Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да се охрабруваме и да размислуваме еден за друг

Да се охрабруваме и да размислуваме еден за друг

„Да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела“ (ЕВР. 10:24)

1, 2. Што им помогнало на 230 Јеховини сведоци да го преживеат „маршот на смртта“ на крајот на Втората светска војна?

НА КРАЈОТ на Втората светска војна, кога сфатиле дека ги чека неминовен пораз, нацистичките власти издале наредба да бидат убиени илјадниците затвореници кои сѐ уште се наоѓале во концентрационите логори. Затворениците од логорот Заксенхаузен требало да бидат префрлени до поморските пристаништа, да бидат натоварени на бродови и потоа да бидат потопени во морето. Ова било дел од планот кој подоцна станал познат како „маршот на смртта“.

2 Триесет и три илјади затвореници од концлогорот Заксенхаузен требало да пешачат околу 250 километри до Либек, пристаништен град во Германија. Меѓу нив биле и 230 Јеховини сведоци од шест земји, на кои им било заповедано да одат заедно. Сите биле изнемоштени од болести и глад. Како успеале нашите браќа да го преживеат овој марш? „Постојано се храбревме да продолжиме и да не застануваме“, рекол еден од нив. Тие успеале да преживеат благодарение на меѓусебната љубов, како и на тоа што Бог им дал „сила, која ја надминува нормалната“ (2. Кор. 4:7).

3. Зошто треба меѓусебно да се охрабруваме?

3 Иако ние денес не учествуваме во „марш на смртта“, сепак се соочуваме со многу неволји. Откако било воспоставено Божјето Царство во 1914 год., Сатана бил исфрлен од небото и неговото дејствување било ограничено само во близина на Земјата. Тој е многу гневен бидејќи ‚знае дека има кратко време‘ (Отк. 12:7-9, 12). Додека светот се ближи кон Армагедон, Сатана користи неволји и притисоци со цел да ја ослабне нашата духовност. Освен тоа, мора да се бориме и со секојдневните проблеми (Јов 14:1; Проп. 2:23). Понекогаш сите тие тешкотии можат толку да нѐ исцрпат во духовен и во емоционален поглед што, колку и да се трудиме, никако не успеваме да застанеме на нозе. На пример, еден брат со децении им помагал на многумина да му останат верни на Јехова. Но, кога навлегол во години, тој и жена му се разболеле. Поради тоа, овој брат многу се обесхрабрил. Исто како нему, и нам ни треба Јеховината „сила, која ја надминува нормалната“, како и охрабрувањето од браќата и сестрите.

4. Кој совет на апостол Павле мора да го послушаме ако сакаме да ги охрабруваме другите?

4 Ако сакаме да бидеме извор на охрабрување за другите, мора да го послушаме советот што апостол Павле им го дал на еврејските христијани. Тој рекол: „Да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела, и да не ги пропуштаме нашите состаноци, како што некои имаат обичај, туку да се храбриме еден со друг, толку повеќе колку што гледате дека се приближува денот“ (Евр. 10:24, 25). Како можеме да го примениме овој важен совет?

„ДА РАЗМИСЛУВАМЕ ЕДЕН ЗА ДРУГ“

5. Како може да покажеме дека ‚размислуваме еден за друг‘, и што треба да правиме во тој поглед?

5 Ние ‚размислуваме за другите‘ така што ги земаме предвид нивните потреби. Меѓутоа, не можеме да знаеме какви потреби имаат нашите браќа и сестри ако само набрзина се поздравиме со нив во Салата на Царството или ако разговараме за неважни работи. Се разбира, не би сакале да бидеме наметливи и ‚да се мешаме во туѓи работи‘ (1. Сол. 4:11; 1. Тим. 5:13). Сепак, за да можеме да ги охрабриме, мора вистински да ги познаваме, односно да знаеме што им се случува во животот, во каква духовна состојба се наоѓаат, какви особини имаат, и кои се нивните јаки и слаби страни. Тие треба да нѐ сметаат за пријатели и да бидат уверени дека ги сакаме. Затоа мора да поминуваме време со нив, но не само кога имаат проблеми и кога се обесхрабрени, туку и во други прилики (Рим. 12:13).

6. Што ќе им помогне на старешините подобро да се грижат за оние што им се доверени?

6 Старешините во собранието се поттикнати ‚да го пасат Божјето стадо кое им е доверено‘, и да го прават тоа доброволно и горливо (1. Пет. 5:1-3). Но, како можат да се грижат за стадото ако не ги познаваат овците што им се доверени? (Прочитај Изреки 27:23.) Ако некој старешина секогаш е спремен да поминува време со своите браќа и сестри и да им помага, тогаш тие ќе се чувствуваат слободни да побараат помош од него. Освен тоа, на објавителите ќе им биде полесно да си го отворат срцето и да си кажат што ги мачи. Со тоа ќе им овозможат на старешините подобро да се грижат за нив.

