Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Дали Исус навистина постоел?

Дали Исус навистина постоел?

НЕ БИЛ ниту богат ниту моќен. Немал ни свој сопствен дом. Сепак, неговите учења влијаеле врз животите на милиони луѓе. Дали Исус Христос навистина постоел? Што велат некои веродостојни извори од поново и од постаро време?

  • Мајкл Грант, историчар и експерт по античка класична цивилизација, забележал: „Ако на Новиот Завет ги примениме, како што би требало, истите мерила како за другите антички списи со историски материјал, тогаш во постоењето на Исус не смееме да се сомневаме повеќе отколку во постоењето на голем број пагански личности кои се општоприфатени како историски фигури“.

  • Рудолф Бултман, професор по Новиот Завет, рекол: „Сомнежот дали Исус навистина постоел е неоснован и не вреди да му се посвети внимание. Ниту една разумна личност не би се сомневала дека Исус е основачот на едно историско движење чија прва етапа е претставена преку најстарата [христијанска] заедница во Палестина“.

  • Вил Дјурант, историчар, писател и филозоф, напишал: „Да се рече дека неколку обични луѓе [писателите на евангелијата] во една генерација успеале да измислат една личност со толку силен и привлечен карактер, толку возвишена етика и толку прекрасен сон за меѓучовечко братство, би било далеку поголемо чудо од кое и да е чудо запишано во евангелијата“.

  • Алберт Ајнштајн, физичар со еврејско потекло роден во Германија, изјавил: „Јас сум Евреин, но импресиониран сум од фасцинантниот лик на Назареќанецот“. Кога бил запрашан дали го смета Исус за историска личност, Ајнштајн одговорил: „Апсолутно! Човек не може да ги чита евангелијата а да не почувствува колку реален лик е Исус. Неговата личност пулсира во секој напишан збор. Ниту еден мит не содржи во себе толку живот“.

    „Човек не може да ги чита евангелијата а да не почувствува колку реален лик е Исус“ (Алберт Ајнштајн).

ШТО НИ ОТКРИВА ИСТОРИЈАТА?

Најдеталниот запис за животот и службата на Исус се наоѓа во Библијата, во четирите евангелија — Матеј, Марко, Лука и Јован — именувани по нивните писатели. Освен тоа, Исус го спомнуваат и некои рани нехристијански извори.

  • ТАЦИТ

    (околу 56-120 год. од н.е.) Тацит се смета за еден од најголемите историчари во стариот Рим. Неговото дело Анали зборува за Римското Царство од 14 до 68 год. од н.е. (Исус умрел во 33 год. од н.е.) Тацит напишал дека, кога еден голем пожар го уништил Рим во 64 год. од н.е., за одговорен бил сметан императорот Нерон. Но, Тацит додал дека Нерон ги обвинил христијаните со цел „да ги запре гласините“. Потоа напишал: „Кристус, основачот на името [христијани], добил смртна казна за време на владеењето на Тибериј, по наредба на управителот Понтиј Пилат“ (Анали, XV, 44).

  • СВЕТОНИЈ

    (околу 69 – после 122 год. од н.е.) Во своето дело Животот на цезарите, овој римски историчар запишувал настани од периодот на владеењето на првите 11 римски императори. Во делот за Клавдиј се зборува за нередите меѓу Евреите во Рим, кои по сѐ изгледа биле резултат на препирките околу Исус (Дела 18:2). Светониј напишал: „Бидејќи Евреите, наговорени од Кристус, постојано предизвикуваа немири, [Клавдиј] ги протера од Рим“ (The Deified Claudius XXV 4). Иако лажно го обвинил Исус дека предизвикал нереди, Светониј воопшто не се сомневал дека Исус постоел.

  • ПЛИНИЈ ПОМЛАДИОТ

    (околу 61-113 год. од н.е.) Овој римски писател и управител на Витинија (денешна Турција) писмено му предложил на римскиот император Трајан како да постапи со христијаните во таа провинција. Плиниј рекол дека се обидел да ги присили христијаните да се откажат од својата вера, а секој што ќе одбиел да го направи тоа, го погубувал. Тој објаснил: „Оние што... ќе го повтореа по мене повикот до [паганските] Богови и ќе му оддадеа почит на твојот лик принесувајќи вино и темјан... и на крајот ќе го проколнеа Христос... сметав дека може да бидат ослободени“ (Pliny—Letters, книга X, XCVI).

  • ЈОСИФ ФЛАВИЈ

    (околу 37-100 год. од н.е.) Овој еврејски свештеник и историчар напишал дека Ана, еврејски првосвештеник кој задржал политичко влијание, „ги повикал судиите на Судскиот совет [еврејскиот врховен суд] и го извел пред нив човекот по име Јаков, братот на Исус кој бил наречен Христос“ (Jewish Antiquities, XX, 200).

