Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Митови и факти за постарите лица

Митови и факти за постарите лица

Митови и факти за постарите лица

Има премногу митови за староста. Стареење — отфрлање на митовите (Ageing—Exploding the Myths), публикација на Програмата за стареење и здравје при Светската здравствена организација, ја разоткрива заблудата на некои од овие митови. Да разгледаме неколку примери.

Мит: Повеќето постари луѓе живеат во индустријализираните земји.

Факт: Всушност, повеќе од 60 проценти од 580-те милиони постари лица во светот живеат во неразвиените земји. Сѐ повеќе луѓе во овие земји доживуваат старост како резултат на подобрената здравствена нега и санитарна заштита, станбени услови и исхрана.

Мит: Постарите луѓе не можат да дадат никаков придонес.

Факт: Постарите луѓе даваат значителен придонес извршувајќи работа за која не се платени. На пример, се проценува дека за 2 милиона деца во Соединетите Држави се грижат нивните баба и дедо, а 1,2 милиона од нив живеат кај баба им и дедо им. Значи, постарите обезбедуваат кров над глава, храна и образование и им пренесуваат културни вредности на своите внуци, додека на мајките и на татковците им овозможуваат да останат во работен однос. Исто така, во индустријализираниот свет, многу доброволни организации не би функционирале без придонесот на постарите луѓе. Тие се многу потребни и како лица што преземаат грижа. Во некои земји во развој, каде што 30 проценти од возрасното население е заразено од СИДА, постарите луѓе се грижат за своите инфицирани возрасни деца, по чија смрт ќе треба да ги подигаат внуците што останале сирачиња.

Мит: Постарите луѓе го прекинуваат работниот однос затоа што повеќе не можат да ги извршуваат своите работни задачи.

Факт: Тие почесто прекинуваат со работен однос заради недоволно образование или обука или заради предрасуди кон постарите, а не заради самата старост.

Мит: Постарите луѓе не сакаат да работат.

Факт: Постарите честопати се исклучени од платените работни места и покрај нивната спремност и способност да продолжат да работат. Особено кога владее невработеност, честопати се аргументира дека постарите треба да го напуштат платеното вработување за да се ослободат места за помладите што бараат работа. Меѓутоа, раното повлекување на постарите работници од работното место не значи дека автоматски ќе има работа за младите. Еден помлад невработен што бара работа можеби нема да ги има вештините што се потребни да го заземе местото на некој постар работник. Искусните постари работници помагаат да се обезбеди одржување на продуктивноста и стабилноста на работната сила.

Имајќи ги на ум овие факти, забележува Светската здравствена организација (СЗО), светот треба да гледа на остареното население како на извор на вештини што можат добро да се искористат. Затоа, Александар Калаш, водач на групата при СЗО на Програмата за стареење и здравје, забележува дека „земјите . . . не треба да гледаат на постарото население како на проблем туку како на потенцијално решение на проблемите“. И ова е факт.