Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 40

Како да го израдуваме Бог

Како да го израдуваме Бог

ШТО можеме да направиме ние за да го израдуваме Бог? Можеме ли да му дадеме нешто?— Јехова вели: „Мои се сите шумски животни“. Исто така, тој вели: „Златото е Мое, среброто е Мое“ (Псалм 24:1; 50:10NW; Агеј 2:8). Сепак, има нешто што можеме да му дадеме на Бог. Што е тоа?—

Јехова ни дозволува да избереме дали ќе му служиме или не. Тој не нѐ присилува да го правиме она што тој го сака. Да пробаме да откриеме зошто Бог нѐ направил такви да можеме да избереме дали ќе му служиме или не.

Можеби знаеш што е робот. Тоа е една машина што може да прави сѐ што ќе посака оној што ја направил. Значи, роботот нема избор. Јехова можел да нѐ направи сите да бидеме како роботи. Можел да нѐ направи такви што ќе сме го правеле само тоа што тој сака да го правиме. Но, Бог не го направил тоа. Знаеш ли зошто?— Па, некои играчки се како роботи. Кога ќе се притисне копчето, тие го прават токму она за што ги наменил творецот на играчката. Дали си видел таква играчка?— Честопати на луѓето им станува здодевно да си играат со играчка која го прави само она за кое е направена, или програмирана. Бог не сака да му бидеме послушни затоа што сме роботи кои се програмирани да му служат. Јехова сака да му служиме затоа што го сакаме и затоа што сакаме да му бидеме послушни.

Зошто Бог не нѐ направил да бидеме како овој робот?

Што мислиш, како се чувствува нашиот небесен Татко кога сме му послушни затоа што сакаме да му бидеме послушни?— Па, кажи ми, како влијае твоето однесување врз твоите родители?— Библијата вели дека мудриот син „го радува таткото“, но дека безумниот син „е тага за својата мајка“ (Пословици 10:1). Дали си забележал дека кога го правиш она што мама и тато го бараат од тебе, тоа ги радува?— Но, како се чувствуваат тие кога не си им послушен?—

Како можеш да ги израдуваш и Јехова и твоите родители?

Сега, да размислиме за нашиот небесен Татко, Јехова. Тој ни кажува како можеме да го израдуваме. Да ја земеме Библијата и да отвориме во Пословици 27:11. Таму Бог ни вели: „Биди мудар, сине мој [или, можеме да кажеме и ‚ќерко моја‘] и зарадувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној, кој ме укорува [исмејува, NW]“. Дали знаеш што значи некој да биде исмејуван?— Па, некој може да те исмејува така што ќе ти се смее и ќе ти вели дека не можеш да направиш нешто што си рекол дека можеш да го направиш. Како Сатана го исмејува Јехова?— Да видиме.

Сети се, во 8. поглавје од оваа книга видовме дека Сатана сака да биде број еден и дека сака сите да му бидат послушни. Сатана вели дека луѓето го обожаваат Јехова само затоа што тој ќе им даде вечен живот ако го прават тоа. Откако ги навел Адам и Ева да му бидат непослушни на Јехова, Сатана му упатил предизвик на Бог. Му рекол: ‚Луѓето ти служат само заради она што го добиваат од тебе. Само дај ми шанса, и јас можам сите да ги одвратам од тебе‘.

Откако Адам и Ева згрешиле, како Сатана му упатил предизвик на Јехова?

Точно, токму овие зборови не се наоѓаат во Библијата. Но, кога читаме за Јов, станува јасно дека Сатана му рекол такво нешто на Бог. Навистина било важно, и за Сатана и за Јехова, дали Јов му е верен на Бог или не. Ајде да ги отвориме нашите Библии во Јов, поглавја 1 и 2, и да видиме што се случило.

Забележи во Јов, 1. поглавје, дека кога ангелите доаѓаат кај Јехова и Сатана е таму, на небото. Така, Јехова го прашува Сатана: „Од каде доаѓаш?“ Сатана одговара дека разгледувал по земјата. Затоа Јехова го прашува: ‚Дали го забележа Јов, дека ми служи и не прави ништо лошо?‘ (Јов 1:6-8).

Сатана веднаш бара изговор. ‚Јов те обожава само затоа што нема никакви проблеми. Ако ја повлечеш својата заштита и благослов од него, тој ќе те проколне в лице‘. Јехова одговара: ‚Добро, Сатано, можеш да му правиш сѐ што сакаш, но него лично немој да го повредиш‘ (Јов 1:9-12).

Што прави Сатана?— Прави некои луѓе да му ги украдат воловите и магарињата на Јов и да ги убијат оние што ги чувале. Потоа, удира молња и ги убива неговите овци и пастирите. Подоцна, доаѓаат некои луѓе, ги крадат камилите, и ги убиваат луѓето што ги чувале. На крајот, Сатана предизвикува една силна бура која ја урива куќата каде што се наоѓаат десетте деца на Јов, и сите тие умираат. И покрај сето ова, Јов продолжува да му служи на Јехова (Јов 1:13-22).

Кога Сатана повторно доаѓа пред Јехова, Јехова укажува на тоа дека Јов сѐ уште е верен. Сатана наоѓа изговор, велејќи: ‚Ако само ми дозволиш да го повредам неговото тело, тој ќе те проколне в лице‘. Затоа Јехова му дозволува на Сатана да го повреди Јов, но го предупредува да не го убие.

Што издржал Јов, и зошто тоа го радувало Бог?

Сатана го разболува Јов така што на целото тело му се појавуваат рани. Тие толку лошо мирисаат што никој не сака да му се приближи. Дури и неговата жена му вели: „Проколни Го Бога и умри!“ Оние што се преправаат дека му се пријатели, доаѓаат да го посетат Јов и прават да се чувствува уште полошо со тоа што му велат дека сигурно направил многу лоши работи, па затоа има толку многу проблеми. Меѓутоа, и покрај сите проблеми и болки што Сатана му ги нанел, Јов продолжува верно да му служи на Јехова (Јов 2:1-13; 7:5; 19:13-20).

Што мислиш, како се чувствувал Јехова кога видел дека Јов му останал верен?— Тоа го радувало бидејќи Јехова можел да му рече на Сатана: ‚Погледни го Јов! Тој ми служи затоа што сака‘. Ќе бидеш ли и ти како Јов, човек што Јехова можел да го покаже како пример кој докажал дека Сатана е лажливец?— Навистина, предност е да се даде одговор на тврдењето на Сатана дека тој може да ги одврати сите од служењето на Јехова. Исус сигурно го сметал тоа за предност.

Големиот Учител никогаш не дозволил Сатана да го натера да стори нешто погрешно. Помисли само колку неговиот пример го израдувал неговиот Татко! Јехова можел да покаже на Исус и да му одговори на Сатана: ‚Погледни го мојот Син! Тој задржа совршена верност кон мене затоа што ме сака!‘ Помисли и на тоа колкава радост има Исус затоа што го радува срцето на својот Татко. Поради таа радост, Исус претрпел дури и смрт на маченички столб (Евреите 12:2).

Дали сакаш да бидеш како нашиот Голем Учител и да го израдуваш Јехова?— Тогаш, продолжи да учиш за она што Јехова сака да го правиш и израдувај го со тоа што ќе постапуваш така!

Прочитај што сторил Исус за да го израдува Бог и што треба да правиме и ние, во Пословици 23:22-25; Јован 5:30; 6:38; 8:28 и 2. Јованово 4.