  • ТАЛМУДОТ

    Оваа збирка од еврејски рабински списи која датира од третиот до шестиот век од н.е. покажува дека дури и непријателите на Исус потврдиле дека тој постоел. Во еден пасус пишува дека „на празникот Пасха, Јешу [Исус] Назареќанецот бил обесен [на столб]“, што е историски точно (Babylonian Talmud Sanhedrin 43a Munich Codex; види Јован 19:14-16). Во друг пасус пишува: „Да не дозволиме од нас да излезе ниту еден син или ученик што јавно ќе се осрамоти како Назареќанецот“ — назив кој честопати се користи за Исус (Babylonian Talmud Berakoth 17b фуснота, Munich Codex; види Лука 18:37).

ДОКАЗИ ОД БИБЛИЈАТА

Евангелијата ни даваат опсежен извештај за животот и службата на Исус, во кој се вклучени поединости за луѓе и места, како и времето на случување. Сите овие работи се доказ дека евангелијата претставуваат точен историски запис. Еден пример за тоа се наоѓа во Лука 3:1, 2, од каде што можеме да ја утврдиме точната година во која човекот наречен Јован Крстител, кој го најавил доаѓањето на Исус, ја започнал својата служба.

„Целото Писмо е вдахновено од Бог“ (2. Тимотеј 3:16).

Лука напишал: „Во петнаесеттата година од владеењето на цезарот Тибериј, кога Понтиј Пилат беше управител на Јудеја, и Ирод тетрарх на Галилеја, а неговиот брат Филип тетрарх на земјата Итуреја и Трахонитида, и Лисаниј тетрарх на Авилинија, во деновите на Кајафа и на главниот свештеник Ана, Божјата реч му дојде на Јован, синот на Захарија, во пустината“. Овој детален, прецизен извештај ни помага да заклучиме дека Божјата Реч му дошла на Јован во 29 год. од н.е.

Седумте јавни личности што Лука ги спомнал по име им се добро познати на историчарите. Меѓутоа, еден период некои критичари го оспорувале постоењето на Понтиј Пилат и на Лисаниј. Но, критичарите избрзале со своите заклучоци. Биле пронајдени стари натписи кои ги содржат имињата на овие двајца римски службеници, со што се потврдило дека извештајот на Лука е точен. *

ЗОШТО Е ВАЖНА ВИСТИНАТА?

Исус ги поучувал луѓето за Божјето Царство, кое ќе владее над целата Земја

Важно е да ја знаеме вистината за постоењето на Исус затоа што се важни неговите учења. На пример, Исус ги поучувал луѓето како да имаат среќен и исполнет живот. * Освен тоа, тој ветил дека ќе дојде време кога луѓето ќе живеат безбедно и во мир, обединети под власта на само една влада наречена „Божјето царство“ (Лука 4:43).

Изразот „Божјето царство“ е соодветен бидејќи преку оваа влада Бог ќе ја спроведе својата власт над целата Земја (Откровение 11:15). Исус го потврдил тоа со зборовите од молитвата Оченаш: „Татко наш, кој си на небесата... да дојде царството твое. Да биде волјата твоја... на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Што ќе направи Божјето Царство за човештвото? Да спомнеме неколку работи.

  • Ќе им стави крај на војните и на граѓанските немири (Псалм 46:8-11).

  • Злобата, алчноста и корупцијата ќе ги снема засекогаш, заедно со безбожните луѓе (Псалм 37:10, 11).

  • Поданиците на Божјето Царство ќе имаат смисловна работа (Исаија 65:21, 22).

  • Земјата целосно ќе се обнови и богато ќе раѓа (Псалм 72:16; Исаија 11:9).

За некои луѓе, овие ветувања се само празна надеж. Но, зарем не е празна надеж да веруваме дека луѓето ќе ги подобрат работите? Размисли: И покрај големиот напредок на полето на образованието, науката и технологијата, милиони луѓе не знаат што ќе им донесе утрешниот ден и живеат во страв. Освен тоа, секој ден гледаме докази за економско, политичко и религиозно угнетување, како и за алчност и корупција. Реалноста потврдува дека човечкото владеење е чисто промашување! (Проповедник 8:9).

Според сето ова, прашањето дали Исус постоел го заслужува нашето внимание. * Во 2. Коринќаните 1:19, 20 пишува: „Колку и да има Божји ветувања, преку [Христос] станаа ‚да‘“.

^ пас. 23 Бил пронајден натпис на кој стоело името на еден управител на дел од провинција, односно тетрарх, по име Лисаниј (Лука 3:1). Тој владеел со Авилинија токму во времето што го навел Лука.

^ пас. 25 Убав пример за учењата на Исус се наоѓа во поглавјата 5-7 од книгата Матеј, наречени и Проповедта на гората.

^ пас. 32 За да дознаеш повеќе за Исус и неговите учења, оди на www.jw.org/mk и кликни на БИБЛИСКИ УЧЕЊА > ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА.