, го вклучиле Ное во родословието на израелскиот народ (1. Летописи 1:4; Лука 3:36). Матеј и Лука во своите евангелија ги вклучиле зборовите на Исус во врска со Ное и Потопот (Матеј 24:37-39; Лука 17:26, 27).

     Исто така, пророкот Езекиел и апостол Павле го навеле Ное како пример за вера и праведност (Езекиел 14:14, 20; Евреите 11:7). Дали би било логично овие писатели да нѐ поттикнат да се угледаме на некој што никогаш не ни постоел? Секако дека не. Ное и други мажи и жени кои покажувале вера можат да ни бидат добар пример на кој треба да се угледаме токму затоа што тие навистина постоеле (Евреите 12:1; Јаков 5:17).

  •   Во Библијата се запишани конкретни детали за Потопот. Библискиот извештај за Потопот не започнува со зборовите „Си живеел еднаш“, како што обично е случај со приказните. Наместо тоа, кога ги спомнува настаните поврзани со Потопот, Библијата ги наведува годината, месецот и денот кога тие се случиле (1. Мојсеева 7:11; 8:4, 13, 14). Исто така, таа ни ги кажува димензиите на арката што ја изградил Ное (1. Мојсеева 6:15). Овие детали од Библијата покажуваат дека Потопот е вистински настан, а не измислена приказна.

 Зошто се случил Потопот?

 Во врска со периодот пред Потопот, Библијата вели: „Лошотијата на човекот на земјата е голема“ (1. Мојсеева 6:5). Исто така, во неа пишува дека Земјата се расипала пред вистинскиот Бог бидејќи била полна со насилство и сексуален неморал (1. Мојсеева 6:11; Јуда 6, 7).

 Библијата ни кажува дека многу од тие проблеми биле предизвикани од злобни ангели кои го напуштиле небото за да имаат сексуални односи со жените. На овие ангели им се родиле потомци наречени нефили, кои им предизвикувале големо страдање на луѓето (1. Мојсеева 6:1, 2, 4). Бог одлучил да ја исчисти Земјата од злобата и им овозможил на добрите луѓе нов почеток (1. Мојсеева 6:6, 7, 17).

 Дали луѓето знаеле дека ќе има потоп?

 Да. Бог му кажал на Ное што ќе се случи и му дал упатства да изгради арка за да се спасат неговото семејство и некои од животните (1. Мојсеева 6:13, 14; 7:1-4). Ное ги предупредувал луѓето дека ќе има уништување, но тие го игнорирале она што тој им го кажувал (2. Петрово 2:5). Во Библијата пишува: „Не обрнуваа внимание додека не дојде потопот и ги однесе сите“ (Матеј 24:37-39).

 Како изгледала арката на Ное?

 Арката изгледала како еден огромен правоаголен сандак или кутија. Таа била околу 133 метри долга, 22 метри широка и 13 метри висока. a Арката била направена од смолесто дрво и била премачкана со смола однатре и однадвор. Таа имала три ката и била поделена со прегради. Странично имало врата, а веднаш под покривот имало прозорци, најверојатно по целата должина на арката. Изгледа дека покривот на арката на средина бил малку издигнат за да може водата да се слева (1. Мојсеева 6:14-16).

 Колку долго ја градел Ное арката?

 Библијата не ни кажува колку долго Ное ја градел арката, но се чини дека тој ја градел неколку децении. Кога му се родил првиот син, Ное имал повеќе од 500 години, а кога почнал Потопот, тој имал 600 години b (1. Мојсеева 5:32; 7:6).

 Кога Бог му рекол на Ное да ја изгради арката, неговите тројца синови биле пораснати и оженети, што можеби значи дека имале некаде околу 50 или 60 години (1. Мојсеева 6:14, 18). Ако ова било така, логично е да заклучиме дека на Ное му биле потребни 40 или 50 години за да ја заврши арката.

a Во Библијата, мерките на арката се наведени во лакти. Лакотот од хебрејскиот дел на Библијата изнесувал 44,45 сантиметри (The Illustrated Bible Dictionary, ревидирано издание, дел 3, страница 1.635).

b Во врска со животниот век на луѓето кои живееле долго како Ное, види ја статијата „Дали луѓето во библиски времиња живееле толку долго?“, која излезе во Стражарска кула од 1 декември 2010.