Поглед во светот
Поглед во светот
◼ Во светот, секој ден има 5,7 милиони обиди да се измамат корисниците на Интернет (MAGAZINE, ШПАНИЈА).
◼ „Во 2005 година, веќе осма година по ред, бројот на самоубиства во Јапонија беше над 30.000.“ Јапонија има една од највисоките стапки на самоубиство во светот (MAINICHI DAILY NEWS, ЈАПОНИЈА).
◼ „Во последниве 500 години, активноста на луѓето доведе до исчезнување на 844 видови животни и растенија“ (IUCN, WORLD CONSERVATION UNION, ШВАЈЦАРИЈА).
◼ Според проценките на владата, 6 отсто од Британците — и мажи и жени — се хомосексуалци. Законот што беше донесен во 2005 година „им дозволува на партнери од ист пол ‚да се венчаваат‘“ и им дава слични права како и на хетеросексуалните брачни двојки (THE DAILY TELEGRAPH, АНГЛИЈА).
Глечерите се движат побрзо
Списанието Science известува: „Неколкуте големи глечери што ја сочинуваат Гренландската ледена покривка се движат сѐ побрзо“. Сателитските снимки покажуваат дека во последниве пет години, брзината на неколку гренландски глечери се зголемила скоро за двапати, достигнувајќи до 12 километри годишно. Во последниве десет години топењето на ледената маса порасна од 90 на 220 кубни километри годишно. Затоа, научниците велат дека „моменталните проценки за покачувањето на морското ниво во иднина се премногу ниски“.
Црквите слават во чест на Дарвин
Речиси 450 „христијански“ цркви во Соединетите Држави во февруари 2006 година го прославија 197-от роденден на Чарлс Дарвин. Во тој настан беа вклучени „програми и проповеди чија цел беше да истакнат дека неговата теорија за биолошка еволуција е во склад со верата и дека христијаните не мора да избираат меѓу религијата и науката“. Според весникот Chicago Tribune, Мајкл Зимерман, биолог и декан на Факултетот за литература и наука при Универзитетот во Висконсин-Ошкош, кој ја организираше прославата, рече: „Не морате да избирате. Можете да ги имате и двете“.
Неучтивост на работното место
„Поради неучтивоста на работното место една фирма може да изгуби време, труд и способни луѓе“, се вели во весникот The Wall Street Journal. Една анкета, во која беа вклучени речиси 3.000 луѓе, покажа дека преку 90 отсто од анкетираните „се соочиле со неучтивост на работа“. Половина од нив рекле дека „потрошиле дел од работното време мислејќи на непријатната случка“, „25 отсто почнале да вложуваат помалку труд во работата“, а една осмина ја напуштиле работата. Според Кристин Порат, професорка по менаџмент на Универзитетот во јужна Калифорнија, „кога вработените вложуваат помалку во работата, почесто отсуствуваат од работа, па дури и крадат, тоа може да биде показател дека една фирма има проблем со неучтивоста меѓу вработените“, се вели во овој весник.
Огромен куп со океански отпад
Во почетокот на 2006 година, огромна количина со океански отпад „отплови на југ во водите околу Хаваите, исфрлајќи купишта остатоци од рибарска опрема и пластични отпадоци на плажите на островот“, известува весникот The Honolulu Advertiser. Морските струи носат голем дел од отпадот што се наоѓа во северниот Тихи Океан, во еден мирен дел од океанот, но под извесни атмосферски услови, тој е носен накај Хаваите. Во 2005 година, „беа најдени преку 2.000 парчиња ѓубре“, како и над 100 рибарски мрежи. Ова ѓубре го загрозува живиот свет во морето. Чарлс Мур, основач на Фондацијата за поморски истражувања Алгалита, вели: „Во океаните веќе нема риби што јадат природна храна. Сите јадат парчиња пластика“.