Синагогите во кои проповедале Исус и неговите ученици
Синагогите во кои проповедале Исус и неговите ученици
„И минуваше низ цела Галилеја, поучувајќи во нивните синагоги, проповедајќи ја добрата вест за царството“ (МАТЕЈ 4:23)
КОГА ги читаме евангелијата, честопати го наоѓаме Исус во синагога. Независно од тоа дали бил во Назарет, градот каде што пораснал, во Капернаум, градот во кој живеел, или во кој и да е друг град или село каде што одел за време на својата интензивна трииполгодишна служба, Исус често одел во синагогите за да проповеда и да поучува за Божјето Царство. Всушност, кога се осврнал на својата служба, Исус рекол: „Секогаш поучував во синагогите и во храмот, каде што се собираат сите Евреи“ (Јован 18:20).
И Исусовите апостоли и другите христијани во првиот век честопати поучувале во еврејските синагоги. Но, како дошло до тоа Евреите да почнат да го обожаваат Бог во синагогите? И како изгледале тие места во времето на Исус? Да видиме.
Главно обележје на животот на Евреите. Трипати годишно, еврејските мажи и машките деца оделе во Ерусалим за празниците што се прославувале во светиот храм. Но, во секојдневниот живот, Израелците ги користеле локалните синагоги, сеедно
дали живееле во Палестина или во некоја од многуте еврејски заедници што биле основани надвор од земјата.Кога почнале да се користат синагогите? Некои сметаат дека тоа било во времето кога Евреите биле во изгнанство во Вавилон (607-537 год. пр.н.е.), период кога Јеховиниот храм лежел во урнатини. Или можеби кратко откако Евреите се вратиле од изгнанство, кога свештеникот Езра го поттикнал својот народ добро да го научи и да го разбере Божјиот закон (Езра 7:10; 8:1-8; 10:3).
Во почетокот, зборот „синагога“ едноставно значел „собир“ или „собрание“. Во таа смисла се користел во Септуагинтата, грчки превод на Хебрејските списи. Но, со текот на времето, овој збор почнал да се користи за објектот во кој се собирале луѓето за да го обожаваат Бог. До првиот век од н.е., речиси во секој помал град во кој бил Исус имало синагога, во поголемите градови имало по неколку, а во Ерусалим имало многу. Како изгледале тие?
Скромно место за обожавање на Бог. Кога требало да се изгради синагога, Евреите најчесто барале некоја височинка и планирале влезот (1) на синагогата да гледа кон Ерусалим. Но, изгледа дека таквите стандарди биле прилично флексибилни, бидејќи не можеле секогаш да се задоволат.
Синагогата обично била едноставна градба, без многу мебел. Но, главно обележје бил еден ковчег (2), односно сандак во кој се ставале предметите што народот ги сметал за најскапоцени — свитоците од Светото писмо. Кога се одржувале состаноци, ковчегот го изнесувале во главната просторија, а потоа го враќале назад во просторијата каде што бил чуван на сигурно (3).
Во близина на ковчегот, свртени кон присутните, биле предните седишта (4) наменети за настојниците на синагогата и за угледните гости (Матеј 23:5, 6). Некаде на средината од салата имало подиум со пулт и столче за говорникот (5). На три страни околу подиумот имало клупи свртени кон пултот, на кои седеле верниците (6).
Обично локалната заедница ја користела синагогата и се грижела за неа. Објектот се одржувал во добра состојба благодарение на доброволните прилози што ги давале сите верници, како богатите така и сиромашните. Но, како изгледале состаноците во синагогата?
Службата во синагогата. Програмата во синагогата вклучувала пеење фалби на Бог, кажување молитви, читање од Светото писмо, како и поучување и држење проповеди. Обично се почнувало со рецитирање на Шемата, еден вид еврејска исповед на верата. Името го добила од првиот збор од првиот стих што се рецитирал: „Чуј [Шема], Израеле: Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова!“ (5. Мојсеева 6:4).
Како следно, се читала и се толкувала Тората, т.е. првите пет книги од Библијата, кои ги напишал Мојсеј (Дела 15:21). Потоа се читале извадоци од списите на пророците (хафтари) и се објаснувало значењето и практичната примена на прочитаното. Понекогаш, овој дел од програмата го изнесувал некој говорник што бил дојден од друго место, како што бил Исус во настанот опишан во Лука 4:16-21.
Се разбира, во свитокот што му го подале на Исус на тој состанок, поглавјата и стиховите не биле означени како во денешните Библии. Така, можеме да си го замислиме Исус како го одвиткувал свитокот со левата рака, а го замотувал со десната сѐ додека не ги нашол стиховите што ги барал. Откако завршил со читањето, повторно го завиткал свитокот за да дојде до почетокот.
Најчесто се читало на изворен хебрејски јазик, а се преведувало на арамејски. Во собранијата во кои се зборувало грчки се користела Септуагинтата.
Важен дел од секојдневниот живот. Синагогата заземала толку важно место во животот на Евреите што таа, заедно со другите објекти кои го сочинувале истиот комплекс, служела за неколку цели. Понекогаш во неа се одржувале судски сослушувања, локални состаноци, па дури и собири на кои се послужувале оброци во трпезариите кои биле во склоп на синагогата. Понекогаш патниците се сместувале во ноќевалишта кои биле изградени во истиот комплекс.
Речиси во секој град, синагогата служела и како училиште. Можеме да си замислиме просторија полна со деца кои учат да ги читаат големите букви што учителот ги напишал на восочна табличка. Таквите училишта биле еден важен фактор зошто древните Израелци биле писмени, па дури и обичниот народ имал познавања од Светото писмо.
Но, главната цел на синагогата била редовно да се обожава Бог. Затоа, не е за изненадување што состаноците на христијаните во првиот век многу личеле на состаноците што Евреите ги одржувале во своите синагоги. И целта на христијанските состаноци била да се обожава Јехова преку молитва, фалбени песни и читање и дискусии околу Божјата Реч. Имало и други сличности. И во синагогата и во христијанското собрание трошоците за сѐ што било потребно се покривале со доброволни прилози; немало само една свештеничка класа која била привилегирана да ја чита и да ја толкува Божјата Реч; состаноците ги организирале и ги воделе одговорни старешини.
Јеховините сведоци денес се трудат да го следат примерот што го оставиле Исус и неговите следбеници од првиот век. Состаноците што ги одржуваат во своите Сали на Царството имаат некои обележја што се заеднички со состаноците во древните синагоги. Што е најважно од сѐ, Сведоците се собираат со истата цел што отсекогаш им била заедничка на оние што ја сакаат вистината — ‚да му се приближат на Бог‘ (Јаков 4:8).
[Слика на страници 16 и 17]
Овој приказ се темели на еден план на синагогата во Гамла од првиот век
[Слика на страница 18]
Во училиштата во синагогите оделе машки деца на возраст од 6 до 13 години