Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што е вера?

Што е вера?

Што е вера?

КАКО би ја дефинирал верата? Некои мислат дека таа значи слепо да веруваш во нешто. Угледниот американски есеист и новинар Х. Л. Менкен еднаш ја нарекол верата „нелогично верување дека ќе се случи она што е неверојатно“.

За разлика од тоа, кога Библијата зборува за верата, не вели ниту дека е слепа ниту дека е нелогична. Таа, како Божја реч, вели: „Верата е цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме, доказ за она што е вистинско, иако не се гледа“ (Евреите 11:1).

Со оглед на тоа што има различни мислења во врска со верата, да го разгледаме одговорот на следниве прашања:

По што се разликува библиската дефиниција од она што го мислат многу луѓе кога зборуваат за верата?

Зошто е неопходно да стекнеме вера каква што е опишана во Библијата?

Како можеш да изградиш цврста вера?

Сметкопотврда и цврсти докази

Во времето кога било пишувано Посланието до Евреите, нашироко се користел грчкиот збор преведен со „цврста увереност“. Честопати се појавувал во деловните документи и ја пренесувал мислата дека сопственикот на документот загарантирано ќе го добие тоа што е наведено во него. Затоа, во еден речник стои дека Евреите 11:1 може да се преведе и вака: „Верата е сметкопотврда за работите на кои се надеваме“.

Ако некогаш си купил нешто од некоја угледна компанија и си чекал да ти го испорачаат тој производ, ти си покажал таква вера. Сметкопотврдата што си ја добил ти дала основа да ѝ веруваш на компанијата од која си го купил тој артикал. Во извесна смисла, таа сметкопотврда ти била гаранција дека ќе го добиеш она што си го платил. Ако си ја изгубил или ако си ја фрлил сметкопотврдата, ти си го изгубил и доказот дека си сопственик на тој производ. Нешто слично може да се каже и за оние што имаат вера дека Бог ќе ги исполни своите ветувања — тие поседуваат гаранција дека ќе го добијат она на кое се надеваат. За разлика од нив, оние што немаат вера или, пак, ја изгубиле, не можат да ги добијат работите што ги ветил Бог (Јаков 1:5-8).

Вториот израз од Евреите 11:1 што е преведен со „доказ“ ја носи мислата на давање доказ спротивен на она што само изгледа дека е така. На пример, ни изгледа дека Сонцето се врти околу Земјата — дека изгрева на исток, се движи по небото и заоѓа на запад. Меѓутоа, астрономските и математичките докази покажуваат дека Земјата не е центар на Сончевиот систем. Откако ќе се запознаеш со тие докази и ќе ги прифатиш како вистинити, веруваш дека Земјата се врти околу Сонцето — и покрај тоа што очите ти кажуваат нешто друго. Твојата вера не е слепа. Напротив, таа ти овозможува да ги гледаш работите онакви какви што навистина се, а не онакви какви што изгледаат.

Колку е важна цврстата вера?

Библијата нѐ охрабрува да стекнеме цврста вера изградена врз непобитни докази, дури и ако тоа значи дека треба да ги промениме своите досегашни верувања. Многу е важно да имаме таква вера. Апостол Павле напишал: „Без вера не е можно да му се угоди на Бог, зашто оној што му пристапува мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние што ревносно го бараат“ (Евреите 11:6).

Има многу работи што можат да ти отежнат да стекнеш цврста вера. Но, ако ги направиш четирите чекори што ќе ги разгледаме на следните страници, успешно ќе ги надминеш тие пречки.