Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мелито од Сард — бранител на библиските вистини?

Мелито од Сард — бранител на библиските вистини?

Мелито од Сард — бранител на библиските вистини?

СЕКОЈА година, вистинските христијани ја одбележуваат Господаровата вечера на датумот што се совпаѓа со 14 нисан според еврејскиот календар. Тоа го прават од послушност кон Исусовата заповед: „Правете го ова за мој спомен“. Всушност, токму на тој ден, во 33 година од н.е., откако завршила прославата на Пасхата, Исус ја воспоставил Спомен-свеченоста со која требало да се одбележува неговата жртвена смрт. Умрел пред крајот на истиот ден (Лука 22:19, 20; 1. Коринќаните 11:23-28).

Во вториот век од н.е., некои почнале да го менуваат времето на оваа прослава, како и начинот на кој се одржувала. Во Мала Азија сѐ уште се одбележувал датумот на Исусовата смрт. Но, како што вели еден извор, „во Рим и во Александрија станало обичај да се одбележува воскресението на Исус, и тоа на ден недела, истата седмица кога Исус умрел“. Овој празник бил наречен Пасха на воскресението. Една група позната како Квартодецимани (Четиринаесетници) се залагала Христовата смрт да се одбележува на 14 нисан. Со ова учење се согласувал и Мелито од Сард. Кој бил Мелито? На кој начин ја бранел оваа, но и други библиски вистини?

‚Голем просветител‘

Кон крајот на вториот век, според она што го кажува Евзебиј од Цезареја во своето дело Црковна историја (Ecclesiastical History), Поликрат од Ефес испратил писмо до Рим во одбрана на одбележувањето на „четиринаесетиот ден на Пасхата, како што стои во евангелијата, ден од кој не треба да се отстапува туку кој треба да се држи според прописите на верата“. Од ова писмо се гледа дека Мелито — епископ од Сард, во Лидија — бил меѓу оние што се залагале за одбележување на 14 нисан. Во писмото се вели дека современиците го сметале Мелито за еден од ‚големите просветители што починале‘. Поликрат рекол дека Мелито не се оженил, и дека „го посветил животот на сѐ што е поврзано со светиот дух и сега лежи во Сард чекајќи го повикот од небесата кога ќе биде подигнат од мртвите“. Ова може да значи дека Мелито бил меѓу оние што верувале дека воскресението нема да настапи пред Христос да се врати (Откровение 20:1-6).

Значи, по сѐ изгледа, Мелито бил храбар и решителен човек. Всушност, тој напишал Апологија, еден од првите записи во одбрана на христијаните, упатен до Марко Аврелиј, римски цар кој владеел од 161 до 180 година од н.е. Мелито не се плашел да го брани христијанството и да ги осуди злобните и алчни луѓе. Таквите луѓе гледале да искористат различни наредби од царот како изговор да ги прогонуваат и неправедно да ги осудуваат христијаните само за да им ги грабнат поседите.

Мелито храбро му напишал на царот: „Од Вас бараме само едно: самиот да ги испитате оние на кои се гледа како на причина за овој раздор [христијаните], и праведно да пресудите дали навистина заслужуваат смрт и казна или, пак, заслужуваат да бидат заштитени. Но, доколку овој пропис и новата одредба — кои не би било во ред да се спроведат дури ни против варварски непријатели — не се од Вас, уште повеќе Ве молиме да не нѐ заборавите нас [христијаните], кои сме жртва на такво незаконско пљачкање од толпите“.

Го брани христијанството со помош на Светото писмо

Мелито со голем интерес го проучувал Светото писмо. Иако не постои список на сите неговите дела, некои наслови откриваат колку се интересирал за библиски теми. Некои од овие наслови се: За христијанскиот живот и пророците, За верата на човекот, За создавањето, За крштавањето и вистината и верата и Христовото раѓање, За гостољубивоста, Толкувања и За Ѓаволот и апокалипсата од Јован.

Мелито лично патувал низ библиските земји за да утврди кој е точниот број на книги од Хебрејските списи. Во врска со ова, напишал: „Така, откако појдов на исток и престојував во местото каде што се проповедале и се правеле овие работи, и откако добро ги проучив книгите на Стариот завет и ги запишав фактите, ти ги праќам тебе“. Иако во овој список не се наведени книгите Неемија и Естира, сепак се работи за најстариот список со канонските книги од Хебрејските списи кој е спомнат во делата на оние што се изјаснувале како христијани.

Во текот на истражувањето, Мелито направил попис на повеќе стихови од Хебрејските списи коишто содржеле пророштва за Исус. Овој труд на Мелито, со наслов Извадоци, покажува дека Исус бил долгоочекуваниот Месија и дека Мојсеевиот закон и пророците укажувале на Исус.

Ја брани вредноста на откупнината

Во поголемите градови на Мала Азија имало многу Евреи. Евреите во Сард, каде што живеел Мелито, ја прославувале еврејската Пасха на 14 нисан. Мелито напишал една проповед со наслов Пасхата со која покажал дека било исправно да се одржува Пасхата според Мојсеевиот закон, и го одбранил христијанскиот обичај да се одбележува Господаровата вечера на 14 нисан.

Откако пишува за 12. поглавје од Излез, и покажува дека Пасхата е претслика на Христовата жртва, Мелито објаснува зошто нема логика христијаните да ја држат. Причината е тоа што Бог го укинал Мојсеевиот закон. Потоа тој објаснува зошто Христовата жртва била неопходна: Бог го сместил Адам во рај, каде што ќе можел среќно да живее. Но, првиот човек не ја послушал заповедта да не јаде од дрвото за познавање на доброто и злото. Затоа била потребна откупна жртва.

Мелито повеќепати нагласил дека Исус бил испратен на Земјата и умрел на столб за да ги откупи од гревот и смртта сите луѓе што ќе покажат вера во него. Интересно е тоа што за столбот на кој умрел Исус, Мелито го употребил грчкиот збор кси́лон, кој значи „дрво“ (Дела 5:30; 10:39; 13:29).

Мелито бил познат и надвор од Мала Азија. Неговите дела им биле познати на Тертулијан, на Клемент од Александрија и на Ориген. Сепак, историчарот Раниеро Канталамеса вели: „Пропаѓањето на Мелито, што довело до постепено исчезнување на сите негови записи, започнало кога, откако бил прифатен обичајот да се слави Неделна Пасха, Квартодециманите биле сметани за неверници“. Со текот на времето, делата на Мелито биле речиси целосно изгубени.

Жртва на отпадништво?

По смртта на апостолите, во вистинското христијанство почнало да навлегува претскажаното отпадништво (Дела 20:29, 30). Јасно, ова влијаело и на Мелито. Се чини дека сложениот стил со кој ги пишувал своите дела покажува дека бил под влијание на грчката филозофија и на римскиот свет. Можеби затоа Мелито го нарекол христијанството „нашата филозофија“. Покрај тоа, тој гледал на навлегувањето на таканареченото христијанство во Римското Царство како на „најголемиот доказ . . . за успех“.

Мелито сигурно не обрнал внимание на советот на апостол Павле: „Пазете, некој да не ве одведе како свој плен со помош на филозофијата и со празна измама според човечката традиција, според елементарните работи на светот, а не според Христос“. Затоа, иако може да се рече дека, до извесен степен, Мелито застанал во одбрана на библиските вистини, во многу погледи тој ги напуштил (Колошаните 2:8).

[Слика на страница 18]

Исус ја воспоставил Господаровата вечера на 14 нисан