Радоста што ја носи едноставниот живот
ДАНИЕЛ И МИРЈАМ стапиле во брак во септември 2000 год. и воделе удобен живот во Барселона (Шпанија). Даниел вели: „Бидејќи имавме добро платена работа можевме да јадеме во скапи ресторани, да патуваме низ светот и да носиме квалитетна облека. Исто така, редовно одевме во служба на проповедање“. Но, потоа се случило нешто што им го сменило животот.
На конгресот во 2006 год., Даниел бил трогнат од еден говор во кој беше поставено прашањето: „Дали правиме сѐ што можеме за да им помогнеме на ‚оние што тетеравејќи се одат на погубување‘ да тргнат по патот кон вечен живот?“ (Изр. 24:11). Во говорот беше објаснето дека имаме одговорност да ја проповедаме добрата вест затоа што таа може да им го спаси животот на луѓето (Дела 20:26, 27). Даниел вели: „Имав чувство како Јехова да ми зборува лично мене“. Исто така, во говорот беше спомнато дека сме посреќни кога правиме повеќе во службата за Јехова. Даниел знаел дека ова е точно затоа што Мирјам, која веќе започнала да служи како пионер, била многу среќна.
Овој говор толку влијаел врз Даниел што одлучил да направи коренита промена во својот живот. Почнал да работи помалку часови, започнал со пионерска служба и размислувал колку би можеле да бидат среќни со Мирјам ако служат на место каде што има поголема потреба од објавители.
ПРВО ПРЕДИЗВИЦИ, А ПОТОА РАДОСНА ВЕСТ
Во мај 2007 год., Даниел и Мирјам дале отказ на работа и се преселиле во Панама, земја која што ја посетиле претходно. Подрачјето било составено од неколку острови во архипелагот Бокас дел Торо во Карипското Море. Таму поголемиот дел од жителите се домородци од народот Нгабе. Даниел и Мирјам сметале дека со заштедените пари би можеле да останат околу осум месеци во Панама.
Тие патувале од остров до остров со чамец, а на копно користеле велосипед. Сѐ уште се сеќаваат на првиот пат кога ги возеле велосипедите. Поминале околу 30 километри, возејќи по стрмни ридови на многу жешко време. Даниел бил толку исцрпен што за малку ќе се онесвестел. Луѓето од народот Нгабе на кои им проповедале биле многу гостопримливи, особено откако брачниот пар научил некои изрази на локалниот јазик. За кратко време почнале да водат 23 библиски курсеви.
Кога им се потрошила заштедата, нивната радост се претворила во тага. Даниел вели: „Со солзи во очите почнавме да размислуваме за тоа дека треба да се вратиме во Шпанија. Многу ни беше жал што моравме да ги оставиме оние со кои ја проучувавме Библијата“. Но по еден месец, добивме радосна вест. Мирјам вели: „Бевме поканети да служиме како специјални пионери. Колку се израдувавме што можевме да останеме на задачата!“
НИВНАТА НАЈГОЛЕМА РАДОСТ
Поради промените во нашата организација, Даниел и Мирјам морале да престанат да служат како специјални пионери во 2015 год. Што сториле? Тие имале доверба во ветувањето од Псалм 37:5, каде што стои: „Префрли му ги на Јехова животните грижи, потпри се на него, и тој ќе ти помогне“. Даниел и Мирјам нашле работа со која можеле да се издржуваат како општи пионери, и денес служат во едно собрание во Верагвас (Панама).
Даниел вели: „Пред да си отидеме од Шпанија, не бевме сигурни дали ќе можеме да водиме едноставен живот. Денес, живееме на тој начин и не ни недостасува ништо што е вистински важно“. Што им носи најголема радост? Тие велат: „Не постои поголема радост од тоа да им се помага на понизните луѓе да учат за Јехова!“