Свила — „кралица на ткаенините“
Свила — „кралица на ткаенините“
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈАПОНИЈА
НЕКОИ од најубавите облеки во светот — вклучувајќи го и јапонското кимоно, индиското сари и корејскиот ханбок — имаат нешто заедничко. Најчесто тие се направени од свила, блескава ткаенина што е наречена кралица на ткаенините. Од припадниците на царските семејства во минатото па сѐ до обичниот човек во денешно време, луѓето од целиот свет ѝ се восхитуваат на елеганцијата на свилата. Но, не било отсекогаш толку лесно да се дојде до неа.
Во старо време, свилата се произведувала само во Кина. Никој друг не знаел да ја произведе, а ако некој од Кина ја откриел тајната на одгледувањето на свилената буба, можел да биде погубен како предавник. Не е ништо чудно што поради ваквиот монопол на производството на свила таа станала многу скапа. На пример, во Римското Царство свилата вредела злато.
Со текот на времето, Персија стекнала контрола над трговијата со сета свила што се извезувала од Кина. Но, цената сѐ уште била висока, а обидите да се одминат персиските трговци биле безуспешни. Тогаш византискиот император Јустинијан смислил еден план. Некаде во 550 година од н.е., тој испратил двајца калуѓери во една тајна мисија во Кина. Тие се вратиле по две години. Во шуплините на нивните бамбусови стапови било скриено богатството што императорот го чекал толку долго време — јајца од свилена буба. Тајната била откриена. Монополот над производството на свила завршил.
Тајната на свилата
Свилата се добива од свилената буба. Има стотици видови свилени буби, но научното име на онаа што дава најквалитетна свила е Bombyx mori. За да се направи свилена ткаенина потребни се прилично голем број свилени буби, па така се развило свиларството, односно одгледувањето свилени буби. Фамилијата на Шоичи Кавахарада, која живее во префектурата Гума, во Јапонија, е едно од приближно 2.000-те домаќинства во оваа земја што сѐ уште ја извршуваат оваа напорна работа. Неговата двокатна куќа, која е идеално изградена за свиларство, се наоѓа на еден рид што гледа кон една шумичка од црници 1).
Женката на свилената буба полага околу 500 јајца, и секое од нив е големо
колку глава од шпенадла 2). По околу 20 дена, јајцата се изведуваат. Малите свилени бубалки имаат незаситен апетит. Ден и ноќ јадат листови од црници — и ништо друго освен листови од црници 3) и 4). За само 18 дена, свилените буби ќе пораснат 70 пати повеќе од првобитната големина и ќе ја имаат сменето својата кожа четири пати.На фармата на г-н Кавахарада се одгледуваат околу 120.000 свилени буби. Шумот што се слуша додека јадат е сличен на звукот што го испушта пороен дожд што паѓа врз лисја. Кога ќе порасне, тежината на свилената буба ќе се зголеми за 10.000 пати! Тогаш е спремна да испреде кожурец.
Тивки предачи
Кога ќе порасне, свилената буба станува проѕирна, што е знак дека е време да почне да преде. Кога свилените буби ќе се вознемират и ќе почнат да бараат место каде што ќе почнат да го прават својот кожурец, спремни се да се качат на една преграда што има многу четириаголни отвори. Таму почнуваат да го испуштаат својот тенок, бел конец 5)‚ и се обвиткуваат во свила.
Сега г-н Кавахарада е најзафатен, бидејќи сите 120.000 свилени буби почнуваат да предат отприлика во исто време. Редови и редови прегради висат во свежиот, проветрен таван на вториот кат од куќата 6).
Во меѓувреме, во свилената буба се случува една чудесна промена. Од листовите од црница што ги изџвакале се создал фиброин, еден протеин што е складиран во две жлезди што се протегаат по целата должина на гасеницата. Кога фиброинот ќе помине низ овие жлезди, се обложува со една гумена супстанција наречена серицин. Пред да излезат од органот што
лачи свила, кој се наоѓа во устата на бубата, две влакна фиброин се залепуваат со помош на серицинот. Кога ќе дојде во допир со воздухот, оваа течна свила се стврднува и од неа настанува конец.Штом свилената буба ќе почне да прави свила, не може да престане. Таа преде со брзина од 30 до 40 сантиметри на минута, и за сето време ја ниша главата. Според една статија било проценето дека свилената буба ќе ја заниша главата околу 150.000 пати додека не заврши со својот кожурец. По два дена и две ноќи предење, свилената буба ќе напрви еден конец долг 1.500 метри. Тоа е отприлика колку четири високи облакодери!
Само за една седмица, г-н Кавахарада ќе ги собере своите 120.000 кожурци, кои потоа ќе ги испрати да се користат во натамошниот процес на производство. Потребни се околу 9.000 кожурци за да се направи едно кимоно и околу 140 за да се изработи вратоврска, а за свилена марама треба повеќе од 100.
Како се прави свилената ткаенина
Процесот кога свилата се одмотува од кожурецот и се пренесува на макара се нарекува мотање. Како започнало мотањето на свилата? Има многу митови и легенди. Според една легенда, кинеската императорка Жи Линг-Ши забележала дека во нејзината шолја чај паднал кожурец од една црница. Кога го вадела, видела дека од него излегол еден тенок свилен конец. Така започнало мотањето, процес што денес се извршува машински.