7. Како треба да гледаме на ‚непромислените зборови‘ што ги кажуваат оние што се обесхрабрени?

7 Во своето послание до собранието во Солун, Павле напишал: „Помагајте им на слабите“. (Прочитај 1. Солуњаните 5:14.) Во слабите спаѓаат обесхрабрените и „потиштените души“. Во Изреки 24:10 се вели: „Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила“ (Изр. 24:10). Некој што е многу обесхрабрен може да ‚зборува непромислено‘ (Јов 6:2, 3). Затоа, добро е да имаме на ум дека тој можеби и не го мисли она што го кажува. Рахела, чија мајка била во тешка депресија, го сфатила ова од лично искуство. Таа вели: „Честопати мајка ми кажуваше навредливи зборови што многу ме погодуваа. Во тие моменти се трудев да се потсетам каква личност навистина е таа — полна со љубов, великодушна и љубезна. Сфатив дека оние што се во депресија кажуваат многу работи што не ги мислат. Најлошо би било во таков случај да им вратиме со груби зборови или постапки“. Во Изреки 19:11 пишува: „Разбирањето го спречува човекот да се гневи, и чест му е да премине преку престапот“.

8. На кои браќа особено треба да им покажеме дека ги сакаме, и зошто?

8 Некои можеби се потиштени затоа што направиле грев во минатото. Иако презеле чекори да ја исправат грешката, можеби сѐ уште се чувствуваат засрамено и очајно. Како би можеле да ги охрабриме? Апостол Павле дал убав совет во овој поглед. Во врска со еден покајнички грешник во собранието во Коринт, тој им го напишал следново на тамошните браќа: „Спремно простете му и утешете го, за да не го скрши преголемата жалост. Затоа ве молам, покажете му дека го сакате“ (2. Кор. 2:7, 8). Потиштениот брат нема да знае дека го сакаме и дека се грижиме за него ако не му го покажеме тоа со нашите зборови и постапки.

„ДА СЕ ПОТТИКНУВАМЕ КОН ЉУБОВ И КОН ДОБРИ ДЕЛА“

9. Како може „да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела“?

9 „Да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела“, напишал Павле. Значи, треба да ги поттикнуваме соверниците да покажуваат љубов и да прават добри дела. Како би можеле да го сториме тоа? Па, кога огнот згаснува, обично треба да го распретаме жарот за повторно да се разгори (2. Тим. 1:6). Слично на тоа, можеме да им помогнеме и на браќата повторно да ја разгорат својата љубов кон Бог и кон ближните. Еден од најдобрите начини да ги поттикнеме другите на добри дела е да им даваме искрени пофалби.

10, 11. а) На кого му треба пофалба? б) Наведи пример како пофалбата може да му помогне на некој што згрешил.

10 На сите ни треба пофалба, сеедно дали сме обесхрабрени или не. Еден старешина напишал: „Татко ми никогаш не ме пофалуваше за ништо. Поради тоа долго време се борев со ниска самопочит... Дури и сега, на 50 години, сѐ уште ми значи кога некој од пријателите ќе ми каже дека добро ја вршам својата одговорност како старешина... Од лично искуство знам колку е важно да ги охрабруваме другите, и давам сѐ од себе за да го правам тоа“. Пофалбата навистина ги зајакнува сите — без разлика дали се пионери, постари или, пак, потиштени (Рим. 12:10).

11 Кога старешините се трудат со љубов да го советуваат оној што згрешил, убаво е да го пофалат за добрите работи што ги правел во минатото. Тоа може да го поттикне да го промени своето размислување и пак да почне да го прави она што е исправно (Гал. 6:1). Ова било случај и со една сестра по име Мирјам. Таа пишува: „Поминав низ еден ужасно тежок период во животот кога некои мои блиски пријатели ја напуштија вистината. Во истото време, и татко ми претрпе мозочен удар. Тоа ме фрли во тешка депресија. Обидувајќи се да се изборам со таквите чувства, почнав да излегувам со еден дечко кој не беше Сведок“. Поради тоа, Мирјам се чувствувала недостојна за Јеховината љубов, и размислувала да ја напушти вистината. Тогаш еден старешина ја потсетил на годините кога верно му служела на Јехова. Тоа многу ја трогнало. Таа им дозволила на старешините да ја уверат дека Јехова ја сака. Така и нејзината љубов кон Бог повторно се разгорела. Ја прекинала врската со дечкото, и продолжила да му служи на Јехова.

12. Што ќе се случи ако ги споредуваме браќата со другите, ако ги критикуваме или ако им наметнуваме чувство на вина?