За да можат кожурците да се продаваат на пазарот, куклите во нив мораат да се убијат пред да се изведат. За да се изврши оваа сурова задача, се користи топлина. Кожурците што имаат некој недостаток се тргаат, а оние што остануваат се спремни за преработка. Прво, кожурците се ставаат во топла вода или пареа за да се олабави конецот. Потоа, со помош на четки што се вртат се фаќа почетокот на конецот 7). Во зависност од тоа колку дебели сакаме да бидат, се спојуваат конците од два или три кожурци за да се направи една преѓа. Преѓата се суши додека се мота на макара. Непреработената свила повторно се мота на еден поголем калем, и се прави клопче со саканата должина и тежина 8) и 9).
Кога ќе си ја допрел со прстите, свилата можеби ти се чинела толку мазна и мека што ти доаѓало да го допреш лицето со неа. Кои фактори придонесуваат за нејзиниот специфичен состав? Еден фактор е дегумирањето, односно отстранувањето на серицинот со кој е обложен фиброинот. Свилата од која не бил отстранет серицинот е порапава и тешко се бои. Шифонот има зрнеста структура, бидејќи во него останал дел од серицинот.
Вториот фактор е колку пати ќе се премота преѓата. Јапонската ткаенина што се нарекува хабутаи е мека и мазна кога ќе се допре. Таа не била многу премотувана. За разлика од неа, крепот е крут и набран. Тој бил премотуван повеќепати.
Боењето е уште еден многу важен процес. Свилата лесно се бои. Структурата на фиброинот овозможува боите да се впијат длабоко, и тогаш се постигнува одлична постојаност на бојата. Освен тоа, за разлика од синтетичките ткаенини, свилата има и позитивни и негативни јони, што значи дека речиси секое боење ќе биде успешно. Свилата може да се бои додека е преѓа, пред да се исткае на разбој 10)‚ или по ткаењето, кога ќе стане парче ткаенина. Со помош на прочуената техника за боење на кимоната, наречена јузен, откако ќе се исткае свилата рачно се цртаат и се бојат прекрасни мотиви.
Иако голем дел од свилата се произведува во Кина и Индија, модните креатори во Франција и Италија сѐ уште се на прво место во светот во дизајнирањето на свилата. Се разбира, денес вештачките ткаенини како што се вискозата и најлонот го снабдуваат конфекцискиот пазар со многу евтини ткаенини. Меѓутоа, ниедна ткаенина не е како свилата. „Дури и со сегашниот напредок на науката, свилата не може да се произведе вештачки“, вели кураторот на Музејот на свилата во Јокохама, во Јапонија. „Знаеме сѐ, од нејзината молекуларна формула до нејзиниот состав. Но, не можеме да ја направиме. Тоа го нарекувам тајната на свилата“.
[Рамка/слика на страница 26]
СВОЈСТВА НА свилата
Цврстина: Свилата е цврста како челично влакно со исти димензии.
Блескавост: Свилата има елегантен сјај на бисер. Тој доаѓа од повеќеслојната, призмична структура на фиброинот, кој ја распрснува светлината.
Нежна за кожата: Аминокиселините од кои се состои свилата се нежни за кожата. Се вели дека свилата штити од различни кожни заболувања. Некои козметички препарати се направени од свилен прав.
Впива влага: Аминокиселините и ситните празнини во свиленото влакно впиваат и испуштаат голем дел од потта. Затоа сте суви и удобно ви е кога е жешко.
Отпорна на топлина: Свилата не гори лесно и не испушта токсични гасови ако се случи да се запали.
Штити: Свилата ги апсорбира ултравиолетовите зраци и така ја штити кожата.
Не собира брзо статички електрицитет: Свилата содржи и позитивни и негативни јони и ја впива влагата, па затоа не собира брзо статички електрицитет, како некои други ткаенини.
ОДРЖУВАЊЕ НА свилата
Перење: Обично е најдобро свилената облека да се даде на хемиско чистење. Ако ја перете дома, користете неутрален детергент и топла вода (околу 30 Целзиусови степени). Нежно допирајте ја ткаенината и не ја гмечете ниту цедете со раце. Нека се суши на воздух.
Пеглање: Кога ќе ја пеглате, ставете некое крпче врз свилата. Обидете се да пеглате во правец на ткаењето со температура од околу 130 Целзиусови степени. Користете само малку пареа, или пеглајте без пареа.
Отстранување на дамки: Ако мора веднаш да се стори нешто, ставете ја свилената ткаенина свртена со лицето надолу врз некое суво крпче. Од опачината нежно потчукнувајте ја со влажно крпче, но не тријте. Потоа дајте ја на хемиско чистење.
Чување: Избегнувајте да ја чувате на влажно место, внимавајте на молци и избегнувајте да ја изложувате на светлина. Користете закачалки обложени со сунѓер, или здиплете ја со колку што е можно помалку рабови.
[Слика на страница 25]
Свилени кожурци
[Извори на слики на страница 26]
Фотографии 7-9: Matsuida Machi, Annaka City, Gunma Prefecture, Japan; 10 и снимката одблиску: Kiryu City, Gunma Prefecture, Japan