12 Мора многу да внимаваме како ги поттикнуваме нашите браќа да продолжат ревносно да му служат на Јехова. Не треба да ги споредуваме со другите, да ги критикуваме затоа што не ги почитуваат крутите правила кои самите сме ги поставиле ниту, пак, да им наметнуваме чувство на вина бидејќи не прават повеќе. Ова може да ги натера моментално да се подобрат, но нема да даде траен резултат. Најмногу ќе ‚ги поттикнеме на добри дела‘ ако ги пофалуваме и ако им помогнеме да сфатат дека само љубовта кон Бог може да ги мотивира да го дадат најдоброто во службата. (Прочитај Филипјаните 2:1-4.)

‚ДА СЕ ХРАБРИМЕ ЕДЕН СО ДРУГ‘

13. Како може да ги храбриме другите? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

13 Треба ‚да се храбриме еден со друг, толку повеќе колку што гледаме дека се приближува денот‘. Можеме да ги храбриме другите така што ќе ги мотивираме и понатаму да му служат на Бог. Тоа е исто како да ставаме дрва во огнот за тој да продолжи да гори или уште повеќе да се распламти. За да ги охрабриме потиштените, треба да ги зајакнуваме и да ги тешиме. Освен тоа, треба да разговараме со нив љубезно и обѕирно (Изр. 12:18). Исто така, ‚треба да бидеме брзи на слушање, а бавни на зборување‘ (Јак. 1:19). Ако сочувствително ги слушаме нашите браќа и сестри, можеме да откриеме што ги обесхрабрува и да им кажеме нешто што навистина ќе им помогне.

14. Каква помош добил еден обесхрабрен брат?

14 Да видиме како еден сочувствителен старешина му помогнал на еден брат кој неколку години бил неактивен. Додека го слушал, старешината сфатил дека братот сѐ уште многу го сака Јехова. Тој марливо го проучувал секој број на Стражарска кула и се трудел редовно да доаѓа на состаноците. Но, бил разочаран, па дури и огорчен поради постапките на некои во собранието. Старешината го слушал внимателно и се обидел да ги разбере неговите чувства без да му суди. Освен тоа, го уверил дека браќата го сакаат и него и неговото семејство. Постепено овој брат сфатил дека не треба да дозволи лошите искуства од минатото да го спречат да му служи на Богот кого го сака. Потоа старешината го викнал да одат заедно во служба. Со негова помош, овој неактивен брат почнал редовно да проповеда и, по некое време, повторно ги исполнил условите да служи како старешина.

15. Како примерот на Јехова ни помага да ги храбриме потиштените?

15 Обесхрабреното лице можеби нема веднаш да се чувствува подобро или да ја прифати нашата помош. Веројатно ќе треба и понатаму да му помагаме. Павле рекол: „Помагајте им на слабите, бидете долготрпеливи со сите“ (1. Сол. 5:14). Наместо брзо да кренеме раце од слабите, треба да останеме покрај нив и да им ја даваме потребната помош. Во минатото, Јехова бил долготрпелив кон своите слуги кои понекогаш се обесхрабрувале. На пример, тој бил многу стрплив со пророкот Илија, и ги зел во обѕир неговите чувства. Јехова му го дал она што му било потребно за да продолжи со својата служба (1. Цар. 19:1-18). Бидејќи Давид искрено се каел, Јехова милостиво му простил (Пс. 51:7, 17). Бог му помогнал и на писателот на Псалм 73, кој за малку ќе престанел да му служи (Пс. 73:13, 16, 17). Јехова е стрплив и обѕирен и кон нас, особено кога сме потиштени и обесхрабрени (2. Мој. 34:6). Неговите милосрдија „се обновуваат секое утро“ и „никако не престануваат“ (Плач 3:22, 23). Јехова очекува од нас да го следиме неговиот пример и да постапуваме обѕирно со потиштените.

ДА СЕ ОХРАБРУВАМЕ ЗА ДА ОСТАНЕМЕ НА ПАТОТ ШТО ВОДИ ВО ЖИВОТ

16, 17. На што треба да бидеме решени додека се ближи крајот на овој свет, и зошто?

16 Од 33-те илјади затвореници кои излегле од концлогорот Заксенхаузен, илјадници умреле. Но, сите 230 Јеховини сведоци кои го напуштиле логорот останале живи. Тоа ќе било невозможно ако не се храбреле и поддржувале еден со друг.

17 Ние денес чекориме по „патот што води во живот“ (Мат. 7:14). Наскоро, сите Јеховини слуги заедно ќе влезат во новиот свет на праведноста (2. Пет. 3:13). Затоа, да бидеме решени да си помагаме еден на друг додека одиме по патот кој води до вечен живот.